логоFacebookTwitterYouTubeeMail


 Bogorodica.Asirska.jpg

Митрополит Европски Пимен
За неопходноста од постојаното сведоштво на Бог

Неодамна бев запрашан, имаме ли придобивка од читање на житијата на светиите и која е? Секако дека имаме, и тоа многукратна придобивка. Прво, тоа ни ја буди верата, а и ни нуди одговори на многу прашања. На пример, кога читаме за храброто сведочење на верата од страна на светителите во првите три века на Црквата, кои не ја жалеле својата младост за да наследат вечна младост во Царството Небесно, во нас се разгорува ревноста кон Бог, а преку тоа добиваме и одговор на толку често поставуваното прашање: зошто некој кој бил добар христијанин млад починал, а некој кој бил лош човек долго живеел?; и уште треба да се има на ум дека Бог не ја сака смртта на грешникот, туку сака секој да се покае, па затоа и нè дарува со повеќе време на земјата – и веќе одговорот е комплетен. Потоа, кога читаме за доброволното сиромаштво, подвизите и крајното смирение на преподобните отци и мајки наши низ сите векови, гледаме дека човек колку и да е грешен и колку порано да стоел далеку од Бог и свесен за својот грев, секогаш има можност да се покае, да се преобрати во верата и да стигне до светоста – па се буди во нас надежта во семоќната љубов Божја, која го покрива гревот т.е. дека ако искрено се покаеме, Бог со радост ќе го прими тоа од нас, па затоа со покајанието го менуваме, односно преумуваме нашиот начин на живот. Кога читаме пак, за чистотата на верата исповедана од страна на светите Отци на Црквата Божја, учиме многу догматски вистини, поточно би рекол многу сведоштва со живот, а верата ни станува појасна... Но, поради претпазливост секако треба да се има на ум и следново: Даровите се различни, но Дародателот е еден и ист. И во тоа свое изобилно дарување Дародателот, Светотроичниот Бог, како Првоначален Креатор, Творец, Создател на сè видливо и невидливо од вечноста преку созданието на Адам до денес, а и до последниот човек кој ќе се роди на земјава нема да повтори ниедна личност. Секој човек е даруван со посебна, различна и неповторлива личност, па сходно на тоа нема ни идентичен начин во подвигот на спасение. Имајќи го ова предвид, ќе знаеме да ја избегнеме следнава замка, дека неразумно е да прочитаме некое житие на светител, па да почнеме да го имитираме т.е. копираме истиот и да очекуваме дека благодарение на успешната имитација и ние на идентичен начин ќе се спасиме. Друга позитивна страна од читањето на житијата е што тоа може многу да ни помогне во трагањето по единството со Бог, со констатацијата дека ние не ја откриваме „топлата вода“ во духовниот живот, односно трудејќи се во трагањето по уникатен, соодветен само за нас и неповторлив подвиг во верата, па на тој начин во барањето на уникатноста да го промашиме времето дадено од Бог во коешто треба да поработиме на нашиот залет кон вечноста. Сега, велат дека времето е релативна работа. Некои народи тоа особено го потенцираат кога зборуваат за тоа  дека имаат долга и надалеку позната историја. Па така некој ќе рече дека и 1100 години не се не знам колкава историска дистанца. Некој можеби досетливо ќе рече дека и минута е премногу во зависност од тоа од која страна на светот се наоѓаш, а јас ќе речам дека тоа и навистина не е ништо во однос на вечноста, кон која ние Христијаните се стремиме во Царството Божјо. Но, ако времето е релативно, секако не е релативна и светоста на некоја личност којашто живеела во одреден историски период во Црквата, а особено кога таа личност преку себе Го посведочила Христос и со тоа придонела во проширувањето на стадото Христово. А, ако таа личност придонела не само во поглед на мисијата Христова туку и во многу други области, тогаш навистина доаѓаме до сознание дека не нè спасува времето во коешто живееме, туку нашата огнена вера потврдена со нејзиното сведочење преку постојаниот наш подвиг на љубовта во Христа Исуса. Ова е во контекст на тоа дека проучувањето на житијата може во многу да ни помогне со тоа што подвигот на еден светител наместо да го копираме можеме да го осовремениме, да го прилагодиме на современите начини на живот, на проповед, на мисија. Особено можеме да ја употребиме, да ја осовремениме методологијата која од свети апостол Павле, па преку бројни светители низ вековите секогаш повторно се осовременувала – секому бев сè, та некако да го придобијам – а која треба да биде императив и за нас, денешните членови на Црквата.
Погоре споменав период од 11 века со цел како конкретен пример да наведам едно житие старо 1100 години, а од кое може да се земе пример за успешна просветителска мисија, која постојано и постојано треба да се повторува. Така, во житието на свети Наум Охридски ќе прочитаме дека светителот на бреговите на Охридското Езеро народот го остручувал во овоштарството т.е. во неговото унапредување преку калемењето на овошките, сигурно не сметајќи дека тоа е неопходно за спасението, туку тоа го користел како начин да се приближи до народот; луѓето пак, чувствувајќи дека овој човек им е близок и им помага што повеќе да произведат и да заработат за живот, полека се отвораат кон него и на тој начин ќе прашаат и за Бог и за исповедањето на неговата вера, која ја живее. Потоа на истиот народ преку својата просветителска и описменувачка мисија ќе му ја даде азбуката, која за таа намена била и создадена; ќе го научи самостојно да ги чита првите преводи на Божествените Писанија, како и неговите авторски дела, знаејќи дека прочитаното потоа ќе се прераскажува, и на тој начин стадото Христово ќе станува сè побројно и побројно. И во областа на неимарството ќе направи значаен чекор овој угодник Божји, градејќи го прекрасниот манастир на бреговите на Охридското Езеро како прибежиште на сите оние што откако Христа Го спознале, посакале животот свој на Христа Бога да го предадат. За оние пак, кои никако не сакале да веруваат, Бог го дарувал и со дарот на чудотворството, та и на тој начин некој да се приведе кон верата Христова. Неговата усрдна помош продолжува и по неговото блажено упокојување кон секого од нас што со вера пристапуваме кон него.
Зарем не е потребно и ние денес да се приближиме кон народот најнапред со хумана мисија, нахранувајќи гладни преку народните кујни, помагајќи во лечењето на болестите на зависност, посета на затвори и болници, односно давајќи поука не само во храмот, од амвонот. Поуката не треба да ја слушаат само оние кои дошле во храмот, туку да се приближиме повеќе до народот, и на тој начин да нè прашаат нешто повеќе за верата, та заедно да растеме во верата Христова. Зарем не треба или не можеме да го осовремениме ваквиот пример на свети Наум? Пак ќе се навратам на неговото житие. Интересно е што во житието не го наоѓаме неговото точно место на раѓање, но тоа пак треба да нè научи дека не нè спасува местото т.е. просторот на раѓање, ниту тоа дали таа негова земна татковина е спомената во Библијата неколку пати или пак воопшто не е спомената – бидејќи имаме денес светители од територии што не биле ниту откриени кога се пишувало Светото Писмо – туку дека спасува верата. На уште еден момент од неговото житие би се задржал, каде како донатор на камбаната во манастирот се јавува еден богат Турчин од Ресен, од семејството Зизо, кој камбаната ја подарил бидејќи неговиот брат се исцелил по молитвите на овој светител; затоа ова чудо треба да нè научи дека не смееме да ја оттргнуваме нашата помош и кон иноверните, посебно во овие денови кога верата зазема правец на фундаментализам, бидејќи само тоа е начин да ја посведочиме љубовта, за која Христос ни заповеда да ја сведочиме.
Сега, ако времето во кое се подвизуваме во верата е релативно, а местото на раѓање и живеење е ирелевантно, и ако тоа што сме православни не значи дека треба да ги љубиме само нашите собраќа од верата Христова, туку и иноверните браќа според образот Божји во секој човек и личност, а кои ни се ближни затоа што се наши соседи, повеќе од сигурно е дека ние, денешните пастири на Црквата можеме и мораме да ја осовремениме проповедта и мисијата на ширење на верата Христова за да можеме со право да се наречеме најпрво православни Христијани, а потоа и духовни чеда на свети Наум, бидејќи такви не сме по раѓање, туку по следењето на неговиот подвиг во верата. Та и Светото Писмо нè учи дека мнозина сонародници Христови отпаднаа од верата, дури и ученикот кој беше покрај Него, па Го предаде, а Царството Небесно го наполнија јазичниците кои поверуваа во Него.

 

Извор: ПРЕМИН бр.65-66

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Април 07, 2021
Aleksandar.N.sv.Haralampij

Збирка раскази „Фауст го трча плебејскиот круг“ (Faustus Runs the Plebeian Circle)-Стефан Марковски

Збирката раскази по промотивна цена е дистрибуирана и на повеќе книжевни платформи, како Barnes and Noble, Vivlio, Apple Books, Thalia, Kobo, Booktopia, Weltbild, Paagman, Ibs, Indigo и други. На македонски јазик книгата која инкорпорира 6 приказни, како…
Април 04, 2021
Aleksandar.N.sv.Haralampij

Книгата може да им помогне на децата да си го изградат идентитетот

Секоја генерација на деца има свои проблеми и затоа треба авторите да ги следат денешните деца и да знаат што тие сакаат да прочитаат. Авторите од западноевропските земји се многу похрабри и добро е што издавачите прават напори да ги преведат, но им…

Соопштени европските награди за драмски превод за 2021 година, меѓу нив три на македонски јазик

Мар 22, 2021 Литература 220
Aleksandar.N.sv.Martinijan6
Исто така, меѓу најдобрите од два други јазични комитета се најдоа и преводите на две…

Македонскиот поет Игор Крајчев е поет на неделата на престижниот британски магазин “The Poet Magazine”

Мар 22, 2021 Литература 206
Aleksandar.N.sv.Haralampij
Инаку. ова застапување на македонскиот поет Игор Крајчев во британскиот магазин, доаѓа…

Истражување на Харвард: Кои луѓе се посреќни, оние со повеќе време или оние со повеќе пари?

Мар 22, 2021 Друго од култура 248
Aleksandar.N.sv.Haralampij
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои имаат најмногу животни исполнувања повеќе…