логоFacebookTwitterYouTubeeMail


 Bogorodica.Hristos.c.jpg

Митрополит Европски ПИМЕН
11 септември
Историјата на човештвото изобилува со значајни датуми. Исто така, полна е со значајни и херојски личности, но и со луѓе кои остануваат запаметени можеби по само еден непромислен потег во нивните животи, без разлика кои и какви им биле нивните општествени функции или што биле споменати во некоја историска книга, па дури и во најчитаната книга на земјата, Библијата. Пример за таков човек е царот Ирод. Ем царувал, ем е личност што се споменува во Новиот Завет, но...  Во Светото Писмо за него стои дека со задоволство го слушал светиот Претеча и многу работи вршел, и откако ќе го слушнел, се боел од зборовите и укорите на свети Јован Крстител, знаејќи го дека е човек праведен и свет (сп. Марко 6, 20). А укорот што свети Јован го упатувал кон него бил за неговото неморално живеење со незаконитата сопруга Иродијада, жена на неговиот брат Филип. Царот се боел и не се осудувал да го замолкне Пророкот бидејќи го чувствувал како своја совест, совест која го наведувала на морален живот и покајание. Поради тоа и го почитувал и се плашел од него, како и секој човек што ја почитува и се плаши од својата совест. Но, колку што тој не сакал да ја замолкне совеста, толку неговата незаконита сопруга Иродијада сакала да го стори тоа за да си ја зачува својата позиција, што пак го нагласувало нејзиното славољубие. Таа, самата знаејќи дека Ирод во себе го имал она за кое го опоменувал свети Јован – сластољубието, дочекала погоден момент кога Ирод бил подготвен на секакво ветување за да си го задоволи сластољубието, па ја испратила својата ќерка Саломија да танцува пред него и пред гостите кои го прославувале неговиот роденден. И кога страста му го обземала умот, а алкохолот ја заматил совеста, произлегло она неразумно ветување за давање сè што ќе посака Саломија, сè што ќе побара од него. Иродијада го искористила тој момент за преку својата ќерка да ја побара главата на Крстителот т.е. побарала царот Ирод да се ослободи од совеста; а што можело во тие моменти да ја убие совеста, ако не суетата – суетата на царот дека е срамно да си го повлече царскиот збор и даденото ветување дека сè ќе даде, дури и половина царство. Ветувањето кое се дало пред гостите и суетното стоење зад дадениот збор е тој момент кога се случува онаа победа на суетата над совеста. Па така и покрај тоа што во Новиот Завет царот Ирод се споменува во три од четирите евангелија (Матеј 14, Марко 6, Лука 3), тој останува запаметен само по убиството на свети Јован Крстител, а во аскетско-исихастичкото толкување – како убиец на совеста.
Но, дали тоа било само еднократна победа на суетата над совеста или еднократно убивање на совеста, дали тоа било само еден историски настан или пак процес кој постојано трае? Црквата, во својата спасителна мисија на земјата во подготовката за приведување на народот Божји кон Царството Небесно, опоменува на моралот, укорува за секоја девијантна појава, го повикува народот кон покајание, и со самото тоа е совест на општеството. И сега ако таа е совеста како своевремено свети Јован Претеча, тогаш кој би бил Ирод во денешно време? Во Ирод тогаш ќе се препознае секој човек кој без грижа на совеста ќе посегне по нејзиното замолкнување, без оглед дали е тоа општественото уредување, дали е тоа секуларната власт, разните судови со своите извршни одлуки или пак разноразни здруженија на граѓани и медиуми кои се во постојана трка за нејзино дискредитирање насекаде низ светот, без разлика дали се работи за Православната Црква, за римокатоличката или за некоја протестантска црква. А може тука да се вбројат и самостојни личности кои водат лична борба со Црквата напаѓајќи ја нејзината конзервативност на сметка на нивните прогресивни ставови. Нели во сите овие наброени дејствија насочени кон светоста на Црквата препознаваме обид за повторно и повторно отсекување на Јовановата глава, за замолкнување и убивање на совеста?
Но, каде пак можеме да препознаеме победа на суетата над совеста? Во уште еден настан кој се случи на истиот датум, само со временска дистанца од скоро два милениума. Ќе го заборавиме ли оној 11 септември (денот кога Православната Црква си споменува за отсекувањето на главата на свети Јован Крстител) кога на неколку балкански плоштади се славеа терористичките напади во САД? Кога славеа нашите суети што некој ја повреди Америка, што ја фрли на колена, а нашата совест спиеше пред суетата и немавме сочувство кон семејствата на загинатите, кога не жалевме и не се молевме за душите на упокоените? Нели е срамно најпрво како луѓе, а потоа и како Христијани да се радуваме на нападот на кулите близначки, па без разлика дали политички е оправдан нападот за некого само заради тоа што нашата суета била повредена од арогантниот однос на некоја велесила кон послабиот, кон незаштитениот. Ајде да си спомнеме за зборовите на Христа кога зборува за осумнаесетте загинати под срушената Силоамската кула, кога нè опоменува да не мислиме дека тие биле најгрешните во Ерусалим (Лука 13, 4). Единаесетти септември како датум може да остане во сеќавањето на многу луѓе по различни собитија што се случиле на тој ден или пак по нешто сосема друго, како што за моите соседи овој датум ќе биде секогаш значаен бидејќи им е домашна адреса; за ресенчани ќе е денот кога се ослободиле од окупацијата во Втората светска војна; Американците го запаметија по терористичките напади на кулите близначки; Србите – верувам, по легендарниот графит што се појави во Белград, Бине Србине, како благодарност кон Бин Ладен што удри на Америка, кога веќе тие не можеа да вратат за исто така неоправданите бомбардирања; за членовите и симпатизерите на Ал Каеда – датум што го означува почетокот на борбата против НАТО и неговиот основач САД; за Христијаните – како ден во кој е отсечена главата на светиот пророк и Претеча Господов, Јован Крстител...  
Ако не се потрудиме покрај сите овие настани по кои го паметиме 11 септември да го запаметиме и како ден кој ќе нè опоменува да ја чуваме нашата совест од погубување, од нејзиното затапување и од победата на суетата над совеста, тогаш жално само ќе можеме да констатираме дека сите препознаени во приказната сме ја отсекле одамна главата на Претечата. Додуша, има и лек, а лекот е во зборовите на Крстителот кои одекнувале во пустината: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (Матеј 3, 2).

 

Извор: ПРЕМИН бр.67/68

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Април 07, 2021
Aleksandar.N.sv.Haralampij

Збирка раскази „Фауст го трча плебејскиот круг“ (Faustus Runs the Plebeian Circle)-Стефан Марковски

Збирката раскази по промотивна цена е дистрибуирана и на повеќе книжевни платформи, како Barnes and Noble, Vivlio, Apple Books, Thalia, Kobo, Booktopia, Weltbild, Paagman, Ibs, Indigo и други. На македонски јазик книгата која инкорпорира 6 приказни, како…
Април 04, 2021
Aleksandar.N.sv.Haralampij

Книгата може да им помогне на децата да си го изградат идентитетот

Секоја генерација на деца има свои проблеми и затоа треба авторите да ги следат денешните деца и да знаат што тие сакаат да прочитаат. Авторите од западноевропските земји се многу похрабри и добро е што издавачите прават напори да ги преведат, но им…

Соопштени европските награди за драмски превод за 2021 година, меѓу нив три на македонски јазик

Мар 22, 2021 Литература 220
Aleksandar.N.sv.Martinijan6
Исто така, меѓу најдобрите од два други јазични комитета се најдоа и преводите на две…

Македонскиот поет Игор Крајчев е поет на неделата на престижниот британски магазин “The Poet Magazine”

Мар 22, 2021 Литература 206
Aleksandar.N.sv.Haralampij
Инаку. ова застапување на македонскиот поет Игор Крајчев во британскиот магазин, доаѓа…

Истражување на Харвард: Кои луѓе се посреќни, оние со повеќе време или оние со повеќе пари?

Мар 22, 2021 Друго од култура 248
Aleksandar.N.sv.Haralampij
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои имаат најмногу животни исполнувања повеќе…