логоFacebookTwitterYouTubeeMail


 

  Датум: 07.06.2011

Промоција на книгата „Документ 103“ – публицистички труд на Тина Иванова             
Четврток, 9 јуни, 20 часот.  Клуб Ла Кања – Стара скопска чаршија.
Во рамки на одбележувањето 20 години од постоењето на Музичкото радио Канал 103, ќе се случи промоција на книгата „Документ 103“ – публицистички труд на Тина Иванова, музиколог и новинар.
„Документ 103“ е сведоштво: 20 години Стотројка на 200 страници. Оваа книга е првиот отисок на субјективни судови за објективното дведецениско егзистирање на култната скопска Стотројка. За раѓањето, почетоците, неговото зреење. За ѕвездените мигови на Канал 103, за падовите и за новите почетоци. За отпорот, за борбата на стотројкашите и фановите со противниците на радиото, со системот... „Документ 103“ сведочи за турбуленциите и за убавите мигови на ова радио кое, со невиден ентузијазам на сите негови креатори, од идеја прерасна во културно движење.
Содржините во овој публицистички труд се сведоштва на авторката како и на многу некогашни и сегашни членови на радиото како:  Ангела Јовковска, Александар Станковски, Јован Миовски, Виктор Рубен,  Игор Иванов, Горан Путица, Кети Велјановска, Зоја Бузалковска, Јане Миљовски, Пеце Талевски, Диме Игњатов, Љупчо Јолевски и многу други.

Дел од воведот на „Документ 103“:
„Музичкото радио Канал 103 не е обично радио. Токму спротивното. Тоа е мошне необично за најголемниот дел од „надворешниот свет“.  Ова радио е живот за плејада негови соработници и за нивните следбеници, за неверојатно верните слушатели. Радио кое перцепцијата за надворешниот свет ја рефлектира во неговата реална димензија.“
За авторот:
Тина Иванова (1976) е музиколог и музички критичар. Изминативе 12 години работи како музички новинар во „Утрински весник“, а во последниве пет е уредник на Културната рубрика. Нејзини текстови се објавувани во повеќе македонски списанија. Пред „Утрински весник“ работи во Македонско радио во одделот за класична музика, како и во Музичкото радио Канал 103.

 

 

 

 

 

 

 

 

 



Поуки од Светите Отци

krusevoexport