
„Современи атонски подвижници“ - нова книга
21.10.2025.
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“, ja подготви и ja издаде книгата „Современи атонски подвижници“. Оваа книга ја преведе студентот на Теолошкиот факултет, Андријан Ѓорѓиев.Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231 или пак да ни пишете на нашата е-пошта: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..
Цената на книгата е 400 денари.
Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.
Предговор - „Современи атонски подвижници“
21.10.2025.Предговор на книгата „Современи атонски подвижници“
Книгата која ја имаме пред себе е дело на познатиот игумен Херувим Карамбелас (1920-1979). На 18-годишна возраст заминал на Света Гора, прошетал низ повеќе манастири и скитови, запознал многу свети монаси и духовници, и одлучил да стане монах во скитот на Света Ана. Таму поживеал само 4 години, и на само 22 години заминал од Света Гора, но не за да ја заборави, туку за да го пренесе сето насобрано искуство и знаење во светот.
Па така, иако многу млад формирал нов манастир, „Параклитос“ (Утешител), во кој за само неколку години се собрале околу 30 монаси. Во манастирот игуменот Херувим вовел строг светогорски типик, за да можат и луѓето далеку од Света Гора да вкусат од тој благодатен живот, и оваа благодат се разгорела во многу боготражителни срца кои ги наполниле монашките ќелии. Старецот бил многу строг, но и снисходлив.
Не ја убивал личносната различност на монасите, туку кон сите покажувал исклучителна почит. Кога гледал дека некој монах дава сѐ од себе но не може да ги надмине своите ограничувања, го сфаќал и не му вршел притисок, туку го оставал. Со сите свои дела, поуки и однесување се покажал како достоен наследник на прославените светогорски отци и духовници.
Се упокоил во 1979 година, оставајќи зад себе силно братство со светогорски дух и ревност.Во текот на животот постојано се сеќавал на своите учители и старци, на почетоците во монашкиот живот и за сето она што го научил таму, па за да не пропаднат овие свештени мигови и личности во заборав, почнал да ги запишува и да објавува мали книги посветени одделно на повеќе свети светогорци.
Всушност, во оваа книга се собрани дел од тие светогорски житија и поуки, за поука и сведоштво на сегашниве генерации, дека Бог е жив, и благодатта која ни ја дава во Божествената Литургија нѐ води кон вистински живот на земјава, кон живот кој не престанува ни по смртта. Поради овој залет кон вечноста многумина оставиле сѐ во светот, и семејства, и комфорен живот, и имоти, и пари и ослободени од сите грижи се насадиле на Света Гора, а процветале и дале плодови во Небесната, Триумфална црква, од каде уште повеќе се молат за сиот свет, за сите да дојдат до Богопознание и вечен живот.Книгата ја објавуваме за секоја богољубива душа, да се насладува во автентичните светогорски поуки, да го продлабочува духовниот живот според овие поуки и живи примери, и дај Боже што повеќе души да го слушнат Божјиот призив во своето срце и да ги следат овие светогорски отци. Монашкиот пат е многу тежок, исполнет со многу страдања, многу искушенија и напади од сите страни, но слатка е и благодатта која Бог им ја дава на монасите, и затоа толку млади луѓе се одлучуваат да напуштат сѐ и да го прегрнат овој суров и тежок начин на живот.Благодатта Божја и молитвите на овие свети отци да бидат со сите нас, кои се трудиме барем малку да растеме во духовниот живот, па да имаме сила и добри ориентири, та да стигнеме до мерата од возраста на растот Христов, во невечерното Царство на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
Митрополит ПовардарскиГ. Агатангел
http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe/