Православниот богословски факултет во Скопје ќе биде домаќин на меѓународната конференција „Средба со Бога: новозаветни духовности“


Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, има чест да ја најави меѓународната научна конференција „Средба со Бога: новозаветни духовности“, која ќе се одржи од 10 до 16 мај во Скопје и Охрид. Конференцијата се организира во соработка со Универзитетот во Регенсбург (Германија) и Центарот за напредни студии „Beyond Canon“, во рамките на годишната средба на Источноевропскиот комитет за соработка во новозаветните студии (EELC).


Настанот ќе започне на 10 мај со вечерна литургија во манастирот „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези, а следниот ден свеченото отворање на конференцијата ќе биде со поздравни обраќања на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, Митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, претседателот на Источноевропскиот комитет за соработка во новозаветни студии, проф. д-р Тобијас Никлас и деканот на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, проф. д-р Илче Мицевски Игнат.


Воведното предавање ќе го одржи проф. д-р Карл-Вилхелм Нибур од Универзитетот во Јена, на тема „Библиската егзегеза на Теофилакт Охридски“.
Учесниците на конференцијата со насловите на нивните излагања се прикажани подолу:


– Митрополит дебарско-кичевски г. Георгиј: „Кој ќе му каже на мојот Господ? Тој, Господ, слуша“ – Давидовиот избор во Псалм 151 од Септуагинтата
– Проф. д-р Илзе Милнер: „Царевите во средба со Бога: перспективи на старозаветната политичка теологија“
– Проф. д-р Ивајло Најденов: „Меѓу Кармил и Хорив: средбата на пророкот Илија со Бога“
– Проф. д-р Аристотел Папаниколау: „Што е обожението? Поглед од Истокот“
– Проф. д-р Андреас Детвајлер: „Верата како патување, а не како нешто однапред дадено – согледби од Посланијата до Колосјаните и Ефесјаните“
– Проф. д-р Тобијас Никлас: „Криза и каирос: перспективи на апокалипсите како литература на криза“
– Проф. д-р Космин Прикоп: „Средба со Бога во пресудни мигови: Бог како наративен елемент во Евангелието според Марко“
– Проф. д-р Маријана Картцов: „Средби и пресечни точки во Галатјаните 3–4“
– Д-р Фива Савковиќ: „Светлината што преобразува: живеење на познанието за Бога во 2 Коринтјаните“
– Проф. д-р Јан Росковец: „Никој никогаш не Го видел Бога: Јовановата христологија како водич кон средбата со Бога“
– Проф. д-р Дарко Анев: „Од егзистенцијално прашање кон сетилно искуство: егзегетска анализа на „Што барате?“ и „Дојдете и видете“ (Јован 1,38-39)“
– Александар Анисимов: „Средба со Бога преку препознавање и молитва во Јовановата традиција“
– Проф. д-р Дејан Борисов: „Константин и Божественото“
– Проф. д-р Корина Замфир и проф. д-р Дарија Сироид: „Различни духовности за мажи и жени? Пастирските посланија и Делата на Павле и Текла“
– Д-р Фјодар Литвинау: „Меѓу природниот и натприродниот оган: читање на избрани текстови од Словенската Апокалипса на Авраам“
– Проф. д-р Лаури Турен: „Средба со Бога во параболите“
– Проф. д-р Михаел Зомер: „Свет авторитет: Бог во Откровението – од империјата до поп-културата“
– Проф. д-р Карол Кулпа: „Апокалиптичната духовност на читателот преку врската меѓу седумте блаженства и седумте посланија во Јовановото Откровение“

– Одговор на излагањата: проф. д-р Маргарета Грубер
– Проф. д-р Анета Јовковска: „Детето во светлината на Новиот Завет: кон православната педагогија на љубовта, достоинството и духовната слобода“
– Проф. д-р Илче Мицевски Игнат: „Мистиката на црковното пеење во остварувањето на заедницата со Бога“
– Проф. д-р Виктор Недески: „Сликање на несоздадената светлина: исихазмот и охридската иконографија“
– Проф. д-р Стефан Гоговски: „Библиската симболика на квасниот леб во средновековната православна иконографија во Македонија“
– Проф. д-р Маркус Винцент: „Мајка ти и браќата твои стојат надвор“ – Мајстер Екхарт за обожението
– Д-р Ансгар Вухерпфениг: „Желбата како простор за средба со Бога: контекстуализирање на Римјаните 7“
– Проф. д-р Давид Цјелонтко: „Преобразувачка средба со Бога во 1 Енох 70–71“
– Д-р Јудит Кениг: „Средба со Бога – Царот: Царството Божјо во Евангелието според Марко како конкретна реалност“


Во рамките на конференцијата ќе се одржат и работни семинари, академски дискусии и посети на повеќе духовни и културно-историски локалитети во Скопје и Охрид.