ИЗЛОЖБА НА ЛИКОВНАТА КОЛОНИЈА „ГАЛИЧНИК“ — 35. И 36. СЕСИЈА
Колективна културна меморија: Постмеморија (2024–2025)
Отворање: 12 ноември 2025, во 20:00 часот, Национална галерија – Мала станица, Скопје
На 12 ноември 2025 година, во Националната галерија – Мултимедијален центар Мала станица, ќе се отвори изложбата на делата создадени во рамките на 35. и 36. издание на меѓународната Ликовна колонија „Галичник“. Биеналниот проект е насловен „Колективна културна меморија: Постмеморија“ и е кураторски концепт на д-р Ана Франговска, претседателка на колонијата. Соработник на биеналната изложба со елабориран есеј е д-р Натали Рајчиновска Павлеска.
Колонијата „Галичник“, со речиси четири децениска традиција, претставува уникатен модел што ги поврзува современата уметност, традицијата и локалното наследство. Преку темите „Колективна култура на сеќавање“ и „Постмеморија – Ехо на тишината“, уметниците од Македонија и од странство истражуваат како личните и колективните мемории, трауми и премолчени приказни продолжуваат да живеат низ уметничките практики.
На изложбата ќе бидат претставени дела од над дваесет уметници од Македонија, Австрија, Бугарија, Грција, Полска, Кипар, Србија, Косово, Холандија, Словенија и САД, реализирани во различни медиуми – слика, видео, објект, фотографија, текст и инсталација. Автори: Елиа Калогјани, Стефан Корнацки, Лучезар Бојаџиев, Кристине Ледерер, Дарко Алексовски, Ана В’чкова, Красимир Терзиев, Марија Анвандер, Клара Вит, Калина Димитрова, Иванчо Талевски, Марина Касианиду, Софија Димова, Никола Радосављевиќ, Дејан Крстиќ, Ивана Хостник, Клелија Живковиќ, Ренеа Беголи, Ил Џафери, Лука Судант и Данаи Белосиноф.
Со овој проект, колонијата „Галичник“ уште еднаш ја потврдува својата улога како лабораторија на културна меморија, критичко мислење и меѓународна соработка, создавајќи дијалог меѓу минатото и сегашноста, тишината и гласот, личното и колективното.
Посебна благодарност се упатува до Министерството за култура и туризам на РС Македонија, без чија континуирана доверба и поддршка не би бил можен повеќедеценискиот континуитет и опстојување на овој проект.
Благодарност и до дипломатските претставништва и странските културни центри во Скопје, особено до Амбасадата на Австрија и Бугарскиот културен центар во Скопје, како и до сите други долгорочни и нови поддржувачи: Пивара Скопје, Casinos Austria, Вардар Градба, Месната заедница Галичник, голем број индивидуални пријатели, и секако, долгогодишниот институционален соработник – Националната галерија на Македонија.