логоFacebookTwitterYouTubeeMail

3.angeli.so.trubaСо голема љубов во Христа и со особена почит кон мисијата што ја правите меѓу народот во овие 15 години, ви го честитаме овој јубилеен роденден, посакувајќи ви уште многу години плоден труд на нивата Божја за слава на Неговото свето име.
Нека преблагиот и семудар Учител наш, Господ Исус Христос и понатаму раководи со сите ваши дела во полза на нашата Света Црква и за доброто на овој наш христољубив народ. На многаја лета!

3.angeli.so.truba

 

Роденденска честитка

Со голема љубов во Христа и со особена почит кон мисијата што ја правите меѓу народот во овие 15 години, ви го честитаме овој јубилеен роденден, посакувајќи ви уште многу години плоден труд на нивата Божја за слава на Неговото свето име.
Нека преблагиот и семудар Учител наш, Господ Исус Христос и понатаму раководи со сите ваши дела во полза на нашата Света Црква и за доброто на овој наш христољубив народ. На многаја лета!

                                                                                Црковен и иницијативен одбор  при храмот „Успение на Пресвета Богородица“ ,   с. Велестово

 (Избор на Црковниот одбор):


         Преподобен Партениј Киево-Печерски  -
         Размислувања на едно смирено срце


Возљубен брате, прими го ова кратко размислување, како плод на смиреното мое срце. Знам дека нема да одбиеш да го примиш, знаејќи дека секој што го љуби братот свој, според заповедта Господова (Јн. 15, 12), му посакува духовна утеха на неговиот пат во Царството Небесно, посакуваната цел на нашето земно странствување. Ти не знаеш дека порано монасите, кога ќе се сретнале на патот, вака се поздравувале: еден би прашал:
–      Брате, како се спасуваш?
На тоа другиот одговарал:
–      Со твоите свети молитви, оче.


И навистина ни е потребно заемно духовно поткрепување, зашто патот не е лесен, и лесно се пропаѓа, затоа и Апостолот нѐ советува: „Па така, гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри; ползувајте го времето, зашто дните се лукави“ (Еф. 5, 15-16); и уште: „И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Гал. 6, 10). Да, брате, многу непријатели има на нашиот пат, непријателот е во срцето на секој од нас – тоа е нашата гревовна желба, очајание и маловерие; наш надворешен непријател е ѓаволот и никогаш не нѐ остава неповредени; непријатели што го опкружуваат нашиот живот се и грижите, немирите, страдањата, опасностите, несаканите околности, злите луѓе што нѐ следат на секој чекор и нѐ претркуваат; наш непријател е и самото време, коешто ни го одзема животот и со болест нѐ приведува кон старост, така што, всушност, ни останува многу малку време за себе, па често прашувај се: „Душо моја, како се спасуваш?“ Па, сепак, драг мој, без оглед на сите тие неприлики и опасности, јас те поздравувам, кажувајќи ти: „Радувај се!“ Радувај се затоа што си христијанин и на себе го носиш името Христово. Радувај се зашто, заради нашиот Господ Исус Христос, Бог те примил меѓу Своите синови и ти секојдневно Му се обраќаш со зборовите: „Оче наш“. Радувај се, зашто Синот Божји те нарекува Свој брат (Јн. 20, 17; Евр. 2, 11-12). Радувај се, зашто си искупен (Гал. 3, 13; 1. Тим. 2, 6). Радувај се, зашто за тебе е подготвено Царство од настанувањето на светот (Мат. 25, 34), ако само вложиш напор во текот на овој живот за да го наследиш во вечноста. Радувај се, зашто веќе си вброен во советот на спасените (Еф. 2, 5) и веќе си запишан во Книгата на Животот (Откр. 3, 5), а од тебе се бара малку, да го потврдиш тоа и да се задржиш на таква велика висина. Радувај се, зашто Бог те повикал во монаштво да Му угодиш и те облекол во облеката на спасението, под кое се подразбира кошула со крштение, и во одеждата на веселието (Ис. 61, 10), која сметај ја за монашка облека, и радувај се и знај дека Самата Божја Мајка и мноштвото преподобни покровители, само ако не паднеш со духот и станеш немарен за своето звање. Но, ако си се сопнал, тие ќе ти помогнат да станеш, само ако си одлучен да го продолжиш својот пат и да ја избегнеш калта од која нема спасение. Брате, монаху, штом Бог ги чул од тебе твоите монашки завети, Он ти подарил крилја, заради тоа непречено да одлеташ до небото, над овој свет и со непомрачени очи да Го гледаш Сонцето на Славата. Внимавај, биди ревносен и не дозволувај ѓаволот тајно или јавно да ти ги поткаструва крилјата, зашто има ли нешто понесреќно од еден орел што ползи по земја?! Не, брате, јас знам дека со помош Божја тоа нема да ти се случи и дека ќе се издигнеш над сите мрежи и замки, и дека ќе одлеташ на небото кон Бог Кој те повикал со свето звање (2. Тим. 1, 9). И затоа, запамети ги зборовите на Апостолот: „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!“ (Фил. 4, 4). Знај дека времето не чека; возљуби го времето на својот живот, зашто тоа е времето што Господ ти го поверил за да се потрудиш за спасение на својата душа, и друго време повеќе нема да има. Се сеќаваш на своето минато; а ќе дојде време кога сиот твој живот ќе биде минато, а грешките од минатото нема да биде можно да се поправат. Се сеќавам како еднаш, во шестата недела од Великиот пост, ни дојде еден познат владика со блажен живот, кој во една своја беседа ни рече: „Еве, неодамна беше првата седмица од Великиот пост, исполнета со напори и подвижничка молитва; а сега веќе сме во шестата недела и може да се рече, при крајот на светата Четириесетница. Толку бргу помина времето. Така бргу ќе помине и нашиот живот“. Се сеќавам на тој блажен архиереј, се сеќавам на неговиот глас и израз на лицето; ми се чини како да било вчера, а, всушност, веќе поминаа многу години од денот на неговата смрт. Навистина, така бргу лета времето на нашиот живот. Дали ти се случувало, по завршувањето на Великиот пост, ако не си го држел со онаа строгост како што е потребно, или си си попутил себеси, или дури и си го прекршил тој пост, со тага во срцето да жалиш што времето на Постот веќе завршило, а ти не си Му ја покажал на Христос онаа љубов што си можел, и така си го изгубил доброто време на Великиот пост, останувајќи по страна од поволното време?

3.angeli.so.truba
Радувај се, што сега живееш и што ти е дадена можност да искажеш љубов кон Бог, да Му угодиш на Бог, да се потрудиш, да се покажеш Негов верен слуга, не роб, туку син, според зборовите на Евангелието (Јн. 1, 12). А ако си повикан во таква чест и во таква радост, тогаш претрпи ги сите неволји истрајно и храбро, и никако не ја наведнувај главата во жалост, зашто за тоа нема никаква основа. Замисли дека на некој човек му е ветено дека, кога ќе заврши училиште, ќе добие високо звање кај царот, богатство и почести; но заради тоа сега мора да заврши со учењето. Кажи ми, што мислиш, зарем тој човек нема со радост да почне да учи напамет. Погледни ги учениците, како итаат во училиште, како се трудат, како им се потчинуваат на барањата на строги наставници; понекогаш плачат поради тешките задачи, но, сепак, не го оставаат своето учење, затоа што знаат дека тоа им е неопходно за во иднина, и тоа е надеж, само за некоја добивка, а тука е директно ветувањето Божјо дека ќе ти биде многу добро, ако сега се заложиш да учиш, и само замисли, за тоа ќе ти биде дадено цело царство, и не само царство туку Царство Небесно, вечно, неминливо, бесконечно пославно и посреќно и повозвишено од кое било друго земно царство. И тоа ти го ветува Самиот Сесилен, Себогат и Семилостив Бог, твојот Отец, Кој те љуби! Тогаш какво оправдување имаш за да паѓаш со духот? Какво оправдување и каква причина да слабееш и да се одвојуваш од среќниот удел што ти се нуди? Но ти, можеби, ќе кажеш:
„Јас сум слаб и немоќен и немам никаков успех во небесното учење“.
Брате, сепак учи и сепак труди се. Се сеќавам, во младоста имавме учител кој беше строг. Но, ако ученикот се трудеше, не ги пропушташе неговите часови, ги пишуваше домашните задачи, иако тој ученик беше и многу неспособен, учителот му снисходеше и му даваше можност да премине во следниот клас, не гледајќи на неговиот успех, туку на неговиот труд. Ако така постапувал тој строг ученик, тогаш што да кажеме за семилостивиот Бог Кој ни ја простува секоја наша немоќ.

3.angeli.so.truba


        Преподобен Партениј Киево-Печерски   

Извор:МПЦ-ОА

 3.angeli.so.truba

21ви септември 2020 лето Господово

 

 


Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie