ПРОБЛЕМОТ НА МАЛИТЕ ГЕНИИ

Син ми има една година и седум месеци. Се изначитав литература за раниот развиток на децата. Авторите на некои дела тврдат дека децата речиси на две години можат поеми да пишуваат, а да не зборуваме за тоа дека добро зборуваат и читаат. Исто така, слушав и за негативни одѕиви за толку раното оптоварување на слабата детска психа. Сега се изгубив: кому да верувам и што е навистина полезно за детето?
Елена, Москва


Модата на интелектот

Раниот развој на децата, според различни методи, е една од многуте моди. Денес, само тоа слушаме: најважен за секој човек во нашиот „информациски век" е интелектот. Многу родители се поткупени од тој аргумент. Мајките сметаат дека детето треба да стекнува огромно интелектуално знаење буквално уште од пелените. Во тоа, пред се, гледаат залог за успешна кариера. За жал, тоа распространето мислење е погрешно. Животот покажува дека едното со другото не е поврзано.
Зошто мајките толку рано се зафаќаат со интелек-туалниот развој? Најчесто децата ги оптоваруваат жените од 25 до 35 години. Тие во своето единствено дете го вло¬жуваат она што самите не го постигнале во детството. Или, на тој начин ја реализираат својата творечка енергија. А не се прашуваат: дали сите тие занимања му се потребни на детето?
За жал, често, обучувањето на детето е само повод да се демонстрираат пред ближните неговите необични способности. По десеттата по ред молба: „Покажи и на тета Лена како читаш", тригодишното дете сфаќа: јас ова не го правам затоа што ми е интересно, туку за да ги воодушевам другарките на мајка ми. И, тогаш читањето станува најнесаканата работа.
Мои пријатели имаат чудесно дете од година и пол. Неодамна му подарија прекрасна книга - сјајна, украсена, со слики на секоја страница, со стихови и песнички. Во првите секунди Никита едноставно се залепи за неа. И, одеднаш заплака, ја фрли книгата и го пикна лицето меѓу колената на мајка си. „Што му е?" - се зачудив јас. „Ги виде зборовите 'мама' и 'тато'! Го учиме да чита според една сложена метода. Тој веќе ги мрази буквите" - радосно ми одговорија родителите. Еве ви ги плодовите на обучувањето. Може ли потоа на ова дете да му се развие љубов кон учењето?



Да се развива - да не се обучува

Понекогаш родителите мешаат два поима - ран развој и рано обучување. А, тоа се принципиелно различни работи. Развивањето на детето се случува од првите денови. Најинтензивно тоа се развива во првите месеци и години од животот. Во раната возраст се формира психичкото развивање на детето. Во првите три години од животот се развиваат фундаменталните способности: љубопитноста, увереноста во себе и довербата кон другите луѓе, насоченоста кон цел и упорноста, фантазијата, тво¬речката позиција.
А, во последно време, токму под развој се подразбира стекнување знаење и навики. Детето го клукаат со букви и цифри, иако тоа нема врска со развојот. Уште повеќе, раното обучување не само што не го развива детето, туку дури и го забавува неговото нормално развивање. Зашто, развојот е, пред се, формирање иницијативност, самостојност кај детето, интерес кон животот што го окружува. Тоа е можно само во активна дејност на самото дете. Тоа веќе се развива кога собира коцки и пирамиди, кога си ги врзува чевлите, кога реди мозаик.
Развивачко значење има само оној опит што поминува низ неговите рачиња, емоции, свест. На возраст од една до три години главен за детето е сетилниот опит. Детето треба да трча, се да допира, да разгледува некои предмети, да види како се направени. И, да чувствува задоволство. Целата радост е во тоа што тоа самото прави нешто и гледа како од тоа нешто се добива. Тоа се чуди и се радува што самото го преобразува светот околу него.

Обучувањето е мачење за детето

Кога на едногодишно дете му покажуваат каде е црвеното, а каде зеленото, каде е „А", а каде е „Б", тоа не се развива. Тоа само го запомнува она што го сака возрасниот. Да ја земеме за пример обучувачката метода на Доман. Според таа метода, на детето му се покажуваат картички со испишани букви. За детето тоа е неосознаена, неосмислена дејност. Детето не разбира што се случува со него. За него тоа е апсолутно бесмислена работа.
Ако строго се придржуваме до тој систем, детето навистина ќе почне да чита. Таа метода се темели на механички врски. Со нејзина помош дури и куче може да се научи да разликува до сто букви. На сличен принцип ги учат и децата. Тие на ниво на условните рефлекси разликуваат каде е „М", каде „П", каде е „МА", а каде „ПА". Тоа е многу примитивно. Оваа и другите обучувачки методи не придонесуваат ништо за вистинскиот развој. Умеењето да чита на двегодишна возраст воопшто не значи дека детето го разбира читањето. Тоа воопшто не разбира и не ја запомнува смислата на зборовите. Таа вештина да чита воопшто не значи љубов кон читањето. Често детето не сака да чита. А, родителите го караат поради тоа. Не ги трошете на тоа своите и детските сили.
Читањето - тоа е само инструмент. Секое дете во определена возраст ќе научи да чита. Тоа не е толку сложено. Во никој случај не смее да се тера детето да научи да чита. Во петтата година тоа самото природно ќе покаже интерес кон зборот. Тоа почнува да ги слуша звуците. Почнува да си игра со зборовите. Тоа сфаќа дека има слични зборови. Има зборови што исто звучат. Самото прашува која буква каде е. Ете тогаш родителите треба да одговорат на неговите потреби. Ако детето не поставува такви прашања, значи дека се уште не е подготвено за тоа.
Поголемиот број детски психолози се категорични против раното обучување. Обучувањето ја кочи сопствената активност, иницијативност на детето. Тоа ги намалува неговите творечки способности. Таквите деца не умеат да ја организираат својата дејност. Тие цело време чекаат што ќе им кажат или ќе им покажат. Никаква самоорганизација. Со растењето кај нив се јавува вознемиреност, страв поради неточниот одговор и слабата оценка. Стравот дека нешто нема да направи како што треба ги блокира творечките и спознавачките способности: љубопитството, зачуденоста. Родителите што се обидуваат да го забрзаат развојот, обратно - го кочат.


Што е полезно?

Најдобра метода за развој е дружење и игра. Постојано разговарајте со детето. Не го лишувајте од обичната радост да игра, да вози колички, да црта. Ако сака нешто да научи од вас, не треба да се одделува одредено време за неговиот развој, едноставно вклучете се во неговата игра, организирајте ја. Давајте му колку што е можно повеќе правилни играчки. Такви со коишто може да се дејствува - да се вози, да составува, да гради. Поддржувајте го неговиот интерес за откритија, заедно со него восхитувајте се. Покажувајте му слики на кои тоа би можело да препознае некои настани од својот живот, да ги именува. Активна дејност е кога детето ќе види нешто и ќе се воодушеви. Важно е да се предизвика неговата радост, емоција.
Не треба на детето да му се вели: дојди, сега ќе те научам нешто. Заслушајте го детето кое одеднаш се заинтересирало само за букви или само за редење коцки. Нека се занимава со она што му е интересно, а не со она што Вие сте го ставиле во вашиот распоред. Во процесот на секоја игра знаењата се воведуваат сами по себе. За заедничка игра важно е доброто расположение, на родителите и детето. И, најважно - средината во која расте детето да се освети со молитва, со Тајните на Црквата; за благодатта Божја да ја храни неговата душа.

 

ЗА АВТОРИТЕ

 Дмитриј Александрович Авдеев - православен лекар-психијатар, психотерапевт, медицински психолог, доктор на медицински науки. Завршил последипломски студии на Богословскиот факултет на Универзитетот „Лукијан Благо" (Романија), на тема „Пастирска психологија и психијатрија, православен приод кон психотерапијата и црковна помош на психички болни луѓе". Од 1991 година активно работи во правец на формирање христијански однос кон психичките заболувања, т.е. на моделот на православната психотерапија.
Член е на руски и на меѓународни професионални здруженија и асоцијации. Автор е на повеќе од 300 духовно-просветни, научни публикации и мултимедијални проекти, издадени на повеќе светски јазици. Основач е и директор на Институтот за проблемите на формирањето христијански однос кон психичките заболувања, каде што е и редовен професор. Во текот на своите дваесет години работа врз развојот на православен духовен правец во психотерапијата им укажал помош на илјадници луѓе.

Јоана Анатољевна Беседина -
православна новинарка, автор на низа духовно-просветителски публикации во руското списание „Женско здравје".

 

Извор:

ПРАВОСЛАВНА ПЕРИОДИКА

ПРЕМИН

 Со благослов на Митрополитот Струмички Наум

Издава: ПРЕМИН ДОО

Уредник: игумен Агатон

 

 Друго:

Промоција на книгата за деца „Венец на светоста“ од д-р Дмитриј Авдеев (14.04.2018 ) ...

Излезе од печат книгата за деца „Венец на светоста“ од д-р Дмитриј Авдеев (07.04.2018)  ...

. Излезе од печат „Мисли за женската душа: есеи за психологијата на животот“ од д-р Дмитриј Авдеев (13.09.2018) ...

Д-Р ДМИТРИЈ АВДЕЕВ - ПРАВОСЛАВЕН ПОГЛЕД ВРЗ ДУШЕВНИТЕ ЗАБОЛУВАЊА ...

Проф. д-р Дмитриј А. Авдеев: ЛЕК ПРОТИВ СТРЕСОТ ...

Д-р Дмитриј Авдеев: СОСТОЈБИ НА ЗАВИСНОСТ ...

 http://preminportal.com.mk/prebaraj?searchword=%D0%90%D0%B2%D0%B4%D0%B5%D0%B5%D0%B2&ordering=newest&searchphrase=all

 10-ти ноември 201 лето Господово

 Преминпортал (к.т:)