Архимандрит Андреј Конанос

✤✣✤

Меланхолијата

(ΙII дел)

✤✣✤

Можеби Бог ти дава прилика да се поучиш, а ти велиш: „Не сакам да ја научам таа лекција! Сакам да плачам, да очајувам, да се самоубијам“.

Но само преку тоа „откорнување“, кога Бог откорнува нешто од тебе, од твоето срце, можеш да го разбереш богатството што го криеш во себе. Целта не е Он да те измори, да те натера да чувствуваш болка, туку да појдеш понатаму, да напредуваш. Нема смисла да коментираш, судиш, осудуваш и да велиш: „Јас не бев виновна! Каков човек беше! Не можам да го преболам, да поверувам, што ми направи!“

Арно, штом сакаш, живеј со минатото, живеј со спомените, нека ти остари душата и не прави ги чекорите што треба да ги направиш за да одиш напред.

Пак ти велам, помоли се, претстави се себеси во Божјата благодат, види се себеси облечена во бело, а не во црно. Претстави си дека држиш букет цвеќе, претстави си дека си блиску до Христа Кој ја допира твојата рака и го зема твојот проблем. Се менуваш и стануваш друга личност, се издигнуваш, влегуваш во друга димензија на врската со Бога, со себе си, со луѓето, стануваш прекрасен човек преку твојата болка. Да, но треба да излезеш од таму, сфаќаш? Затоа помоли се, прочитај некоја книга. Пази на твоите помисли и не останувај во нив, не се заглавувај целото време тука – од тука започнува сѐ. Треба да ги промениш помислите.

Затоа Светиите ти велат да се молиш, да го изговараш името на Господ Исус Христос – Исусовата молитва постојано. Некои Светии понекогаш ја менувале молитвата и не велеле: „Помилуј ме“, бидејќи кога чувствуваш дека Бог те помилувал, не можеш да речеш: „Помилуј ме“, како да си противречиш на самиот себе. Кога ти велам: „Дај ми да јадам!“ и ти ми дадеш, а јас продолжам да ти го велам тоа, нема ли да се збуниш и да ме прашаш: „Па, добро, нели ти дадов?“ Ете во таа точка молитвата веќе се менува и велиш: „Господе, Исусе Христе, Ти благодарам за Твојата милост! Господи, Исусе Христе, Ти ме помилува!“

„Бев каков што бев“, вели Св. Ап. Павле, „но бев помилуван од Господа и од тој миг натаму веќе се чувствувам помилуван од Бога“, т. е. го добив она за што молев. Чувствувам дека Христос ми го дава тоа за коешто Го молам. Но не и постојано да се жалиш и да бараш на сила: „Дај ми Боже, дај ми“. Добро. Ќе го добиеш, Христос ти го дава, но ти си навикнал да не го примаш, си се навикнал на роптањето, противењето, и на духот на депресијата. Не веруваш дека можеш да Му се зарадуваш и да кажеш: „Исусе, Светлино моја!“ Тие зборови покажуваат дека веќе не бараш, туку живееш. Велиш „Христос е мојата Светлина“, и кажувајќи го тоа, како да сфаќаш дека си во Неговата светлина и љубов. „Исусе, мое дишење!“, односно, не бараш, туку го живеам тоа што веќе го имам. Тоа не е далеку, туку е присутно сега, го имаш, тука е пред тебе, тоа е Христос. Твојата загриженост, твојот умор и депресија не ти дозволуваат да го почувствуваш. Да го почувствуваш присуството на Христа, Кој е до тебе.

Вчера никој не ти се јави и падна во депресија? Да, но дури и сите луѓе да ти се јават, зарем мислиш дека ќе бидеш повеќе ценет? Во еден миг телефонскиот разговор ќе заврши и после тоа што? Пак ќе ропташ и негодуваш како никој да не ти се јавил? Ти сакаш постојано да слушаш дека си ценет, дека те сакаат. Е, побарај да го слушнеш тоа од Бога, Кој постојано ти го кажува ова. Луѓето не можат постојано да го прават тоа.

Продолжува

02.06.2016

Извор: Бигорски манастир

Друго:

Архимандрит Андреј Конанос - Меланхолијата (ΙI дел)

 

  p.andreas-konanos

Друго: