Од 05.05 до 11.05. 2015, во Скопје,  се одржува  27. Меѓународен саем на книгата. И оваа година, по трет пат, на него  учествува Македонската Православна Црква - Охридска архиепископија со својата издавачка дејност. На  штандот се  изложени поголемиот дел од црковните изданија. Саемот ќе биде отворен за посетители од 10:00 до 20:00 часот.

 

Денес, ви презентираме дел од богатата  издавачка дејност на
Дебарско-кичевска епархија

 

 

На Саемот на книгата - Избор од изданијата на Дебарско-кичевска епархија


 

1.    Плаошки мироглед


Ова дело на Неговото високопреосвештенство, митрополиот Дебарско-кичевски Тимотеј, претставува единствено од овој тип во поновиот период од историјата на Македонската правослвна црква. Во книгата, покрај мноштвото беседи, е претставен неговиот севкупен творечки опус за време на неговата архиепастирска дејност, објавен во црковни и други списанија во периодот од 1981 до 2012 година. Со еден збор, книгава е запишан дел од интелектуалната историја на митрополитот Тимотеј, каде што е претставено неговото искуство и знаење. Страниците се обоени со карактеристичен стил – работите да се искажат и објаснат јасно и директно, со информации кои потоа ќе можат да бидат применети и од други проповедници, автори и читатели.


2.    Старец Пајсиј


Ова тритомно издание претставува збир на совети и поуки на новопрославениот светител Пајсиј Светогорец. Богатото духовно искуство на старецот претставува вистински патоказ за секој современ човек кој се труди да живее според заповедите Христови. Лесниот стил на изразување на старецот Пајсиј го прави еден од најчитаните и најпреведуваните старци од поновата историја на Света Гора.


3.    Евхаристиско богословие


Ова книга е збир од необјавени есеи на литургиски теми на еден од најпознатите православни богослови од Запад од дваесеттиот век – протоереј Александар Шмеман. Сакајќи да ги разбие схоластичките бариери кои преку западното богословие во извесна мера влијаеле и на источната православна Црква, Шмеман карактеристично забележува: „Литургиското богословие не е дел од теологијата, не е „дисциплина“ која се занимава со Литургијата „сама по себе“, и ја разгледува како посебен „објект“, туку првенствено е обид за сфаќање на „теологијата“ како нешто што се пројавува во Литургијата и преку Литургијата“.


4.    Гласот на пастирот


Трудот на прота Спасе Стефановски што ѝ го препорачуваме на македонската јавност претставува значаен прилог за расветлувањето на црковниот и националниот живот на Македонсците сплотени во Македонската православна црква, а пластичниот јазик во изразувањето на неговите мисли во беседите и во јавните настапи по различни поводи – на црковни, историски, културно-просветни, спортски и други свечености – овозможува лесно да се согледаат многу факти од животот и дејствувањето на МПЦ во Австралија.


5.    Преполовение или Руса Среда?


Неодамна од печат излезе оваа прва книга на Виктор Недески, дипломиран богослов на богословскиот факултет од Аристотеловиот универзитет во Солун. Книгата претставува хеортолошки осврт на празникот Преполовение и проблемот на словенските пагански верувања поврзани со него.  Г-дин Виктор Недески се зафаќа со оваа проблематика многу сериозно и студиозно и го расветлува најпрво самиот празник како Преполовение на Педесетницата, а потоа прави продлабочено истражување на тоа: од каде доаѓа во нашиот народ појавата на замена на овој празник со „Руса Среда“.