Слово на Неговото Високопреосвештенство, Митрополит дебарско-кичевски г.Тимотеј

изговорено на чинот на осветувањето на конаците Горни и Источен Палат во Бигорскиот манастир (13/26 април 2015 л. Г.)

„Овој е денот што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него“ (Пс. 117, 24).

Ваше блаженство, Ваши високопреосвештенства, почитувани претставници на власта, ваши високопреподобија, пречесни отци и драги браќа и сестри,

Наоѓајќи се во овие Пасхални радосни денови, кога сета вселена, со сите созданија Го прославува најголемото собитие во историјата на човечкиот род, светлото и победоносно Христово Воскресение, и ние денеска имаме повод и причина да се радуваме и да се веселиме. Наоѓајќи се во оваа свештена македонска лавра, богата со илјада годишна традиција, а посветена на светиот Јован Крстител и Претеча Господов, попознат како Бигорски манастир, денес нè собра во неговите свети прегратки. Нè собра за најпрво да го прославиме Господа Бога, а потоа и да го осветиме новоизградениот источен, како и возобновениот северозападен конак или познат како Горни палат. Како секоја институција, која има долга историја, има периоди на искачувања и на паѓања. Овој непишан закон, не го заобиколил ни Бигорскиот манастир.  Тоа се случи на 30 септември 2009 година, кога огнените јазици го проголтаа Горниот палат. Тука должни сме да искажеме благодарност на сите оние што се ангажираа и дадоа сериозен прилог, нештедејќи се себеси гасејќи го пожарот и зачувувајќи ја неоштетена црквата. Во тоа се вгради и месното население, како православното македонско население така и Македонците со исламска вероисповед.

 Ние, да искажеме благодарност на Господа, што сме генерација која учествува во неговото процветување, обновување и што е најважно, живеење според редот и поредокот на еден жив и дејствујушти манастир.

Како архиереј на МПЦ – ОА, со работно и животно делување скоро 34 години на овие простори, имам спомени за временски период кога овој манастир беше сè друго, само не она што треба да биде и за којашто цел и намена истиот е подигнат. Но, тоа е историја која треба да се забележи и да не се заборави. Да не се заборави за да не се повтори. Но, ние денеска, учествуваме во негово ново светло. Изграден, возобновен, украсен, како со своите прекрасни архитектонски решенија, така, уште повеќе го красат и гордеат живите монашки ликови. Оние кои се подвизуваат, се молат во него, како за своите души, така и за македонскиот и за сиот христијански род.

Би биле несправедливи, ако во оваа прилика не го истакнеме значењето, улогата и огромниот придонес на архимандритот Партениј. Тој како игумен на оваа света обител, со неговото братство, кои веќе 20 години се подвизуваат тука и се вградија како живи камења во возобновувањето на оваа свештена обител. Ја користам оваа прилика, најискрено да му се заблагодарам за неговиот труд и за неговиот придонес во заживувањето на ова наше светилиште. Исто така, искажувам благодарност на Владата на Р. Македонија, особено на Министерството за култура, кои дадоа материјална помош за возобновувањето на овие конаци. Исто така, не помала благодарност, искажуваме и кон сите донатори, приложници, благоукрасители, помагачи и посетители на овој свет манастир, чиишто имиња се запишани во Вечната книга на Севишниот, Кој сè знае и сѐ гледа.

На крај им искажувам топла благодарност на Неговото блаженство, на браќата архиереи, на свештенослужителите кои одвоија од нивното време и денес дојдоа со нас да ја споделат и да ја збогатат оваа ретка свеченост, а преку тоа да дадат свој влог во разубавувањето и во историјата на оваа света обител.

Топла и искрена благодарност ви искажуваме и на сите вас браќа и сестри, коишто дојдовте денес во овој свет манастир и зедовте учество во оваа манастирска свеченост. На сите што помогнале, им посакуваме Семилостивиот Господ, стоструко да им возврати со благослов и благодет, а за спасение и вечен живот на нивните души, сега и во сета вечност. Амин!

Извор: Бигорски манастир

Друго:

35.jpg

Осветени конаците Горни и Источен Палат (26.04.2015)

okiril.png

Осветување на конаците Источни и Горни палат

26-ти април, лето Господово 2015