Заглавен стојам во духовната кал, а нема снага ни храброст во мене, совладан сум од бура на прегрешенија. Погледни на мене, Дево, те преколнувам Тебе, која го роди Словото, единствениот Човекољубец. Избави ме од секој грев, од сите душегубни страсти, секакво непријателско зло, за радосно да ти пејам: Моли Го Синот Свој и Бог, Непорочна, прошка на гревовите да им дарува на оние кои со вера прибегнуваат кон Твојот покров.
Утрена, петта недела од Постот

 Поуки од светите отци: Духот на кротоста не се вселува таму каде што гнев или страст пребива.
Свети Јован Златоуст

Ќе ја отворам устата моја и со Дух ќе се исполни, слово ќе и прословам на Царицата Мајка, светло ќе торжествувам воспевајќи ги сите Нејзини чудеса.
Ирмос од Пофалбата

Молитва:
 Пресвета Богородице, спомни нè во Твоето застапништво пред возљубениот Син Твој. Заштити нè нас, нашите сродници и ближни. Пресвета Мајко, се молиме во сиот свет да завладее мир. Амин.

 Читање од Светото Писмо:
 Исаија 45, 11-17
 Битие 22, 1-18
 Соломонови Изреки 17, 17-28; 18, 1-5
 
  Созерцание: Разумниот е воздржан во зборовите свои, трпеливиот е подобар од оној што бара знаење.
Соломонови Изреки 17, 27