Приказната за блудниот син ме успокојува дека постои една огромна љубов, една голема прегратка, која што ги очекува сите луѓе и од невозможно прави возможно за да го спаси целиот свет. Како Бог да ми вели: „Успокој се, разбери која е твојата мерка, до каде е твојата издржливост, граници. Остави ме да си ја вршам работата и не ми го уништувај трудот со твојата напнатост, вознемиреност и паника!“


Парабола за Блудниот син

 
Колку е убава таа парабола што ја раскажува нашиот Господ: за помладиот син, кој што го напуштил домот, се побунил, сакал да си го живее животот и му рекол на татка си: Дај ми го делот што ми припаѓа од имотот! (Лука 15,12) – татко му направил така. Синот тргнал. Да, тоа се познати работи, но сѐ уште не сме ја сфатиле динамиката на тие собитија, иако ги читаме толку години, ги слушаме толку пати во храмот, секоја година, особено во Неделата на блудниот син. И покрај тоа што ја читаме и слушаме оваа парабола, нашата душа повторно е вознемирена, срцето ни се тревожи, зашто си мислиме дека нашето дете не нѐ разбира, дека неразумно се забавува, се оддава на пороци, се заплеткува во разни нешта, може и во затвор да заврши, сигурно заглавил со наркотици, со сомнителни жени, со мажи, со искушенија… И сето тоа ти си го мислиш и премислуваш, се разболуваш од мислење и грижи, но тука е таа парабола која може да те успокои и утеши ако навистина сакаш да се успокоиш и сѐ да Му довериш на Бога. Тоа сепак, е најтешкото – да Му се довериш на Бога.

Да Му се довериш и да кажеш: „Постои еден Татко, многу добар Татко, со Кого не можам ни да се споредам“. Да, ти си татко, мајка. Но, што и да направиш, колку и да кажуваш дека го сакаш твоето дете, можеш ли да го љубиш повеќе од Бога, нашиот вистински Татко?“

Не знам како се случува тоа, но повеќето од нас влегуваме срамежливо во Црквата и после само 2 месеци ни се чини дека сме го проголтале целото црковно знаење и почнуваме да мислиме дека сега ќе го спасиме светот! Сега ќе ги променам луѓето! Сега ќе го осудам злото, лошите луѓе ќе ги направам добри! Кој? Ти, кој што пред малку си влегол во Црквата, или ти, кој што навистина си влегол пред многу години, но сѐ уште не си ја вкусил лично татковската љубов? Си ја почувствувал ли ти прво на себе љубовта Божја, љубовта на нашиот Татко за да можеш да му ја предадеш и на оној, кому што сакаш да му помогнеш? Си се успокоил ли прво себеси, за да можеш на другиот да му кажеш: „Дојди, ќе те одведам кај Христос, Кој што ќе те успокои, како што ме успокои и мене!“ Почесто ни се случува да се зафатиме да им помагаме на другите затоа што ние имаме потреба од тоа, тоа е наше доживување, и тоа нам повеќе ни се допаѓа отколку на детето, отколку на човекот што сакаме да му помогнеме. Не го правиме за негово добро, туку за наше. И немојте да велите дека не е така, зашто во одредени моменти луѓето мислат така – сега што ќе кажат за нас во населбата, детето нѐ срами, какви работи се зборат за нашето семејство. Се посрамивме и пред роднините со постапките на нашето дете. Тоа, всушност, значи дека тебе многу ти пречи тој срам, ти значи тој општествен рејтинг, па дури и црковниот рејтинг.

Велиме дека во просторот на Црквата треба да сме совршени луѓе, но кога во некое семејство ќе одекне бомба во врска со некаков проблем на детето, мажот, жената, тогаш што се случува со другите? Сите во семејството се засегнати. Кој може во таквите мигови да се соочи правилно со тоа – односно, другите да прашуваат: „Што ќе речат луѓето, што ќе ни зборуваат другите“, а ти да ја гледаш само душата на твојот љубен човек и да му велиш: „Мене ми е грижа за тебе, за твојата среќа, за твојот спокој и рамнотежа. Не ми е грижа што ќе речат луѓето, нека нѐ обвинуваат, ние не живееме за нив, туку за Бога, пред Него да сме исправни и да имаме искрен, вистинит, длабок и суштински однос меѓу нас“. Има ли такви? Кои? Ти? Јас? Ние? Ние, кои сме во Црквата, како што тврдиме. Мислам, во Црквата сме, но дали сме вистински во неа? Знаеш ли на колку луѓе во овој миг душата им е во Црква без да го знаат тоа (според нивното душевно предрасположение и состојба), но со телото се надвор од неа? Надвор, во разни ноќни клубови, скитаат по ноќите, обиколуваат по патиштата, не знаат што бараат, земаат наркотици, се мешаат со жени и со мажи, со криминалци, но тие луѓе се исклучително близу до тоа да Го најдат Бога, да Го побараат на автентичен и вистински начин и да кажат: „Боже мој, помилуј ме! Помогни ми, загинувам! Прегрни ме! Стопли ме!“ И кога ќе го примат тоа, тие стануваат нови, преобразени, смирени луѓе, со сладост во срцето и со благост на лицето.

Оваа приказна, лично мене ми создава грижа на совест. Ме тера да се замислам и да чувствувам срам, зашто всушност, таа татковска љубов, таа татковска прегратка, која би требало да се рашири надвор кон светот, е пространството на Црквата. Таа љубов би требало да ја покажуваат црковните луѓе: јас, ти, т.е. нас кои Бог нѐ оставил на земјата, и на кои ни вели: „Деца мои, вие треба да им го покажувате на луѓето Моето добро лице, мојата благост, не го заборавајте тоа! Моето татковство, што во себе ги крие и мајчинството, и благоста, и топлината, и прошката, и разбирањето, и состраданието и сочувството“.

(Продолжува…)

 

Извор:Бигорски манастир

 

Друго: