Кон Новогодишниот концерт на Македонската филхармонија, одржан во салонот на МОБ, под диригентство на Борјан Цанев и солист Ана Дурловски - сопран


Овој пат Новогодишниот концерт со атмосферата што ја создаде го потврди брендот за престиж на присутните и успеа да ги задоволи вкусовите на публиката која ја имаше во преголем број, па на човека му требаше среќа за да добие бројче во гардеробата.
Програмски концертот беше конципиран умешно и со многу осет: од една страна весела и кокетна музичка содржина во првиот дел, а од друга страна веќе "класичниот" Штраус во вториот дел. Токму и затоа очигледна беше интенцијата: концертмајстор во првиот дел беше младата Ана Контраденко и Краповски јуниор, како водач на виолончела, а во вториот дел беа почитуваните Румен Димитриев, како концертмајстор и Краповски сениор, како водач на виолончелата.

Првиот дел беше конципиран со дела од Офенбах, Шостакович, Лехар, Андерсон, Калмер и Хачатуријан како делови од оперети, свити и балети. Тоа се дела кои по својата содржина се весели, музички "забавни", мелодични и музикални, со танцови ритми. И токму во ваков стил македонските симфоничари ги изведоа: мошне професионално, а бараната содржинска веселост и кокетност беше достигната со леснотија на звукот кај распеаните гудачи, динамички нијанси од големи пијанисима до ведри и оптимистични распони на звукот, со дозволени кокетности, места каде музичарите пееја, поголеми акценти, посебно симпатични кај дувачите кои во еден момент испуштија и конфети, одлично изведени ритмички делници на контрабасистите кои заедно со удирачите за цело време го одржуваа бараното ниво на концертот. Вториот дел продолжи во ист манир, каде публиката со задоволство ги впиваше звуците на Штраусовата музика.

Воодушевувањето кај публиката го надополни сопранистката Ана Дурловски. Со изведбата на три арии од оперетите "Веселата вдовица", "Кралица на чардашот" и "Јудита", таа уште еднаш ја покажа својата музичка зрелост, интерпретативни способности, беспрекорни и со леснотија изведени високи регистри, артистичност во изведбата и одличен контакт со публиката.

И покрај самата содржина на композициите, концертот немаше да биде вака обликуван без диригентот на оваа вечер Борјан Цанев. Тој со својот одличен вкус и измерена софистицираност, во целосната изведба на програмската концепција даде и еден свој личен белег: мерка, шарм и професионалност.

Во оваа убава ноќ единствен момент кој не враќаше во секојдневието беше истакнатото спонзорство на почетокот на сцената. Можеби ова треба да стои само на концертното ливче.

Мирјана Павловска-Шулајковска