Скопје, 25 декември (МИА) - Со својот уметнички талент, како дел од музичкиот Пантеон на светската пијанистичка интерпретација, Симон Трпчески се вброи во најголемите амбасадори на Република Македонија ширум светот, истакна претседателот Ѓорге Иванов кој денеска на виртуозот на пијано Симон Трпчески му врачи Орден за заслуги за Македонија зашто ја афирмира  македонската култура со високите дострели на врвен пијанист.

- Низ својата суптилна мисија потврди дека Македонија е географски мала, но духовно и уметнички голема земја, чија непресушна креативност се вткајува во светското цивилизациско и културно наследство... Многупати досега и ние, дома, бевме сведоци на неговиот вистински триумф. На откривањето на скалата на неговите интимни доживувања во моментите во кои како најискусен медијатор, му даруваше на инструментот душа. Симон Трпчески преку клавишите на пијаното му докажа на светот дека Македонија, достојно на своите корени, е татковина на извонредни уметници, рече шефот на државата.

Трпчески им се заблагодари на сите кои придонеле за неговиот професионален развој, на своето семејство кое му го покажало патот кон ѕвездите, на неговите професори Романови кои, како што рече, му го покажале вкусот во музиката. Им се заблагодари на агенцијата ИМГ-Артист - за вербата и внимателното градење на неговата кариера низ светот, и на здружението КултурОп за поддршката и ентузијазмот за неговите активности во Македонија. Трпчески им се заблагодари и на сите колеги, пријатели, донаторите, а Орденот им го посвети на родителите и на својата две недели стара ќерка Лара.

- Верувам дека со сето она што го направив досега го заслужив овој орден, иако можеби звучи нескромно. Поради тоа што тоа не го правам само за себе или за своето семејство, туку го правам и за својата држава - Република Македонија, чиешто име е неизбежно поврзано со моето име насекаде низ светот... Јас сум производ на македонското музичко образование и со гордост тоа го кажувам насекаде во светот, рече Трпчески пред многубројните гости во претседателската вила Водно.

Критиката  го вбројува Трпчески во музичари со редок талент. Светскиот печат за него објави дека го освојува светот на класичната музика, како што Александар го освојувал стариот свет и дека влезниците за неговите концерти наскоро ќе се продаваат на аукција.

Исклучително богатата концертна 2009 година Трпчески ја заокружи  овој месец со голема европска турнеја на престижниот лондонски Филхармонија оркестар и легендарниот диригент Лорин Мазел. Трпчески настапи како солист во изведбата на Концертот бр. 1 за пијано и оркестар од Чајковски.

Во мај во Скопје тој свиреше со Оркестарот на Бољшој-театарот. Спектакуларниот концерт во преполната Метрополис арена остави печат на културата во Македонија оваа година, а има и историско значење за музичкиот летопис поради првото гостување на оркестарот на Бољшој во земјава. хс/паг/14:42