Веднаш до реката Дал Лаке во Сринагар, град во Џаму и Кашмир, сојузна држава во Индија, се наоѓа единствената библиотека во околината. Оваа библиотека е оддржувана од страна на човек кој сака книги, но не знае да чита.



Библиотеката има приближно 600 книги на повеќе јазици. Тие се во сопственост на Мухамед Латиф Оата, 44-годишен продавач кој се откажал од образованието на десетгодишна возраст за да работи. Латиф ги собирал книгите повеќе од две децении преку размени и донации од луѓе кои биле во библиотеката. Голем број од посетителите на библиотеката се туристи, па сопственикот го именувал местото „Библиотека на оние кои патуваат“.


Секој може да земе книга доколку ја врати. Латиф честопати ги прашува посетителите да му ги раскажат приказните од страниците на книгите кои ги враќаат. Освен тоа, книги може да земат и оние кои ќе остават дело.


Љубовта кон книгите се родила во Латиф во деведесеттите, кога му била подарена книга од страна на странец. Тој не знаел да чита, па го прашал човекот да му ја раскаже приказната. Книгата била за девојче од сиромашно семејство кое успеало во животот и покрај многуте тешкотии. Оваа приказна го инспирирала Латиф и го привлекла до приказните кои може да се најдат во книгите.


Тој ја чувал книгата на полица во неговата продавница. Набргу еден турист сакал да ја купи. Латиф му кажал дека не сака да му ја продаде, но ќе му ја подари доколку тој остави друга книга за него. Странецот оставил две книги. Со ваквиот метод на размена, колекцијата на полицата се зголемувала. Сега, тој има стотици книги.


Како татко на две деца, Латиф вели дека сака да се потруди да им го обезбеди заслуженото образование кое тој никогаш не го добил. Иако тој не може да ги чита книгите кои ги поседува, Латиф вели дека нивното присуство го потсетува на многумината кои го посетиле со текот на годините, што ја држи библиотеката во живот. 

21.01.2014 год.

Извор: Факултети.мк