НА ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

 


Македонскиот филм "Превртено" на Игор Иванов, вчера премиерно се прикажа пред солунската публика, како дел од програмата на 48. Интернационален солунски филмски фестивал којшто се случува од 16 до 25 ноември 2007 година.
Минатата недела, филмот имаше германска премиера на фестивалот во Брауншвајг, а по Солун, фестивалската турнеја "Превртено" ја продолжува на филмскиот фестивал во Каиро.

 


Вечер

Посети:{moshits}

Одличен прием на „Превртено“ во Солун


Кадар од филмот „Превртено“ на режисерот Игор Иванов

Поради проблемот со името, не знаеме дека оваа мала земја прави толку добри остварувања, беше еден од коментарите за филмот на Игор Иванов

Од нашиот известувач
СУНЧИЦА УНЕВСКА

Четириесет и осмото издание на годинешниот Солунски филмски фестивал се одржува од 16 до 25 ноември, а двете негови главни ѕвезди се Џон Малкович и Дени Гловер. Малкович беше на самиот почеток кога и му беше врачена наградата „Златен Александар“ за животно дело, додека крајот на фестивалот ќе го одбележи холивудскиот актер Дени Гловер, кој ќе одржи и мастер класа.

Годинешниот Солунски фестивал носи дури 280 филма од независна продукција поделени во главната програма, во која за „Златен Александар“ и за 37.000 евра се натпреваруваат први и втори остварувања на авторите, потоа во новововедената програма „Независни денови“, во традиционалната балканска програма итн. Во „Балкански преглед“ од Македонија годинава го имаме „Превртено“ на Игор Иванов, кој имаше проекции изминатите два дена и помина одлично. Салата беше преполна, филмот беше испратен со аплауз, а потоа во дискусијата со режисерот Иванов беа поставувани многу интересни и содржински прашања. Без никаков проблем околу тоа од каде доаѓа овој филм, туку баш обратно, едно од прашањата до Иванов беше како е можно една толку мала земја да прави толку убави филмови. Во таа смисла беше и констатацијата на едно момче од публиката, кој рече дека поради проблемот со името всушност не знаеме дека во соседството се прават вакви добри остварувања.

Македонија во Солун е присутна и преку екс-ју омнибусот „Некои други приказни“ во кој на тема бременост учествуваат пет режисерки од земјите на поранешна Југославија, меѓу кои е и Марија Џиџева. Станува збор за проект кој се натпреварува за грант во рамките на Балканскиот фонд, каде наградите се веќе поделени, а „Некои други приказни“ доби Специјално признание.

Солун е многу значаен фестивал бидејќи успева да донесе огромен број филмови и гости, бидејќи има извонредна публика и бидејќи успева некаде на крајот од годината да направи еден сублимат на се она што ја одбележало таа година. Тука се: „Во дивината“ на Сон Пен, „Кукавичкото убиство на Џеси Џејмс од страна на Роберт Форд“ на Ендрју Доминик, „Го служев англискиот крал“ на чешкиот култен автор Јиржи Менцел, кој годинава претседава со жирито во Солун, „Ирина палм“ на Сем Гарбарски, потоа од Балканот „Армин“ на Огнен Свиличиќ, „Стапица“ на Срџан Голубовиќ, „Судбина“ на Зеки Демиркубуз и многу други. Фестивалот го отвори филмот што го отвори и Кан „Моите ноќи со вкус на боровница“ на Вонг Кар Ваи, а ќе го затвори филмот од Венеција „Дарџелинг лтд“ на Вес Андерсон.

Фокусот годинава е на американскиот независен автор Џон Сејлс на кого Солун му прави комплетна ретроспектива, како и на јапонскиот гениј на филмот Микио Нарусе. Мастеркласи годинава одржаа и Алфонсо Куарон и актерите Дејвид Стратерн и Крис Купер. Шпанскиот филм е застапен со 19 филма, а Солун го очекува и актерот Хавиер Бардем. Се чини дека посветата на независниот филм годинава е полн погодок.