На свечениот чин на доделување на наградите, синоќа беше прикажан филмот МАКЕДОНИЈА ВО СЛИКИ на Арсениј Јовков, во соработка со Кинотеката на Македонија. Во чест на наградените се проектираше филмот ФИЛМ на режисерот Иво Трајков.


Официјалното меѓународно жири на петтото, јубилејно издание на филмскиот фестивал АСТЕР ФЕСТ во Струмица (27-31 мај 2009) во состав: Слободан Деспотовски, Димитар Анакиев и Милан Никодиевиќ, по гледањето на сите филмови во конкуренција едногласно ја донесе следнава одлука:

Жирито му доделува Специјална диплома на македонскиот филм ЧЕДО на авторот Алјоша Симјановски, за долгогодишната истражувачка работа во третирањето на една социјално болна и секогаш актуелна тема.
Во конкуренцијата за новостановената награда „Ацо Алексов“ жирито му доделува награда на краткометражниот игран филм НА ИЗГРЕЈСОНЦЕ на режисерот Ѓорче Ставревски од Македонија. Со прецизната режисерска и и драматуршка постапка авторот имајќи предвид една драма, ни открива една друга, спротивставувајќи два дијаметрално различни морални постулати.
Во конкуренцијата Астердокс за краткометражен креативен документарен филм се доделува наградата СТАР ЗЛАТЕН ПРОЕКТОР за филмот БОРОВИНКИ ОД БРОД на авторот Ерик Фуско од Холандија. Со изборот на главниот јунак, кој самиот по себе е вродено талентиран актер, авторот ни го открива убавиот но и алармантно економски загрозен свет на косовските Горани.

Во конкуренцијатата Астердокс за долгометражен креативен документарен филм се доделуваат
БРОНЗЕНА ПОТКОВИЦА за чешкиот филм РЕНЕ на авторката Хелена Трештикова која во најдобриот манир на чешката филмска поетика пронаоѓа необична визура во долгогодишното набљудување на повеќегодишниот затворски повратник.
СРЕБРЕНАТА ПОТКОВИЦА му припадна на босанскиот филм ИНФОРМАТИВНИ РАЗГОВОРИ на авторот Намик Кабил. Станува збор за интерактивен документарец кој во манирот на најдобрата традиција на документаристиката на овие простори уште еднаш го анализира неодамнешното минато и поставува многу болни прашања.

ЗЛАТНАТА ПОТКОВИЦА пак или ГРАН ПРИТО оди за францускиот филм НАГОРЕ на авторот Георги Лазаревски. Овој опсервирачки документарец на европската провениенција, врз примерот на актуелните теми зборува за поразот и бесмисленоста на поделбата во современиот свет.

 

Специјалното жири составено од проф. Стефан Сидовски – како претседател и од членовите Јагода Михајловска-Георгиева, Марија Џиџева, Јани Бојаџи и Влатко Галевски, на ден 30 мај 2009 год. во Струмица ја донесе следнава одлука:

Во категорија “Мувиленд” - кратки филмови од Србија одлучи да му додели награда на филмот “Точка на прекин” на режисерот Игор Тохољ  заради прецизноста и возбудливоста со која авторите отвораат една, навидум маргинална, но истовремено шокантна материја од нашето секојдневие, поради изворедното чувство за мерка и време во третирањето на документарната материја, како и поради оригиналниот метафоричен аспект со кој се збогатува наративниот од на филмот.

Жирито во истата категорија доделува и специјална награда на филмот “Хелиум” на режисерот Џузепе Скетино заради иновативниот визуелен приод кон филмската материја и поетската димензија во намерата да се изразат излезот и будењето од кошмарот на војната и транзицијата.

Во конкуренција на  светски краток игран филм, т.е. во категоријата Глобална фикција,  жирито му доделува награда на исландскиот филм “Птички” на режисерот Рунар Рунарсон како исклучително компримирана филмска нарација која на суптилен начин се трансформира од баналност до поетичност, од минимализам до универзалност, со крајна естетизираност и со топол, но и катарзичен реквиемски крешендо.

Специјалното жири исто така додели специјална награда како поттикнувачки импулс на македонскиот филм “Еден” во режија на Вардан Тозија и продукција на Михајло Цветанов, како филм со евидентна комплексност во творечката постапка и со референтна жанровска посветеност и дизајн.

Вечерва, во последната фестивалска вечер ќе се прикажат филмовите кои ги добија главните награди: НАГОРЕ на Георги Лазаревски, ПТИЧКИ на Рунар Рунарсон, ТОЧКА НА ПРЕКИН на Игор Тохољ и НА ИЗГРЕЈСОНЦЕ на Ѓорче Ставрески.

www.asterfest.mk

--
ASTERFEST &
TIBERIOPOLIAN FILM ALLIANCE

AsterFest, P.O. Box 10, 2400, Strumica, MK

tel.+389 34 320 232