„Златната потковица" ја доби британскиот филм „Откачување", а наградата „Ѓорѓи Абаџиев" му припадна на „Пијано" од Ерменија

„Златната потковица" на 8. Интернационален филмски фестивал „Астерфест", која се доделува за документарните филмови од програмата "Астердокс", ја доби британскиот филм „Откачување" на Финлај Претсел и Адријан Мекдауел, чија откачена приказна го следи годишниот фризерски натпревар во еден шкотски затвор. „Сребрената потковица" отиде за холандскиот филм „Оние другите", кој многу луцидно ни го открива "егзотичниот" свет на племето Мурси, виден низ очите на европските туристи. Режисерите на овој филм се двајца туристички работници Илја Кок и Вилјем Тимерс. Додека, третата награда, односно „Бронзената потковица" ја освои неверојатната ода за осаменоста, шведскиот филм „Клаес" на Мартина Карлштед.

Македонскиот режисер Владимир Блажевски и двајцата негови колеги, Срѓа Пенезиќ, режисер, писател и продуцент од Лос Анџелес и Александар Штиглиќ, режисер и експерт за анимација од Нови Сад, кои беа членови на годинешното жири, изјавија дека го преземаат целиот ризик определувајќи се за овие филмови, иако знаат дека некое друго жири би одлучило поинаку.

Македонскиот краток игран филм „Бардо" на Марија Апчевска, со кој се отвори фестивалот и кој пристигна во Струмица директно од Берлин, освои две награди. Жирито го прогласи овој филм за најдобар во програмата за кратки играни филмови "Глобална фикција", а исто така, му припадна и наградата "Ацо Алексов" за најдобар млад македонски автор. А новововедената награда "Ѓорѓи Абаџиев" за најдобро сценарио отиде кај француско-ерменската копродукција "Пијано" на Левон Минасиан.

За најдобар анимиран филм беше прогласен полскиот "Изгубениот град Свитез" на Камил Полак, направен по една епска поема од 19 век. "Старозлатниот проектор" го доби потресната руска животна приказна на Рајнер Лудвигс "Приказната на Леонид", која комбинира анимација и документарност, а Специјалната диплома му беше доделена на исклучителниот црногорски филм "Животот, приклученијата и одржливиот развој на еден петел" на Владимир Перовиќ. Во програмата "Мувиленд", фокусирана на современите кратки филмови од Русија, наградата ја доби "Ќе го заборавам овој ден" на Алина Рудницкаја. (С.У.)

Извор: Утрински весник