Родителите со своите деца активно поминуваат 40 минути дневно, предупреди Жељко Вранковиќ, полициски службеник на Одделението за превенција во полициската станица (ПС) во Осијек.

Резултатот е од малку постаро истражување спроведено во Хрватска, кое при поновите минатогодишни истражувања го потврдија и некои интернетски портали, вели Вранковиќ. Колку е точно дека родителите толку малку време одвојуваат за своите деца, се обидовме да дознаеме од Павле Мамужиќ, психолог во О. У. „Младост“ во Осијек.

- Првпат слушам за тој податок и тешко ми е да поверувам во таа минутажа. Ми се чини дека повеќето родители со тоа нема да се согласат. Посебно сега кога времето е поубаво и кога многу родители се надвор со своите деца. Тоа сигурно не е само 40 минути на ден. Каде е тука и времето поминато дома? Сметам дека податоците повеќе се однесуваат на постари деца од 13-14 години па нагоре – вели психологот.

- На таа возраст доаѓа и прашањето за осамостојување на децата, кога примарните односи им се во кругот на врсниците. Децата на таа возраст почнуваат да го бараат својот идентитет и се обидуваат да се одвојат од родителите. Не е пожелно да се настапува кон децата со репресивни методи, на пример треба да се одреди време кога детето може да го помине покрај компјутер и да се држи до некои норми и граници.

Треба да се земе предвид дека нив комуникацијата на интернет сега им е дел од животот и начин на кој комуницираат со своите врсници, а потоа да се обидеме да им се приближиме на тој начин. Не треба да се обидуваме да ги менуваме децата на таа возраст, туку треба да се обидеме да ги прилагодиме, секако со поставување на здрави граници, додава психологот Мамужиќ и потенцира дека секогаш со добра организација, може да се одвои време за семејството и за заеднички активности, почитувајќи го изборот на детето и неговата слобода. Еден, два или три дена во неделата, треба да се одвои време кога семејството ќе се собере и ќе прават нешто заедно, ако ништо друго барем да прошетаат.

Во рамки на проектот „Заедно можеме повеќе“ Одделението за превенција на ПС во Осијек, заедно со советите за превенција на Осијек, Бјели Манастир, Ѓаково и Нашице, подготви плакат на кој стои: „Родители, дали знаете што прави сега вашето дете?“. Во осијечката полициска станица истакнуваат дека, покрај тоа што родителите малку време поминуваат активно со децата, често и не знаат каде се тие.

 

 Извор: http://www.idividi.com.mk/stil/woman/758690/index.html