Обновата на 1.500 години старата Црква на Христовото раѓање во Витлеем на Западниот брег ќе почне идната година на иницијатива на палестинската влада. - Палестинската управа, Црквата на Христовото раѓање ја смета за главна туристичка атракција, која годишно ја посетуваат околу два милиона туристи

Б92 - Белград

29 ноември 2011

Обновата на 1.500 години старата Црква на Христовото раѓање во Витлеем на Западниот Брег, место каде според христијанското верување се родил Исус, ќе почне идната година на иницијатива на палестинската влада, а подготовките се веќе во тек.

Прво ќе се реновира покривот на древната градба кој претставува опасност за посетителите и прокиснува, поради што се оштетени многу мозаици и слики, од кои некои датираат од византиско време. Ако се тече според планот тоа ќе биде прво големо реновирање по повеќе од 150 години, кое ќе чини околу 15 милиони долари.

Палестинската влада, Црквата на Христовото раѓање ја смета за главна туристичка атракција, која годишно ја посетуваат околу два милиона туристи.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас се надева дека Агенцијата на ОН за образование наука и култура (УНЕСКО) ќе ја сврсти Црквата во светско наследство.

Претходното барање не е усвоено, бидејќи меѓу другото, Палестинците не беа рамноправна членка на УНЕСКО, но тоа се промени во октомври кога беа примени во таа организација.

Реновирањето на Црквата не е лесен зафат, пред се бидејќи ја делат католици, грчки православци и Ерменци, кои се сомневаат едни во други, да не се наруши чувствителното статус кво.

Реновирањето на дел од молитвениот простор според утврдената пракса исто е што и поседување, што значи да се дозволи на другите да го реновираат тој дел или да платат за реновирањето, подразбира ширење на едните на сметка на другите.

Кога Црквата на Светиот гроб во Ерусалим била оштетена во земјотрес во 1927 година, биле потребни 30 години да се договорат ривалските конфесии за обновата и уште три години реновирањето да заврши.

Овој пат трите цркви се согласија, на интервенција на палестинската управа, реновирањето да го организира и финансира владата и меѓународни донатори.

- Нашиот претседател издаде декрет да се обнови покривот и да се подготви реставрација на Црквата во име на трите цркви и во соработка со трите цркви кои тоа очигледно не можат сами да го направат, рече палестинскиот министер за туризам улуд Даибес.

Експерти од Канада и Италија, меѓу другите земји, оваа година ја прегледаа Црквата и сега палестинските власти се надеваат дека трите цркви ќе потпишат планови за да може реновирањето кое ќе чини од 10 до 15 милиони долари, да почне во 2012 година.

Отецот Атанасиус, римокатолички свештеник, рече дека е потребно реновирање, а архиепископот Арис Ширванин од Ерменската патријаршија во Ерусалим потврди дека неговата црква го поддржува планот заедно со другите цркви. Меѓутоа, претставник на Грчката православна црква не одговори на молбата да ги прокоментира плановите за реконструкцијата.

Покрај другиот дел, покривот го изградил византискиот император Јустинијан во 6 век, по уништувањето на првобитната црква изградена над пештерата во која се родил Исус. Некои од дрвените структури од времето на Јустинијан се уште постојат. Во 1480 година, кога Витлеем бил под контрола на муслиманите, била дадена дозвола да се заменат. Бургундскиот војвода Филип испратил мајстори заедно со материјал, дрво и железо. Англиксиот крал Едвард Четврти испратил олово, а свештеник од Венеција обезбедил бродови.

Два века подоцна следела голема реконструкција.

Додека Светата земја била под контрола на Велика Британија од 1917 до 1948 година, се знаело дека покривот треба под итно да се замени, но Британците не можеле да се изборат со ривалството на разните конфесии кои ги поддржувале сили како Франција и Русија. Во средината на 19 век тензиите толку пораснале, што рускиот цар Николај поставил војска долж Дунав да му се закани на турскиот султан кој ги фаворизирал католиците за сметка на православните.

Британците успеале само малку да ја реновираат Црквата, а истото важи и за Јорданците кои владееле со Витлеем од 1948 до 1967 година и за Израелците кои го освоиле Западниот Брег таа година и го предале на Палестинската управа во 90-тите години.

Во 1997 година УНЕСКО заклучи дека некои мозаици и слики се толку оштетени што не можат да се обноват. Сличен случај бил со реновирањето на Црквата на Христовиот гроб, кога разни цркви ги надминале несогласувањата кога се заканила опасност црквата да падне, рече професорот на меѓународни односи Рејмонг Коен од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.

Тој смета дека нешто слично се случило и со црквата во Витлеем.