Скопје, 19 ноември 2010 (МИА) - Шестата акција за разеленување на Македонија се реализира успешно со најмасовна излезеност, освен на местата каде што временските прилики не дозволија, оцени иницијаторот на акцијата „Ден на дрвото“, маестро Борис Трајанов.

- Свеста за садење дрвца е енормно подигната и по 2,5 години веќе има резултати и се гледа како растат садниците. Насекаде  се зборува за дрвцето, насекаде се сади и надвор од акцијата  во парковите, приватните куќи, вели Трајанов.

Планирано е во шестата акција да бидат засадени седум милиони дрвца. - Не може да се засадат сите за еден ден, не сме ловци на рекордни. Нам ни е важно тоа што поради оваа акција, поради  желбата за садење и на народот, на власта и на невладините организиации, по 2,5 години веќе има резулктати и се гледа како растат садниците, рече Трајанов.

Денешното пошумување на Макаедонија се одвива под мотото „Садиме заедно за нас“ на 80 локации низ цела држава.

Дрвца денеска засадија и премиерот Никола Груевски, членови на Владата, пратеници, припадници на АРМ, ученици,...

Премиерот Груевски, кој засади дрвца на локацијата Милениумски крст на Водно смета дека оној што еднаш засадил дрво многу тешко и ретко ќе се одлучи да исече и тоа, како што рече, е градење на култура за чување на дрвото како национално богатство.

- Секој што засадил дрвце ќе биде горд на тоа што го направил. Ќе го гледа засаденото, а ќе го гледаат и неговите деца и внуци, изјави Груевски.

Садењето дрвца е  обврска  како за денешните, така и за идните генерации, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

- Луѓето што денеска садат дрвца ја сакаат природата и сакаат други луѓе бидејќи само човек што сака  да создаде подобри услови за иднината е подготвен да  сади  дрво, изјави Ставрески, кој засади дрвца на Средно Водно.

Се садеше покрај автопатиштата и езерата. Во Скопје се сади на местото викано Три Круши кај Драчево и на повеќе локации кај Петровец и на Водно. За помасовно учество во акцијата Владата го прогласи денешниот ден за неработен, што ќе се одработи во сабота на 27 ноември.

Акцијата е поддржана и од бугарската музичка телевизија „Балканика“ која медиумски ја промовираше кампањата. Менаџерот Красимир Георгиев истакна дека иницијативата е исклучителна, изразувајќи задоволство од масовното учество и од големата ангажираност на населението.

- Македонија и Македонците им покажаа на сите балканци како да гледаат напред за садење на иднината како што тоа го први „Денот на дрвото“, изјави Георгиев за МИА.

Пошумувањето симболично почна во понеделникот со садење садници од страна на новинарите, потоа дрвца засадија и претставници на верските заедници, сопругите на претседателот на Република Македонија и на амбасадорите во државата, претставниците на дипломатксиот кор.

Заклучно со денешната акција ќе бидат засадени околу 35 милиони садници. Првата акција беше спроведена на 12 март 2008 година кога беа засадени два милиона дрва. На 28 октомври 2008 година беше организирана и втората со засадување шест милиони садници, на 14 март 2009 Македонија беше пошумена со уште пет милиони дрвца, а на 19 ноември минатата година беа засадени доплнителни 7,5 милиони садници. На 31 март во петтата акција се засадија приближно седум милиони дрвца. сс/са/15:09