Државата не ја интересира работата на академиците

Во МАНУ се направени многу економски анализи што можат да и' помогнат на земјата, но имаме впечаток дека никој од надлежните се' уште не ги прочитал, иако секогаш се достапни


Слаб е интересот на надлежните да ги применат трудовите на академиците во практика, во развојот на земјата, смета претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Цветан Грозданов. Тој денеска ќе им биде домаќин на академици од целиот свет кои ќе присуствуваат на прославата на 40 роденден на МАНУ. Според Грозданов, нашата академија има многумина научници чии дела денес, во светот, се користат како научна литература во разни истражувања, но ниту една власт досега не покажала доволно голем интерес да ги помогне истражувањата и потоа да ги примени во развојот на државата.

- Во светот, академик има повисок ранг од министер. Кај нас не е така. Ние како да немаме Министерство за образование и наука. Министерот заборавил да дојде и да види што се работи тука. Министерството за наука е тоа што треба да биде сервис и да не' прашува што ни е потребно, а не академиците да тропаат на нивните врати и да бараат помош. Академикот е доживотен, а функцијата министер е само привремена. Тоа треба да се разбере, зашто научната мисла треба да биде одржувана и применувана - вели академик Грозданов.

Тој додава дека во минатиот период биле изработени и повеќе економски анализи и предлози, но ниту еден министер досега не се потрудил да ги примени трудовите.

- Создадовме повеќе истражувања за македонската економија. Дадовме идеи, но немаме впечаток дека нив досега некој ги прочитал или ги погледнал. Ова што го работиме не е тајна и секој од надлежните може да дојде и да праша, но никогаш не доаѓаат тука - додава академик Грозданов.

Според првиот човек на МАНУ, за трудовите на научниците и на уметниците од Академијата само малку се знае во јавноста и, како што вели, затоа постои впечаток дека институцијата е затворена.

- Нашата дејност е малку забележана. Отворени сме за се', но тоа што е создадено тука тешко стигнува до луѓето и тие не се свесни за откритијата и анализите што тука се прават. МАНУ секако не ги следи настаните само како дневнополитички случувања. Академијата реагира секогаш кога се отвораат круцијални прашања поврзани со идентитетот, интегритетот и самобитноста на македонскиот народ, името, јазикот. Книги во кои го браниме нашиот идентитет и историја веќе се објавени на француски и на англиски јазик , но јавноста, поради недоволниот интерес од медиумите, не е запозната со тоа. Академиите и во светот работат така - не реагираат секогаш за се' и сешто. Нашите трудови, за жал, не се ударни вести, иако тие се од големо значење за афирмација на земјата во светот.

Поради немањето пари, академик Грозданов вели дека во иднина истражувањата ќе бидат објавувани и на интернет, со цел за и светот да биде запознат со тоа што се истражува тука.

- Многу трудови ги имаме во работни верзии, а немаме пари за да ги печатиме. Има огромна продукција, која се' уште не излегла од МАНУ. Информатиката стекна голем пробив и затоа ќе ја користиме за следење на најновите откритија во светот. Нашата струка мора да биде во тренд со светските научни текови. Треба да се трча во светскиот научен круг. Ако не трчаме, тогаш ќе заостанеме и нема да бидеме актуелни - вели Грозданов.

Тој најави дека до крајот на годинава во издание на Академијата ќе бидат објавени дела од повеќе научни области, како и прв скратен том од голема Македонска енциклопедија.

Тоше Огњанов