Датум: 29.12.2013, 16:50
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ЕKСПЕРТИТЕ

Тектонски поместувања го оштетија манастирот во Kурбиново




Тектонски поместувања на подот, пукнатини на градбата и на ѕидното сликарство, пожолтување на фреските во манастирот во Kурбиново, се само дел од оштетувањата врз архитектурата и црковната уметност што ги евидентирале експерти од битолскиот Завод и музеј. Во истражувањето за состојбата на манастирскиот бисер од 12 век вклучени се експерти од Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија.

-Направивме комплетна документација за состојбата и генерален заклучок е дека храмот е во многу нестабилна состојба. Врз архитектурата и ѕидното сликарство постојат многу пукнатини со прогресивен тек. Има и пукнатини на партерот, се работи за тектонски нарушувања на самата почва на која лежи храмот. Идната година ќе треба да се направи испитување на теренот и на јачината на ѕидните маси - вели Ристо Палигора, историчар на уметност во Заводот и музеј - Битола.

Ваквата детаљна анализа ќе помогне за изработка на прецизен проект за конструкциско зајакнување на храмот и понатамошна санација на ѕидното сликарство кое се вбројува во највредните дела што византиското фрескоживописување ни ги оставило во наследство.

Но, проблем се јавува и со пожолтувањето на фреските од извесен премаз кој бил користен во 2004 година од Републичкиот завод за заштита на спомениците. Палигора вели дека во документацијата со која располагаат не пишува прецизно што било користено.

- Најголем дел од фреските се пожолтени како стара хартија, а во горните делови каде што не стигнале, можеби немале скеле доволно високо, останала оригиналната боја. Треба да се види со што е премачкано, дали е некој вид лак или фиксатив, за да може да се отстрани - додава Палигора.

Манастирот „Св. Ѓорги“ во Kурбиново, Преспа, се вбројува во најзначајните културни богатства на Македонија.

Препознатливата фреска „Ангелот од Kурбиново“ се наоѓа на заднината од банкнотата од 50 македонски денари.

За почетните истражувачки активности Министерството за култура издвои 150.000 денари.

Велушина - најстарата црква во регионот

Битолскиот Завод и музеј во годината што изминува интервенира со повеќе од 50 проекти за заштита на културното и историското наследство. Меѓу нив се и археолошките испитувања и дренажната заштита на манастирот „Света Богородица“ во село Велушина, за кој, според наодите, се очекува да се докаже дека е најстариот црковен објект во поширокиот регион.

- Од она што се гледа на површина имаме фаза од 10 век, па натаму, но од ископите под земја тие се надвор од таа концепција, па веруваме дека тука се наоѓа и ранохристијанска црква зашто многу елементи, камења, капители од стар иконостас се вградени во ѕидовите на средновековната црква. Секаде каде што се обидовме да ги спроведеме каналите наидовме на археолошки наоди - вели Палигора.

Истражувањата и заштитата ги помогна Министерството со 400.000 денари. Во иднина се очекува ова да биде една од најважните културни туристички атракции во регионот на Битола.

Жанета Здравковска - Дневник

 http://www.dnevnik.mk/?ItemID=E1923DCA98B05C45B4FEEF4B7ACE71C2