На иницијатива на професор Ричард Грејсон, научен соработник, писател и лектор на оксфордскиот универзитет и члена на БАФТА (Британската академија за филмска и телевизиска уметност) на 16-ти мај на универзитетот во Оксфорд, Велика Британија, се одржа долго најавуваната презентација на македонскиот игран филм “Трето полувреме“.
Пред тристотина званици, академски професори, филмски автори, новинари, уметници и интелектуалци, професорот Грејсон во својот вовед зборуваше за настаните кои го инспирирале овој филм, за историјата на Македонија во Втората светска, нејзиниот анти-фашистички отпор и трагедијата на македонските Евреи испратени во концентрациониот логор Треблинка од страна на бугарските окупациски сили. Крајот на проекцијата беше проследен со овации, а потоа беше организиран и видео линк со Лос Анџелес, односно со авторот на филмот Дарко Митревски кој околу половина час одговараше на прашањата на публиката желна да дознае нешто повеќе за Македонија, автентичните луѓе и настани врз кои е базирана оваа филмска приказна, како и за условите во кои филмот е создаван. Особено интересно за англиската публика (земја во која е роден фудбалот) беше да го слушне податокот за едновековната фудбалска традиција во Македонија и за популарноста на овој спорт во предвоеното Скопје, а со аплауз беше проследено признанието на режисерот дека е “најголемиот фудбалски анти-талент кој го дала земјата на Панчев и Пандев“. Филмот ја разбуди љубопитноста на публиката да дознае нешто повеќе и за македонските филмови и македонската кинематографија.
Промоцијата заврши со коктел, а за настанот извести и Би-Би-Си во својата редовна програма. Инаку овој филм досега е откупен за дистрибуција во САД, Франција, Австралија, Јужна Кореја, Кина и Јапонија.