ДАЛИ СОВРЕМЕНИОТ НАЧИН НА ЖИВОТ ИМА ВЛИЈАНИЕ?

Зачестени ментални нарушувања кај американските деца


Најчестите ментални пореметувања кај децата во САД се хиперактивност, проблеми со однесувањето, анксиозност, депресија и аутизам

Американските адолесценти од машки пол повеќе одошто девојчињата се склони кон нарушувања на однесувањето, аутизам, анксиозност и зависност од тутун. До една петтина од децата и тинејџерите во САД страдаат од ментални пореметувања како што се депресија и анксиозност, а зачестеноста на овие заболувања е во постојан пораст, предупредуваат американските Центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
"Секоја година 13 до 20 отсто од децата кои живеат во САД доживуваат некаков вид на ментално нарушување", стои во извештајот на ЦДЦ, а пренесе агенцијата АФП.
Се истакнува дека менталните проблеми кај младите се важно прашање кое го засега јавното здравје, и поради зачестеноста и поради раната појава и влијанието кое го имаат врз детето, семејството и целата заедница. Освен тоа, незанемарливи се и трошоците за лекување за државата кои се проценуваат на 247 милијарди долари годишно.
Најчесто ментално пореметување кај децата во САД е хиперактивноста следена од дефицит на внимание (АДХД), од што страдаат 6,8 отсто од младите. Следуваат проблеми со однесувањето кои погодуваат 3,5 отсто од децата и тинејџерите, потоа анксиозноста со 3 отсто, депресијата со 2,1 отсто, аутизмот со 1,1 отсто и така натаму.
Во 2010 година самоубиството било втората најчеста причина за смрт кај Американците на возраст меѓу 12 и 17 години. Машките адолесценти се посклони кон АДХД, аутизам, анксиозност и зависност од тутун. Исто така се и почести жртви на самоубиство од девојчињата. Од друга страна, девојчињата се посклони кон депресија и злоупотреба на алкохол од момчињата.

 

Извор: Вечер