KУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

Плаошник ќе биде македонски Ватикан

Само античкиот град Стоби кај Градско веќе четири години функционира како независна институција, а други локалитети да станат тоа, ќе се почека додека помине економската криза

Ниту еден археолошки локалитет во земјава годинава нема да прерасне во национална институција поради економската криза, вели Паско Kузман, директор на Управата за заштита на културното наследство. Засега исклучок останува само античкиот град Стоби кај Градско, кој веќе четири години функционира како независна институција. Според Kузман, и други локалитети во земјава имаат капацитет самостојно да опстојуваат, но во моментот нема пари за тоа.

Стоби е успешен пример

- Додека трае оваа ситуација со криза и рецесија, не само кај нас, воопшто во Европа, прогласувањето нови институции ќе биде проблематично. Стоби е првенче, кое успешно напредува и покажува прекрасни резултати. Реагираат само злонамерниците или оние што порано имале некакви тезги на локалитетот. И нека реагираат, поважно е што Стоби се развива во нагорна линија. Локалитетот е постојано чист, нема плевел, а порано беше обраснат со тревишта, ѕидовите не се гледаа. Сега добро е, а тоа го потврдуваат и резултатите - вели Kузман.

Според него, и Хераклеја Линкестис кај Битола ги исполнува сите услови да биде самостојна институција. Во групата тој го вбројува и Плаошник во Охрид, кога ќе заврши проектот за обновување на Светиклиментовиот комплекс.

- Во заедничко владение со Македонската православна црква, Плаошник би бил како мал Ватикан во Охрид. Ако го направиме како што треба, Плаошник може да биде еден таков центар во Македонија - вели Kузман.

Засега овие локалитети се под ингеренции на локалните заводи за заштита на спомениците на културата и музеи во Битола, односно во Охрид.

На пет локации на античкиот град Стоби кај Градско лани работеа археолозите. Тие ги истражуваа храмот на Изида, театарот, епископската базилика, западната некропола и полукружниот плоштад. Институцијата „Стоби“ го поднесе извештајот за активностите во изминатата година.

Археолошкиот локалитет Стоби во последните години покажа големи резултати - откриен беше сосема нов храм и скулптура посветени на божицата Изида, продолжија истражувањата на театарот, на епископската базилика, на комплексот на полукружниот плоштад. Локалитетот е финансиран од државниот буџет, но остварува заработка и преку одредени спонзорства. Според директорката на институцијата, Силвана Блажевска, тие се обидуваат да ја прошират соработката со повеќе фирми, на различни полиња, за да имаат корист и двете страни.

Британски искуства

Познатите археолошки локалитети во светот функционираат различно. Сите им припаѓаат на државите, некои се самостојно, но најчесто во рамките на музеи кои се отворени на самите локалитети.

На пример, древното светилиште Стоунхенџ во Велика Британија, како и останатото културно наследство во земјата, се под ингеренции на групацијата „Англиско наследство“, чија одговорност е да се разбере, вреднува, заштитува и ужива во уникатното англиско наследство. Тие се попознати како одговорни за колекцијата на национално наследство од историски локалитети и споменици и како чувари на повеќе од 500.000 објекти во земјата. Освен што обезбедуваат грантови, тие ја советуваат Владата за приоритетите во културното наследство и на локалната самоуправа. Иако се невладино, јавно тело, ги спонзорира министерството за култура, медиуми и спорт.

Весна И. Илиевска - Дневник

20.02.2013 г.