ПАДНА ПРВАТА ПРЕСУДА ЗА KОМЕНТИРАЊЕ ПРЕKУ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Навредите на „Фејсбук“ почнаа да се казнуваат

 

Изречената казна е минимална, но испраќа силна порака до илјадниците корисници дека и интернетот е медиум и не може да се испраќаат заканувачки и навредливи пораки, велат од Основниот суд во Велес

Првите казни за навреди и закани преку социјалната мрежа „Фејсбук“ во Македонија паднаа во Основниот суд во Велес. Kазните се симболични, но според правните експерти, сепак им се дава на знаење на корисниците на овие социјални мрежи дека нивното коментирање, ако е незаконско, нема да помине несанкционирано.

Во првиот случај, осуден е Игор K. за навреда изречена на „Фејсбук“. Тој на 13 јуни 2010 година како член на Организациониот одбор на „Рациновите средби“, незадоволен од текст на новинар, со навредливи зборови се нафрлил врз авторот. Навредите ги прочитале голем број пријатели на новинарот. Токму тие биле повикани како сведоци во судскиот процес, со што било потврдено дека обвинетиот бил тој што ги напишал навредливите коментари, иако во постапката негирал дека е негов профилот. Тврдел дека друг лажно се претставувал со неговите иницијали. За ова тој е казнет со условна казна од 100 евра, ако во следните две години го повтори делото. Правниците што ги консултиравме велат дека процесот, иако едноставен, траел долго, две години, а биле одржани дури 19 рочишта.

Во обид за вештачење и докажување дека Игор K. е авторот на навредливиот коментар, побарана е помош и од администраторите на мрежата „Фејсбук“. Тие пак барале возвратно други детали, потребни за македонската полиција за да докаже дека заканите се изречени од профилот на тужениот.

Преписката заглавила, а судијката Тања Милевска, која ја донесе оваа прва пресуда во Македонија, ја темели врз основа на изјавите на сведоците и нивната потврда за автентичноста на профилот на обвинетиот.

Неодамна во Основниот суд во Велес беше донесена друга пресуда, поради закани изречени на интернет. Велешанецот Тони Ј. е осуден на парична казна за кривичното дело загрозување на сигурноста. Тој на двајца треба да им плати по 25.000 денари. Бил тужен од членови на граѓанското здружение ,,Зелена коалиција“, која се бори против рестартирањето на Топилницата на постојната локација во Велес. Тој им испратил по електронска пошта навреди и закани по нивниот живот. Обвинетиот бил поттикнат од фактот што неговите родители работеле во Топилницата и така обезбедувале егзистенција. При вештачењето од МВР извршено врз компјутерот на велешанецот, било потврдено дека тој ги испратил пораките до тужителите.

- Изречената казна и во двата случаја е скромна и минимална. Но таа испраќа силна порака до илјадниците корисници дека и интернетот во која било форма е медиум и не може да се испраќаат насилнички, заканувачки, навредливи пораки. Ова е пионерски чекор во македонската судска практика, но од некаде сепак мораше да се почне – велат од Основниот суд во Велес.

Владата со проект за заштита на децата од интернет-злоупотреби

Владата одлучи да започне проект за заштита на деца и млади од нелегални содржини, порнографски материјали, закани, злоупотреби и други криминални активности на интернет. Со овој проект ќе се намалат опасностите и штетните влијанија врз децата и ќе се санкционираат прекршителите на законите. Истражувањата покажале дека речиси две третини од содржините на интернет можат да бидат штетни за децата како што се промовирање самоубиство, булимија или анорексија, промовирање на употребата на алкохол, дрога, откривањето лични податоци, сајбер-малтретирање... Само за една година се откриени симнувања на 4.323 разни документи со детска порнографија од над 400 компјутери во Македонија. Со пребарување на зборот тепачка и ќотек се постирани повеќе од 300 видеоклипа по потекло од Македонија. Над 25.000 видеоклипови на интернет се со ксенофобична или националистичка содржина. Повеќе од 300 видеоклипови со содржина за малтретирање се поставени на интернет.

Поради ова, Владата ќе преземе мерки во кои ќе бидат вклучени претставници на целото општество. Носител на целокупната активност ќе биде Министерството за информатичко општество и министерот Иво Ивановски.

Петар Печков- ДНЕВНИК