Од иноците Калист и Игнатиј Ксантопул


Поука на оние што безмолствуваат
(во сто глави)

37. За тоа како подвижникот треба да го минува времето
од земањето на храната до залезот на сонцето,
како и за тоа, дека божествените дарови ни се даваат
и придодаваат според нашите трудови и дела





              Откако ќе се поткрепиш со храна, каква што му е дозволена на подвижникот, според зборовите на божествениот Павле: „Секој што се бори, од сѐ се воздржува“ (1. Кор. 9, 25); седни и читај што е можно повеќе од списите на светите отци, а особено оние, кои поучуваат за трезвението; а потоа, ако се деновите долги, поспиј еден час, а потоа, откако ќе станеш, поработи малку рачна работа, молејќи се истовремено. А потоа, пак помоли се, како што е веќе кажано. А по молитвата, пак читај, размислувај и поучувај се, но труди се да се смируваш и да се сметаш пониско од сите луѓе.


            Зашто и Господ говори: „Секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува, ќе биде воздигнат“ (Лука 18, 14); уште: „Кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“ (1. Кор. 10, 12); уште: „Бог се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат“ (Јак. 4, 6; Изреки 3, 34). Уште: „Почетокот на гордоста е оддалечувањето од Господа“ (Мудр. Сир. 10, 14); Уште: „Горделивите го престапија законот многу“ (Псал. 118, 51); и уште: „Не мислете за високи работи, туку држете се смирено“ (Рим. 12, 16).



             И божествениот Златоуст говори: „Најдобро мисли за себеси оној, кој мисли дека е ништо, а на Бога ништо не Му е така мило, како што Му е мило тогаш кога се сметаме дека сме од сите луѓе најпоследни и најлоши.“

            И свети Исак Сирски говори: „Тајните им се откриваат на смирените.“ – Уште: „Таму каде што израснува смирението, таму се излива Божјата слава.“ – Уште: „На благодатта ѝ претходи смирението, а на казната – високото мислење за себеси.“


-    И свети Варсануфиј пишува: „Ако вистински сакаш да е спасиш, тогаш покажи ја твојата послушност на дело; нозете твои издигни ги над земјата, а умот твој возвиси го на небото; со помислите твои биди таму дење и ноќе, но при тоа, колку што имаш сили, сметај се за презрен; труди се да се сметаш подолу од сите луѓе. Тоа е вистинскиот пат; освен него друг пат кон спасението не води, како што вели божествениот Павле:  ‘Сѐ можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи’ (Филип. 4, 13). Уште: ‘Оние што се натпреваруваат, трчаат сите, а само еден добива награда. Па така трчајте и вие, за да добиете‘ (1. Кор. 9, 24). Ова го сведочам пред вечниот Бог, пред живиот Бог, Кој сака вечен живот на секого, којшто го бара“ (Одговор 477).




        И свети Јован Лествичник пишува: „Не постев јас, не правев бденија, не спиев на гола земја, туку се смирував, мислев за себе дека сум ништо, и набрзо ме спаси Господ“ (сп. Псал. 114, 5).



        И пак свети Варсануфиј говори: „Безгрижноста ќе те приближи кон градот; непочитувањето спрема себеси, сметањето дека си последниот човек меѓу луѓето – ќе те всели во градот, а умртвувањето за секој човек те прави – наследник на градот и на неговите сокровишта“. – Уште: „Ако сакаш да се спасиш, сметај се за ништо, и брзај напред.“ – И уште: „Да се сметаме за ништо, значи – со никого да не се споредуваме, да не говориме за нашите добри дела, да не говориме за она што сме направиле.“




        По ова пак моли се чисто и нерасеано, моли се, сѐ додека дојде вечерта. Тогаш направи ја обичната вечерна богослужба и дај отпуст, верувајќи со чисто срце, дека соодветно со нашите трудови и копнежот по добродетелите, воопшто кон нашиот подвижнички труд, Бог ни ги доделува Своите дарови, венци и радости, како што говори псалмопеачот Давид, велејќи: „Кога се намножуваа тешкотиите и во срцето мое, Твоите утехи ја развеселуваа душата моја“ (Псал. 93, 19). И Спасителот вели: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11, 28); а светиот апостол Павле пишува: „Само ако со Него ( Христа ) страдаме, та со Него и да се прославиме. Оти мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас“ (Рим. 8, 17-18).
 

        И свети Максим Исповедник, којшто е премудар во разбирањето во божествените работи, говори: „Причината за разделувањето на божествените дарови е мерката на верата на секого од нас, зашто колку е нашата вера посилна, толку е посилна и нашата ревност да го правиме она што сме должни да го правиме според верата. Затоа, оној што дејствува според својата вера и со тоа покажува каква е и колкава неговата вера, па спрема тоа ќе ја прими и соодветната благодат од Бога. Затоа грешат завидливите спрема оние што напредуваат, зашто секој добива од Бога според својата вера и своите трудови; благодатта се дава на оние што веруваат добро и кои се трудат.“

        Најпосле, моли Му се на Бога со сета своја душа, а останатото време од твојот живот да го поминеш во мир и покајание, без болести, непосрамено и мирно, и да дадеш добар одговор на Страшниот суд на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос.
 

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ, Том V.

 

Друго:

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

14-ти мај 2018 лето Господово

Друго:

 

  • Поуки од Светите Отци