„Архистратизи Божји, служители на божествената слава, на ангелите началници, и на луѓето наставници, просете го за нас она што е полезно, и милост голема, како бесплотни архистратизи“ (кондак на Утрена на Собор на св. Архистратиг Михаил и на другите бесплотни сили).


svarhmih2019 1
 svarhmih2019 2

svarhmih2019 3

И оваа година, споменот на св. Архангел Михаил и на другите бесплотни сили беше свечено одбележан во манастирот на Белото Езеро, којшто преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец го посвети токму на ангелските сили. Празникот започна ден порано, на 20.11.2019 година, со празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Прославата на споменот на светиот Архангел Михаил и на другите бесплотни сили продолжи утредента, на 21.11.2019 година, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а потоа Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 svarhmih2019 4


Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска го прославуваме началникот на небесниот свет, светиот архангел Михаил со останатите небесни сили. Ангелскиот свет е бестелесен и е создаден пред сѐ што е создадено видливо, па и пред човечкиот род. Небесниот свет, односно ангелскиот, е поделен по чинови, кои за нас како психофизички битија не се во целост и до крај јасни и познати. Но, сепак, црковната литература и традицијата на светата Црква ни даваат основни сознанија за тој духовен небесен свет. Ангелите престојуваат во небесниот рај каде постојано го слават и величаат името Божјо, а истовремено ја исполнуваат и волјата Божја како гласници и извршители на пораките што семилостивиот Бог ги испраќа кон родот човечки. Нивното пребивалиште е небесниот рај, односно местото на кое се вознесе нашиот Спасител Господ Исус Христос, праведниот Енох, светиот пророк Илија, како и Пресвета Богородица.

Според учењето на нашата света Црква и вера, секој еден од нас на светата тајна крштение добива свој ангел пазител, кој не пази и чува за време на нашиот овоземен живот. Доколку ние живееме и постапуваме според учењето и верата на нашата света Црква и се бориме против злото и гревот, нашиот ангел пазител е постојано со нас и нѐ пази и ни помага за да ги надминеме сите искушенија и опасности на кои не наведува паднатиот ангел, кој е вечен непријател на човековата душа. Но, доколку, пак, ние со нашиот живот се оддадеме на страсти и гревови и истите ги повторуваме, а немаме покајание за нив, тогаш, со нашите постапки, ние придонесуваме ангелот пазител да се оддалечува од нас и да не се застапува. Тогаш остануваме незаштитени и во нас се вгнездува нечестивиот, кој нѐ насочува кон секакви нечистотии, гревови и престапи, за на крај да нѐ донесе до погибел на нашата душа. Ангелот пазител и на таквата душа ќе се појави на смртниот час за да ја проследи и да ги мине сите митарства, но за жал, покрај грешната огревовена душа, тој ќе стои со жалење, а кај праведната душа ќе стои со ликување и оправдување пред сите препреки кои бесмртната душа ќе мора да ги помине. Ние знаеме дека и свети апостол Павле бил издигнат до третото небо и таму ги видел ангелските чинови, за што зборува во 2 Кор. 12, 4. Од Светото писмо знаеме за повеќе јавувања на ангели Божји, како во Стариот завет, така и во Новиот. Така, ангел Божји и се јавува на Мајката Божја и ја известува за чудесното зачнување. Исто така се јавува и на жените мироносици по воскресението и им вели: „Не плашете се, Он воскресна, одете во Галилеја и таму ќе Го видите". Постојат и многу други примери, како од житијата на Божјите угодници, така и од секојдневниот живот на луѓето, кога ангелот чувар го избавува човекот од различни опасности, а често и од неминовна смрт.

И ние, кои денеска се наоѓаме во овој свет манастир, изграден и посветен од свети Наум, токму на свети архангел Михаил и на небесните сили, да се поучиме од учењето на нашата вера за ангелот пазител. Со нашиот христијански живот да го имаме секогаш нашиот чувар и пазител покрај себе, за да не заштитува и пази од секакви искушенија и маки. Да живееме поисправен христијански живот и со нашите грешки и престапи да не придонесуваме нашиот ангел да се оддалечи од нас и да нѐ препушти на нечестивиот, туку да нѐ пази и заштитува за да се спасат нашите души. Амин.

svarhmih2019 6

 svarhmih2019 8

 svarhmih2019 9

 svarhmih2019 17

 svarhmih2019 19

 svarhmih2019 21

 Собор на свети архангел Михаил

Манастир „Свети Наум Охридски"

21.11.2019 год.

Повеќе