Тенденцијата на некои земји, меѓу кои и на Грција, е да се наметне единствена национална култура за да се следат националната држава и нејзината историја. Но, во тоа се губи поентата, рече проф. Мартин Бернал, автор на книгата „Црна Атена“, на вчерашната трибина на темата „Македонија меѓу античкиот и ариевскиот модел“, во организација на Светскиот македонски конгрес, институтот „Евро-Балкан“ и издавачката куќа „Табернакул“.

Многу од присутните историчари и македонисти, но и луѓе од разни професии заинтересирани за оваа проблематика, го поздравија научниот труд на Бернал, кој успеал, како што рекоа, да излезе од закоравените шаблони во науката.

Книгата „Црна Атена: Афроазиските корени на класичната цивилизација“ на Мартин Бернал, ко­­ј веќе неколку дена престојува во Македонија, излезе во издание на „Табернакул“, и е исклучително значајна студија што со научни аргументи потврдува дека конструкциите елинска или грчка култура и цивилизација се чиста фабрикација.

- Ќе се обидам да ја покажам применливоста на моделот на Бернал во деконструкција на грчката и на западното историографско видување за античка и средновековна Македонија, кои и во 21 век по автоматизам преземаат голем дел од историографските интерпретации креирани во 19. век – рече проф. Митко Панов, историчар.

Тој низ историски примери укажа на причините кои доведуваат до негирање на македонскиот идентитет.

- Периодот на македонската династија мошне погодно се вклопил во конструкцијата на грчката историографија од 19 век во постигнувањето на главната цел за негирање на идентитетот на Македонија и на Македонците. За жал, ваквата конструкција по автоматизам е преземена и од западната историографија и е присутна и во најновите историографски дела со кои се третира Византија и Балканот во средниот век. Погледнато низ призмата на „Црна Атена“ грчкиот хеленизам како конструкција е типичен пример на ариевскиот модел, применлив и за античкиот и за средновековниот период од историјата на Македонија – вели проф. Панов.

Во дебата беа споменати и резултатите од истражувањето на Швајцарскиот институт „Игенеа“, кои потврдија дека современиот жител на Грција има само 30 отсто елинистичко потекло.

- ДНК-та во Грција е многу измешана, иако тие наметнуваат единствен идентитет. Но тоа се прави на многу романтичен и истовремено невистинит начин. Повеќеетничноста на Македонија, пак, е инспиративна за луѓето од другите земји – вели Бернал.

Според Тодор Чепреганов, директорот на Институтот за национална историја, книгата „Црна Атена“ на проф. Бернал е значајна бидејќи разбива многу митови на Балканот.

- Книгата е многу интересна и покажува дека ариевскиот модел за кој зборува професорот е многу опасен и носи зло. А Грција денес е единствената земја што сè уште го практикува ариевскиот модел – вели Чепреганов.

Тој го праша Бернал дали чистите нации се прогресивни и каква е иднината на Македонија, која, како што рече, остана единствената мултиетничка земја на Балканот.

- Мултиетничноста е инспиративна, но опасна - одговори Бернал.

Вчерашната научна трибина беше ретка можност научно и аргументирано да се прозбори за теми што ја засегнуваат историјата на Македонија, но уште повеќе нејзината современост. Книгата „Црна Атена“ (првпат објавена во 1987 година), како ретко која друга книга, последните дваесетина години предизвикува многу научни дискусии, дебати и полемики, кои ја брануваат научната јавност во САД и во Западна Европа.

Официјалната промоција, со присуство на авторот Мартин Бернал, ќе се одржи денеска на Саемот на книгата.

  
Автор:  Весна Дамчевска  - Нова Македонија