Писма до душевадникот

Секоја година, на Божиќ и на Велигден чувствувам некаков тивок страв, некаков зазор каков што човек искусува кога претчувствува дека работите, иако на површината изгледаат сјајно, во длабочината се целосно гнили. Да, на верата мислам. На нашиот одвратен, до блуење лицемерен однос кон Бога, кој особено доаѓа до израз на најголемите празници. Пример од лани: момче вози на Партизанска, на самиот ден Божиќ, со над 100 на час. Вози цик-цак. На наредниот семафор го стигнувам. На ретровизорот обесил голем златен крст. Зелено. Чкрипат неговите гуми, вози повторно цик-цак, не му дозволува на еден Ближен да се престрои на левата лента, и најверојатно поради дејство на алкохол се качува на левата банкина, од што опасно се занесува на сосема спротивната, десна страна. Потоа вози брзо да го стигне „дрзникот“ што се обидел најрегуларно да се престрои во „неговата“ лента на следниот семафор, успева во тоа, излегува од автомобилот со намера да подели Божја правда, и почнува да удира по неговиот автомобил со тупаници.

Тоа момче дента било во црква и за смирение, запалило свеќа? Или е обичен вандал? Исфрлете го закачениот крст (кој во случајот е само накит, односно знак на КИТЕЊЕ), и добивате одлична холивудска сцена во која бандит брка жртва. Крстот е само алиби за сопствената агресивност.

Пример од годинава: на ТВ гледам едно чиче, подлапнато и оклештено од жешка ракија – хепи сенектутес. Пресреќно што од општонародниот казан му дале малку врел етил алкохол. Го прашуваат за празникот, какво значење има, а тој вели: „Многу ни е арно, да јадеме, да си пиеме, да живее...“
(споменува виден политичар). Убаво е тоа, ама на празниците како Христовото раѓање политиката и не е баш некоја тема. Да живее татковината – и така и така, ама да живее баш еден одреден политичар веќе не значи чин на смирение во Христа, туку чин на гласање.

И од религијата правиме предмет со пренамена, еден вид гаџет, а гаџетот е најчеста форма на кич. За оние што не знаат – Абрахам Мол, во својата студија за кичот, како една од неговите форми го издвојува токму она што на англиски се вика гадгет – китење на некој предмет со некоја ситница, при што му се даваат две намени, од кои со време втората станува поважна од првата, иако во почетокот таа требала да биде само накит, украс. Тоа е давање предност на украсот пред она на што тој стои. Тоа е анатомијата на кичот. На пример, на чадор се става дигитален термометар или часовник, па со време сите почнуваат да ги носат тие чадори дури и кога не врне, затоа што дигиталниот часовник станува она поради кое се купува и се носи таков чадор. Или очила за сонце – со време почнуваат да ги носат и ноќе, затоа што втората функција – општественото истакнување („јас ги поседувам овие скапи очила“) станува поважна од првата („овие очила служат да ги заштитат моите очи од сонце“). Така, и религијата ја претворивме во гаџет – наместо да ни служи за душевно прочистување од страстите, таа се сведе на формално одење в црква, поднесување „шалтерска молба“ во молитвите („Боже, те молам дај ми тоа и тоа“), китење што поголеми крстови околу ретровизорите на убавите коли, политичка проповед под маската на општото добро на заедницата и слично. Особено е видлива гаџет-промената на основната функција на религиозното чувство кај политичарите – стана мода, дури и оние што до вчера не можеа да се видат никогаш во црква, да се појавуваат на празниците во црквите, кои се „озвучени“ со директни ТВ-преноси.

Чест на исклучоците. Не велам дека сите верници се такви, ама тврдам дека на дело е масовна злоупотреба на религијата. Во оние случаи кога не е злоупотреба, станува збор за ОСНОВНО НЕРАЗБИРАЊЕ на нејзината суштина.

Со еден наш истакнат духовник деновиве говорев токму на оваа тема – дека речиси никаде немаме ИЗВОРНО практикување на религијата. Црквата малку ја има во моралното воспитание на луѓето, а начините на кои се обидува да влезе во образовниот систем не се вистинските. Таа не им треба само на младите, им треба и на старите. Децата се морално невоспитани и запуштени затоа што такви се нивните родители; не може да биде обратно. Затоа, црквата треба да отвори вечерни школи, на доброволна основа. И да почне од нула.

На пример, постот. И најстарите луѓе што ги познавам, а кои двете раце ги ставаат во оган колнејќи се дека се големи, најголеми верници, никако не ја сфаќаат неговата суштина. Стопати им е кажано, овие години, откако религијата „се одмрзна“ во општествениот живот – поважен од телесниот е духовниот пост.
Со други зборови – наш најголем непријател е устата. Низ неа (точно е) влегуваат со неумереност мрсни јадења, алкохол, никотин, дрога, што сé заедно дејствува на нашето душевно растројство. Ама, пак, безумно е да се стави акцентот само на тоа. Што дека она момче од почетокот на колумната, на пример, постело и не внело ни грам мрснотија за време на божиќните пости? Зошто - кога во бес разлеа илјадници пцости? Или, со други зборови – при постот не е најважно што влегува низ устата (иако и тоа е важно, пред сé, од медицинско-психолошки причини), туку ОНА ШТО ОД НЕА ИЗЛЕГУВА. Затоа што, кажано е, во народните светски мудрости: „Господар си на оние зборови што се сé уште во твојата уста, а роб на оние што од неа излегле“.

И навистина е така, ама тоа некој треба да им го каже на луѓето. Изгледа толку едноставно, што можеби си мислите – што треска овој, па тоа сите го знаеме. Но има и една друга ноторна вистина: најлесно се забораваат едноставните нешта, како што најтешко се докажуваат очигледностите (на пример, дека вашиот шеф е подла личност, или дека 1+1 = 2). Типичен пример за заборавање на едноставните нешта ви е кога, поучени од нечија смрт, ќе кажете – не вреди човек да се нервира за ништо. Колку трае тоа?

Но да не мудрувам врз едноставности (иако, повторувам тие најмногу бараат објаснување за да се запомнат). Да се вратиме на темата уста. Проблемот е во тоа што покрај лична уста, постои и општествена уста. Општеството ни говори, секој ден, на секое место, со најразлични типови на дискурси. Ако ја анализирате таа општествена уста што сé изнакажа за време на божиќните пости за Ближниот (тоа е убава тема и за теолозите, не само за политиколозите), и како потем едноставно, со неколку христијански реторички фрази ни посака на сите смирение, љубов кон Ближниот, ќе се шокирате. Или на таа општествено-политичка уста не и треба толку долг пост (внимавање кои зборови излегуваат од устата) за да се очисти и прочисти од ниските страсти, или – лаже. Прашање е само кога лажела – дали кога во време на постите говорела лошо за Ближниот или, пак, кога на Ближниот, во еден ден, со една реченица му посакала и изразила љубов и се помолила и за него.

Да ти се згади од религиозно лицемерие. Да посакаш просто, црквата да си ја затвориш само во својата душа и да не пушташ во неа никого! Оти кај што влегуваат во толпа, поганат сé. Ни Бог не е поштеден од кичот.

Авторот е универзитетски професор и писател

  
   
Автор: Венко Андоновски 

Извор: Нова Македонија