О)грев за Бадник

 

Катерина Блажевска

Kако што се наближуваат Нова година и Божик така во земјава почнува да се омасовува акцијата „Откорни ја својата иднина“. Сезоната почнува со сечење и со корнење елки и зимзелени грмушки од парковите, булеварите и шумите, а завршува со стотици кубни метри огревно дрво и дабови гранки што на Бадник масовно ќе изгорат во пламенот на нашето незнаење.

Надлежните од „Паркови и зеленило“ во Скопје велат дека лани претрпеле штета од 500.000 денари поради откорнати елки и грмушки, кои несовесните граѓани ги користат за украсување на домовите. Нема податоци колкава е штетата во целата земја.

Kој го прави тоа? Пред еден месец граѓаните во масовна акција „ја садеа својата иднина“, а истото го направија и пролетва, лани, преклани... Би било врвно лицемерие ако некои од нив се раководат според принципот „едно сади - друго кради“. Садењето на едно дрвце не може да биде пресметан аванс за да се откорне друго - израснато.

Оваа урбана приказна е далеку од романтичен заплет, сличен на стихот во народната песна „дење го моме садело, ноќе го момче крадело“. Овде станува збор за некултура, несовесност и алчност.

За да се украси домашна икебана, не мора да се оставаат дупки во зелените појаси на градот. Тој чин на простотилак е лампион на врвот на нечија „зелена совест“, кој не може да се искорени само со тоа што јавните претпријатија ќе ги засилат чуварските служби. Граѓаните сами мора да изградат свест за чување на зелените појаси.

Истото се однесува и за шумскиот фонд, генерално. Но сведоци сме дека токму пред Бадник градоначалниците во земјава како да се натпреваруваат кој ќе донира повеќе кубици огревно дрво за големите бадникарски огнови во општините. Барем да беше еден оган. Kај нас огнови се палат и во секоја улица, пред секоја зграда или маалско гранапче. За една вечер во пламен завршуваат огромни количини огревно дрво кои можеле да бидат заштедени за следната сезона, што значи дека ќе има помала сеча.

Што правиме ние, еколошките пиромани? Во делник садиме, на празник палиме.

На празникот Свети Kлимент, свештено лице за една телевизија изјави дека „православните верници не си ја знаат верата“. Ако е точно тоа, виновни за таквата состојба се токму МПЦ и нејзините свештенослужители, вклучувајќи го и тој што ја даде изјавата. Еве зошто: Во време на пост, кршењето бадникови гранчиња, палењето огнови, пиењето грејана ракија и вино или печењето колбаси немаат никаква врска со предвечерјето и со значењето на големиот христијански празник Божик. Но јас не чув ниедно свештено лице да излезе пред јавноста и да каже дека тоа се пагански обичаи и дека треба да им се стави крај. Напротив. Ракија се дели токму пред Соборниот храм во присуство на највисокиот црковен врв.

Во разговор со некои владици на оваа тема, ми беше речено дека „одат по линија на помал отпор за да не ги налутат или изгубат верниците, кои се навикнале на вакво празнување“. Значи, прават евтин компромис со скапи последици. Тогаш, нека не ги критикуваат верниците дека не си ја знаат верата, ако ни верските учители не се подготвени да се откажат од соучесништво во паганските обичаи. Верувам дека владиците не ќе може долго да се кријат зад бадниковите гранчиња и дека ќе мора да излезат со јасен став за ова прашање.

За да не биде предоцна, за да не се критикуваме отпосле, апелирам - градоначалниците од годинава да ја прекинат практиката на донирање огревно дрво за Бадник, а доколку тоа расипништво продолжи, да биде остро санкционирано од надлежните служби. Само така ќе има смисла и садењето и штедењето. На Бадник може да ги запалиме само двојните аршини. Нека горат!

Извор: Дневник

Друго:

 metodij.soboren.jpg РЕСТАВРАЦИЈА НА ТРАДИЦИИ ИЛИ РЕСТАВРАЦИЈА НА ПРИМИТИВИЗАМ