Православните не веруваат на Унијата

15 декември 2011

Глас Јавности – Белград

Околу 19 отсто жители на Србија со православна вероисповед имаат голема или многу голема недоверба во ЕУ, а во Унијата целосно или делумно веруваат 34 отсто католици и 50 отсто протестанти


Односот кон религијата во Србија не е значителна пречка во определувањето за влез во Европската унија наспроти релативно ниската доверба на повеќето испитаници кон Унијата, покажуваат резултатите од истражувањето за религиозноста на граѓаните на Србија и односот кон процесот на европските интеграции.

Истражувањето од јули 2010 до февруари 2011 година беше спроведено на идеја на Христијанскиот културен центар со морална и финансиска поддршка на германската фондација „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии од Брисел. Според претставените резултати, 64,9 отсто испитаници сметаат дека приклучувањето на Србија во Европската унија нема да доведе до губење на верскиот и национален идентитет, додека 22,9 отсто испитани граѓани на Србија сметаат спротивно.

Истражувањето покажало дека 19 отсто жители на Србија со православна вероисповед имаат голема или многу голема недоверба во ЕУ, додека тој процент е поинаков кај припадниците на други вери, па така во ЕУ целосно или делумно веруваат 34 отсто католици и 50 отсто протестанти.

Верскиот дијалог поддржува 50,9 отсто православни и 48,9 отсто евангелистички и протестантски испитаници. Професорот од Факултетот за политички науки Предраг Симиќ оцени дека истражувањето брише многу стереотипи кога е во прашање религиозноста на граѓаните и нивниот однос кон процесот на европските интеграции. „Истражувањето упатува на заклучокот дека припадноста на верска заедница не е во негативна корелација со подготвеноста на Србија на европските интеграции“, рече Симиќ, укажувајќи на податокот дека верскиот дијалог има силна поддршка.

Професорот на Православниот богословен факултет Радован Биговиќ рече дека европските интеграции и глобализацијата не се идеи кои се туѓи на Српската православна црква. „За православната црква Европа претставува одреден духовен развој на христијанството... поддршката на црквата за ЕУ не е политички акт, туку духовна одговорност“, го цитираше Боговиќ епископот Анастасије. Во дискусијата за оваа тема учествуваа претставници на верските заедници во Србија и сите учесници ја истакнаа важноста на меѓуверскиот дијалог и заедништво.

Шефот на делегацијата на Европската унија во Србија Венсан Дежер рече дека ЕУ сака тој процес на проширување да продолжи и дека за кандидатурата на Србија повторно ќе се расправа во март.

Тој истакна дека го радува податокот дека 50 отсто граѓани на Србија позитивно го оценуваат приклучувањето на Србија во ЕУ. вз/ссм/11:27