Suzana.Spasovska

„ТЕРИРЕМ“ – ЕРУПТИВЕН ИЗБЛИК НА ДОЛГО ЧУВАН И ЗРЕЕН ДУХОВЕН НАБОЈ
Пишува: проф. д-р Александар Трајковски, музички публицист и педагогMarch 18, 2024

            Речиси четири децении наназад, македонската јавност има можност да го сведочи уметничкиот пат на вокалната интерпретаторка Сузана Спасовска, која својата кариера со несмален интензитет ја води тематски и програмски планирано, од самите почетоци, па сè до денес. Благодарение на веќе поставената динамика, публиката е навикната да очекува наметнување на различни стилски предизвици, кои Сузана Спасовска ги презентира во одлични и пријатни пакувања, неретко допирајќи ги и границите на неможното или незамисливото.

Токму таков проект е нејзиниот најнов албум „Терирем“, кој го благослови Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, а кој својата концертна промоција ја имаше минатогодишната рана есен, во црковниот храм „Света Петка“ во Прилеп, на денот на „Покров на Пресвета Богородица“ и „Св. Јован Кукузел“, со благослов и присуство на Владиката преспанско-пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар. Станува збор за аудио издание, чиј предзнак е духовната тематика, а во кој македонската уметница, почитувајќи ги своите високо професионално поставени стандарди, го вградува сопствениот печат на оригиналност и квалитет. Иако, можеби делува изненадувачки и неочекувано нејзиното впловување во овие, духовни води на музицирање, со сигурност можеме да констатираме дека тоа е така само навидум. Во текот на својата музичка кариера, Сузана Спасовска во повеќе наврати ја негува духовната област, освежувајќи го репертоарот со композиции во чија основа почива токму духовноста. Во тој контекст, нејзиниот најнов албум претставува надоврзување на еден, веќе започнат пат, или, уште поточно, еруптивен изблик на еден долго чуван и зреен духовен набој.

„Терирем“, именуван според црковнословенскиот збор „источник“, што значи „извор“, всушност е музички мозаик од 16 православни црковни химни и песнопеења, поврзани во една идејно-естетски оформена целокупност. Уште на првото преслушување на албумот и увидот во неговата содржина, може да се забележи дека се работи за внимателно осмислен концепт, со грижливо и посветено одбран материјал. Комплетно ослободен од бремето на комерцијалата, овој албум нуди една сосем поинаква визура, насочена кон историјата, традицијата, едукацијата и уметноста, меѓусебно испреплетени и вткаени во неговата суштинска основа. Повеќегодишното истражување во оваа област од страна на уметницата, резултира со обединување на низа црковни напеви, кои се дел од богатата богослужбена традиција на православието. Така, Спасовска ни нуди повеќе стихотворенија кои се пеат за време на чинот на осветување на Петтолебие, Празничната Утрена на Рождеството Христово и на Воскресението, Литургијата на претходно осветените дарови и Светата литургија Св. Јован Залтоуст.

Со изведбата на овие музички химни, вокалната интерпретаторка, уште еднаш ја потврдува својата позиција во македонската музичка сфера, посветено градена и негувана во текот на целиот изминат период. Уште еднаш, овој пат во источното црковно пеење, Сузана Спасовска ни ја покажува својата исклучителна способност за интерпретирање и музичко обликување. Со својата интерпретација, таа внимава на градењето на сите финеси, со пријатен и култивиран израз, изграден од убав тон. Константно движејќи се во одмерена, пијано и мецофорте динамика, успешно го задржува вниманието во текот на целата вокална емисија. Шеснаесетте композиции ги слика со бојата на лириката (она што всушност, и најмногу му одговара на нејзиниот лирски глас), издвојувајќи посебни карактеристики во секоја од нив (речитативност во „Стихири на Пасха“, суптилна мелизматика во „Тебе поем“, репетитивност во „Господи помилуј“, дијалошка форма во „Света Дево Владичице“ и тн.)

На сево ова, не треба да се изостави и фактот дека целиот албум е изведен исклучиво a cappela, што претставува пејачка одважност, карактеристична за ликот на Сузана Спасовска. Од значителна важност за целокупното музичко доживување пак, е учеството на црковниот клирос „Пелагонитиса“, кој го сочинуваат исократите протопсалт м-р Гоце Секуловски (кој, воедно, на Спасовска ѝ е и уметнички консултант во жанрот на источно-црковното пеење), Бранче Трајковски и Александар Трајкоски. Нивните вокали всушност, го создаватаат тн. исон, како подлога над која нежниот сопран на Сузана Спасовска ги развива мелодиските линии, со што пак се гради комплексната звучна целина.

Сумирано, албумот „Терирем“ претставува еден оригинален, атипичен и по многу нешта различен музички производ, по мерка на вистинските и најпребирливи сладокусци на квалитетната музика.

https://telegra.ph/TERIREM--ERUPTIVEN-IZBLIK-NA-DOLGO-CHUVAN-I-ZREEN-DUHOVEN-NABO%D0%88-03-18?fbclid=IwAR2P70vWYa7nefEhh3VexVgB0tizEd7LIcxZ9AUzdt-OwLphzJlfmhrTUsU