Едно прашање во сите тие дебати за слободата се премолчува, а според мене ја дава сржта на нашето време на первертирани вредности. Прашањето е дали сме веќе РОБОВИ НА СЛОБОДАТА. Тоа прашање автоматски имплицира друго, слобода ли е да правиш сѐ што сакаш, дури и тогаш кога со тоа им задаваш болка на другите




Ми се жали една пријателка: „Маж ми полуде. Прави сѐ што сака. Не му е гајле за ништо освен за сопственото задоволство“.
Денес сите сакаат да бидат слободни. Сите. Тоа е во мода: нема веќе „очајни домаќинки“. Нема студенти под јаремот на само две испитни сесии. Робовите се демоде. Нема медиумски коментар или изјава што не се сврзани со поимот на слободата. За слободата се дебатира, се полемизира, за неа се борат разни здруженија и невладини организации (од еколози, преку друштва за заштита на животните до феминистки). Па, сепак, ретко кој знае што е тоа слобода. За слобода често се прогласуваат и погрешни поими: самоволие, газење на другиот и на неговите права, или достапност на нештата. На пример, достапноста на порнографијата, алкохолот и дрогите исто така се ставаат под егидата на слободата. Прашањето што е слобода оди дотаму што ги поставува и прашањата за еутаназијата, трансплантацијата на органи, клонирањето и слично. И со право човек да се праша, не се рашири ли овој поим премногу, така што ги „проголта“ не само сличните поими туку и поимите што се целосно спротивни на слободата. Дури и ропските зависности (алкохолизам, на пример) се прогласуваат за слобода - „Јас сум слободен човек, жено, и имам право да правам што сакам со своето здравје!“

Едно прашање, сепак, во сите тие дебати се премолчува, а според мене ја дава сржта на нашето време на первертирани вредности. Прашањето е дали сме веќе РОБОВИ НА СЛОБОДАТА. Тоа прашање автоматски имплицира друго, слобода ли е да правиш сѐ што сакаш, дури и тогаш кога со тоа им задаваш болка на другите. На пример, се бара легализација на лесните дроги и тоа се смета за знак на слобода. Зошто тогаш не се побара и легализација на лесните физички пресметки, такви што нема да ви наштетат повеќе од консумирањето некаква лесна дрога, туку ќе завршат евентуално со контузиран нос?
Уште Артур Шопенхауер забележа дека слободата е „поим негативен - преку него мислиме само на отсутност на сѐ што нѐ спречува и попречува: наспроти тоа, тој како израз на силата мора да биде позитивен“. И точно забележува: „Јас сум слободен кога можам да го правам она што го сакам“. Со тоа Шопенхауер го допира клучното морално прашање за слободата: „Дали САКАМ да го правам сето она што можам да го правам?“ Така, јас, кога би имал апсолутна слобода и кога не би постоеле закони, можам да претепам деца од градинка, но дали сакам да го правам тоа? Можам да ги запоставам своите деца и да не доаѓам дома со денови и ноќи, но дали сакам тоа да го правам? Тоа значи дека прашањето за слободата е пред сѐ етичко, дали ТРЕБА да го правам тоа или, уште поточно, дали СМЕАМ да го правам тоа, затоа што има и закони што од Светото писмо до денес кажуваат што е добро, а што зло.
Така, прашањето за слободата не може никако да се разгледува надвор од етиката; слободата е исклучиво етичко прашање. Дури и теолозите (христијански), како најригорозни во овој поглед, тврдат дека Бог ни дал целосна слобода, дури и слобода дали ќе одиме по неговиот пат или не. Но, потенцираат дека секој ќе ги трпи последиците од својата слобода. Така, и тие на еден многу јасен начин прашањето за слободата го сврзуваат со прашањето за ЕГОИЗМОТ, што исто така е етичко прашање: егоист е човек што ја користи својата слобода само за лична корист (се прашува дали има полза од својата слобода), без да води сметка дали притоа им штети и им задава болка на другите. Егоизмот теолозите го препознаваат најчесто во страста на самољубието: и ако погледнете околу себе, навистина ќе забележите дека најголема слобода си земаат токму луѓето исполнети со егоизам, со себе, со славољубие. А додека се исполнети со сето тоа, во нив ќе нема место за Бога.

Така, поимот на слободата се јавува како елитистичко етичко прашање: дури и Бог може сѐ (значи има апсолутна слобода), но тој не САКА сѐ што МОЖЕ да стори. Може (иако по потопот даде завет дека нема), да нѐ истреби во еден замав, ама сепак не го прави тоа. Кога секој од нас би се откажал барем од дел од себе, кога би си рекол (на пример): „Јас можам да пијам и да јадам десет дена без да се појавам дома, но НЕ САКАМ, затоа што со тоа би ги унесреќил тие околу мене“, овој свет би бил далеку, далеку подобар.
Вака, имаме ситуација на силувана слобода. Кутрата, иштипена, силувана слобода. Чиста жртва на оние што се нејзини робови. О, робови на слободата, што ќе правите кога ќе сфатите дека нема поголем роб од оној што е демонски опседнат од својата желба да биде слободен по цена на другите? А кога ќе стане слободен, врз себе ќе ги носи оковите на слободата, кои никогаш нема да може да ги симне! Оти оковите на ропството се видливи, а на слободата - невидливи, оти и етиката е невидлива.
     
       
Автор: Венко Андоновски     

Извор: Нова Македонија