Не навлекувајте се на компјутерите - зависноста демне
    



 
    
Додека не се случило да треба да лекуваме деца од зависност од компјутер, како што е тоа случај во некои други држави, треба да се преземат низа мерки. Познавачите велат дека е добра идејата и во училиштата и дома максимално наставниците и родителите да се вклучат во организирање на слободното време на децата, преку креирање програми што ќе овозможат моторичкиот и физичкиот развој на децата да се одвиваат преку физичка активност

    
    
    
Петстотини четириесет и седум деца, од вкупно 1.000, имаат симптоми на сколиоза (искривување на ’рбетот на едната страна и се појавува кај децата за време на растењето). Ова го покажале резултатите од истражувањето со анкетни прашалници што ги пополнувале родителите на децата од прво до петто одделение од 11 основни училишта на територијата на општината Гази Баба. Причина за ова меѓу другото е и седењето пред компјутер, нешто што е дел од денешницата и кое тешко кој родител може да го контролира.

Кај нас расте свесноста за опасноста од седењето пред компјутер. Доказ за тоа е советувалиштето „Сакам да знам“, каде што сѐ повеќе загрижени родители ги носат своите деца на консултации со стручни лица-психијатри, со намера превентивно да дејствуваат употребата на компјутер да не се претвори во зависност. Истражувањата во светот покажале дека зависноста од компјутер води кон висока импулсивност, па дури и до депресија кај децата од предучилишна и училишна возраст. Овој вид зависност се третира како и секоја друга хемиска или нехемиска зависност, на пример како зависноста од коцкање, од обложувачници, или пак дрога, алкохол или цигари.

Кога станува збор за овој вид зависност, не треба да се крева паника, но сепак родителите не треба ништо да не преземаат во врска со тоа. Нашите психијатри предупредуваат дека особено сега, за време на летниот распуст, може да се случи ако детето премногу време поминува пред компјутер, да не јаде и да не спие, а со тоа ризикува да развие и депресија. Родителите не треба да престанат да комуницираат со своите деца, а користењето компјутер оди токму во прилог на тоа родителот, за да биде детето мирно, му дозволува да гледа видеа или цртани филмови, за да може тој на раат да раскрене низ дома, да измие садови или да направи ручек.

Седењето пред компјутер влијае врз физичкиот и менталниот развој на детето. Долгото седење доведува до искривување на `рбетот, особено во детската возраст. Може да дојде и до социјални нарушувања, а за тоа придонесува тоа што со врсниците нема комуникација лице в лице. Тоа може да доведе до осаменост кај децата. Од друга страна, има толку многу начини како да се превенира децата да не станат зависни од компјутерот. „Нова Македонија“ веќе пишуваше дека децата, учениците може да учествуваат во спортски клубови, во летни школи, културно-уметнички друштва, каде што квалитетно ќе го поминуваат слободното време. Добар е примерот во соседна Србија, каде што се организираат летни кампови на кои децата учат за позитивните животни навики и принципи. „Суперраспуст“ е само еден од летните кампови што се одржуваат таму во текот на месеците додека тие се на распуст. Тие поминуваат време на планина, каде што консумираат здрава храна, учат за природата и за здравиот начин на живот. Спортуваат и се рекреираат, односно им се јакне свеста за потребата од физичка активност, со што се гради тимски дух во јакнење на лидерските особини. Додека трае летниот камп, учениците стекнуваат знаења и вештини што не можат да ги научат во редовниот систем на образование. Според експертите, неопходна е поширока иницијатива за поголемо вклучување на младите во спортските клубови. Преку занимавањето со спорт децата учат за развој на клучните вредности како истрајност, тимска работа, меѓусебно почитување, интегритет, чесност, етика. На тој начин младите подобро и побрзо се социјализираат, а преку спортот учат и техники за справување со големиот притисок. Секако, и членувањето во разни музички, ликовни, драмски или други секции многу покорисно ќе им го исполни времето отколку седењето пред компјутер.

Додека не се случило да треба да лекуваме деца од зависност од компјутер, како што е тоа случај во некои други држави, треба да се преземат низа мерки. Познавачите велат дека и во училиштата и дома максимално наставниците и родителите треба да се вклучат во организирање на слободното време на децата, преку креирање програми што ќе овозможат моторичкиот и физичкиот развој на децата да се одвиваат преку физичка активност. Вработени во градинките пред извесно време предупредија дека има дечиња на четиригодишна возраст што не можат да си го закопчаат патентот од јакната или, пак, не можат да ја фатат топката кога некој ќе им ја подаде. Затоа, мора да се работи на развој на ситната моторика додека е време. Компјутерот не може да им се забрани на децата, но може да се контролира колку долго во денот детето го употребува.

Извор:Нова Македонија