Преп. Јаков Цаликис
  Блажениот Старец Јаков Цаликис бил роден на 5 ноември 1920 година во Ливиси, Мала Азија современа  Турција),  во  семејство  кое  од  седум  поколенија  имало  епископ,  јеромонаси  и  еден  светител. На Крштението го добил името на неговиот  дедо по таткова линија – Јаков. Неговите благочестиви  родители, Ставрос и Теодора, страдале од нападите на  Турците,  па  во  почетокот  на  1920-те  години, семејството, заедно со другите жители на Ливиси, било  принудено  да  ја  напушти  земјата  на  своите
предци и се преселило на островот Евија. Еден настан од тоа време длабоко го ранил Старецот – тој раскажувал: „Иако тогаш
бев мал, но добро помнам, како по пристигнувањето во пристаништето Пиреја (главното пристаниште на Атина) ние првпат слушнавме некој да хули на светиња. Тогаш извикав: Што е ова? Зошто дојдовме овде?
Подобро е да се вратиме и да нѐ убијат Турците, отколку да го слушаме ова! Во Мала Азија ние никогаш не се соочувавме со таков грев“.
Нивниот „дом“ бил ограден од другите со покривки. Неговата омилена  „играчка“,  пак,  била  кадилницата,  која  тој  самиот  си  ја
направил од парче керамида. Со неа тој одел низ „домот“, кадејќи го своето семејство, потоа поткревајќи ја покривката одел и ги покадувал и своите соседи, повторувајќи: „Алуја, алуја!“ Навечер, тој со својата баба оделе во неговото омилено место – малиот параклис за да ги одржуваат кандилата. Таму, неговата баба му ги прераскаскажувала житијата на светиите и му зборувала за роднините – јеромонаси.
Во Фаралд, на Евија, малиот Јаков го запишале на училиште. При училиштето имало мал параклис, посветен на светата Параскева,
каде што тој секојдневно одел да се моли. Честопати преподобната Параскева му се јавувала на Јаков во параклисот и разговарала со него.
Првиот пат, кога тоа се случило, тој се исплашил и заминал дома, но вториот пат светителката го успокоила младото дете.
Уште со своите дваесетина години, Јаков постојано размислувал за сѐ построг живот. Од неделата навечер до сабота не вкусувал ништо.
Во сабота се причестувал со светите Христови тајни и потоа јадел малку леб и масло. Само еднаш седмично – во неделата, неговата трпеза била малку пообилна. Но, често се случувало тој да не јаде и во тие денови. Секогаш, кога кај него доаѓале гладни деца, немоќни и болни старци, тој им давал сѐ што имал. Во тие години, Јаков бил подложен на силни искушенија. Поради сиромаштијата, тој немал обувки и кога одел да пее во црква, некои од луѓето го укорувале со груби зборови. Натажен од тоа, Јаков сакал да го остави пеењето. Но, една ноќ, му се јавил светиот маченик Георгиј (покровителот на храмот каде што пеел) и му рекол:
„Дете мое! Јас не сакам да заминеш. Пеј во мојот дом, како и до сега!“

По некое време, неговата мајка Теодора се разболела од тешка  болест и се упокоила. Покасно се упокоил и неговиот татко.
Неговата желба, уште од дете, била да Му служи на Бог во  монаштво.  Расказите  на  неговата  баба  за  роднините  монаси,  кои
живееле во Светата Земја (Ерусалим), оживеале во неговите спомени и решил да тргне таму, за да стане монах. Но, пред тргнување одлучил задолжително, да го посети манастирот посветен на свети Давид, за да го испроси неговиот благослов, негова помош и заспатништво.

За таа негова посета на манастирот, Старецот Јаков раскажувал: „Кога се приближив до манастирот, видов како одеднаш местото се преобрази, стана друго, не такво, какво што бевме навикнати да го гледаме, кога  заедно со селаните одевме таму на празникот на свети Давид. Пред мене се исправи величествен манастир, необично прекрасен... Крај оградата на манастирот ме чекаше еден Старец со белоснежна брада  –светиот Давид Евиски. Јас го поздравив и му реков: Старче, какво е ова прекрасно место? Како сето ова станало вакво? Јас никогаш не сум видел вакво нешто! Тој одговори: Ова е република на подвижници.
Секој има свој дом – келија. – Старче, би можел ли да ми дадеш таква? Тие мене многу ми се допаѓаат. – Чедо, ако останеш, ќе имаш иста таква келија, но ти дојде да се поклониш и да заминеш. – Старче, ќе останам.
Само што ветив дека ќе останам, видов, како ѕидините на манастирот се отворија, влегов внатре, а ѕидовите повторно се вратија како што беа“. Со влегувањето во манастирот, видението исчезнало. Манастирот останал таков каков што бил во реалноста – целиот во урнатини. Игуменот на манастирот, Никодим, гледајќи ги духовните дарови и подвигот на  искушеникот Јаков не чекал многу за да го пострижи во монашки чин.
Постригот бил извршен на 30 ноември 1952 година. Младиот монах бил назначен за економ на манастирот. Подоцна, кога се појавила потреба за уште еден свештеник во манастирот, мудриот игумен Никодим го испратил Јаков кај надлежниот Митрополит на Халки, Григориј, за да го ракоположи. На 18 декември 1952 година, монахот Јаков бил посветен во ѓаконски чин, а по еден ден бил ракоположен во свештенички чин.
Кога  се  вратил  во  манастирот,  отец  Јаков  почнал  да  служи Литургија секој ден, а пред неа и секојдневните служби. Иако бил
економ и во свештенички чин, сепак, живеел во најлошата келија. Често се оддалечувал од манастирот и одел да се подвизува во пештерата каде што се подвизувал преподобниот Давид Евиски. Тој ја творел Исусовата молитва.
Често бил напаѓан од страна на демоните. Во октомври 1952 година,  кога  отец  Јаков  го  средувал  деспотиконот  (келијата  на
владиката), му се нафрлиле ужасни демони со ѕверски изглед. Тој се обидел да се осени со крстниот знак и да повика кон Божјата Мајка, но  еден  демон  го  попречувал.  Го  биеле  немилосрдно.  Најпосле, кога успеал да ја ослободи едната рака, го направил крстниот знак и демоните веднаш исчезнале низ прозорецот. Тоа му се случувало уште неколкупати, а сето тоа придонело за слабеењето на неговото здравје.
Уште од младоста отец Јаков боледувал од неколку болести, и тоа на: бубрезите, крајниците, простатата.
Како искусен духовник, кон него постојано прибегнувале луѓе кои сакале да се исповедаат, да побараат совети, да измолат молитвено застапништво итн. Болните ги осенувал крстообразно со главата на светиот Давид, и тие добивале исцеление. Старецот многу се чувал од гордоста. Тој често, разговарајќи со светиот Давид како со постар брат,
просел од него молитвено застапништво за сите очајни и болни.
Подготвувајќи се да премине од овој свет во вечниот, избрал Старец за свој наследник и му се молел на свети Давид да ја придружува неговата душа на патот кон вечниот живот. На 21 ноември 1991 година, на празникот Воведение на Пресвета Богородица, откако отслужил света Божествена Литургија и примил многу духовни чеда на исповед, мирно ја предал својата душа во рацете на Бог – Света Троица. На неговиот погреб присуствувале илјадници верници.
И по своето упокоение, блажениот Старец Јаков продолжува да се застапува за сите луѓе.
По неговите молитви, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилувај ѐ, Твоите недостојни слуги.

Тропар, глас 1-ви
На Ливиси фиданка, на Евија пофалба, се јави во последните времиња;  на  монасите  пријателот  вистински,  Јаков,  верни  да  го
прославиме,  новиот  делател  на  мирот  молитвен,  кој  им  дарува секакви исцеленија, на оние кои благочестиво повикуваат: Слава му на Христос, Кој те прослави, слава Му на Оној Кој те очудотвори, слава Му на Оној Кој во последните времиња те освети.


Светиот Старец беше внесен во Диптихот на светиите од страна на Вселенската патријаршија, на 27.11.2017 г.

Подготви: Благоја Атанасоски

 

 

 

http://mpb.mk/kategorija/nastani/