Монах

Кога дојдоа при народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нов месец го фаќа бес и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го одведов при Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.” А Исус одговори и рече: „О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!” И му нареди Исус на бесот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час. Тогаш учениците пристапија кон Исуса насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?” А Исус им рече: „Заради вашето неверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: »Премести се одовде таму?« и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно. Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.” А кога беа во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.” И тие многу се нажалија. Мт 17, 13-23

Овој род се истерува само со молитва и пост. Ако овој род се изгонува со молитвата и постот на некој друг, тогаш уште понемоќен е овој род да влезе во човек што самиот се моли и пости. Ете ти ограда! Има многу бесови, и сиот воздух е исполнет со нив. А сепак, тие не можат ништо да му направат на човекот што е ограден со молитва и пост. Постот е сестрано воздржание, а молитвата – сестрано богоопштење.

Првото нѐ оградува однадвор, а второто – одвнатре го насочува огненото сеоружје кон непријателот. Демоните оддалеку ги забележуваат испосниците и молитвениците, и бегаат далеку од нив за да не здобијат болен удар. Меѓутоа, дали треба мислиме дека ѓаволот мора да биде онаму каде што нема пост и молитва? Да, може и така да се размислува. Демоните се вселуваат во човека, и го кријат нивното присуство. Тие потајно го учат својот домаќин на секакво зло, одвраќајќи го од секое добро. Притоа, тој е убеден дека сѐ што прави сам прави иако, всушност, ја исполнува волјата на својот непријател. Но, ти насочи се кон молитвата и постот, и непријателот веднаш ќе побегне. Потоа отстрана ќе очекува можност за повторно да се врати. И навистина се враќа, ако ги оставиме молитвата и постот.

Св. Теофан Затворник „Мисли за секој ден во годината“

Извор: http://pravoslavie.mk.

10.08.2017 год.