Чудесно самообновена икона на Мајката Божја Троеручица (09.04.2012)


Во август 1961 година, во соборната црква на Светото Преображение во Лос Анџелес иконата на Мајката Божја Троеручица чудесно почна самата да се обновува. Долго време стоела на западниот ѕид од старата црква зад свеќникот.

Oваа икона е насликана според стариот руски стил на мала дрвена штица, која со времето станала заматена а боите толку потемнеле што речиси ништо не можело да се распознае на неа. Подоцна ѝ бил додаден и обичен оквир. Еден богобојазлив парохјанин, Иван Семенович Молох, околу 1936 година, ја донел иконата, во едно дуќанче во Холивуд каде што се продавале стари руски икони, кои биле запленувани за време на прогоните од атеистите при уништувањето на црквите во Русија и продавани во странство. На задната страна од иконата сè уште стоела белешката од дуќанчето. Наскоро била подарена на црквата на Светото Преображение.

Обновувањето прва го забележала сестра Нина Јакович, која живеела во црквата и таа, на 1/14 август 1961 забележала дека левата страна од иконата, на која се наоѓа третата рака на Богомајката, осветлела. Следните денови иконата цело време станувала посветла. Сепак, сестра Нина речиси никому не кажала за тоа, од страв да не погреши и претпоставувајќи дека можеби некој ја исчистил, како што една друга икона на Божјата Мајка била обновена од некој сликар кој раширил лажни гласини дека иконата се обновила сама.

На денот на Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител на 29 август, една друга парохијанка Зоја Н. Гафари, која ја чистела црквата по литургијата, забележала дека претходно секогаш темната икона на Божјата Мајка Троеручица значително осветлела, и веднаш известила за тоа.

Наскоро и други парохијани, кои убаво се сеќавале на светиот но темен и речиси црн лик, почнале да сведочат дека се случило самообновување. Ова било потврдено и од чредниот ѓакон во црквата, о. Василиј Еременко.

Свештеникот кој служел во соборната црква на Светото Преображение, протоерејот о. Леонид Стадников, служел молебен пред иконата на 28 јуни по стар стил, празникот на Троеручица, месец дена пред самообновувањето. Тој изјавил дека за време на молебенот иконата, како и секогаш, била темна, како старата икона на Богородица Владимирска, сместена во олтарот, но дека сега дошло до зачудувачка промена на обновување на ликот.

На иконата се појавил златно-кафеав слој кој претходно бил сосема незабележлив а кој сега на иконата ѝ го дава нејзиниот основен тон. Лицата на Божјата Мајка и Младенецот Спасител се јасни. Осветлувањето на боите продолжило цело време. Многумина отрчувале до храмот и забележувале дека за време од само еден ден на 28 август иконата вечерта била посветла отколку попладнето. Истото се повторило и во текот на следните два дена 30 и 31 август: Иконата поставена на аналојот во средина на црквата, постојано, пред очите на сите, осветлувала.

Господ Исус Христос рече дека со устата на двајца или тројца сведоци секој збор се потврдува (Мат. 18, 16). Многу повеќе добри луѓе се вистински сведоци на чудото. Така, сведоци сме на големата милост на Бог и Божјата Мајка, покажана, можеби заради усрдноста со која православниот руски народ во Лос Анџелес секоја година ја дочекуваше и примаше чудотворната курска икона на Богородица „Знамение“, покажувајќи ја на тој начин својата ревност за Застапничката на христијаните.

Можеби Господ ја прославува иконата „Троеручица“ поради молитвите пред неа во минатото, бидејќи со векови во Русија иконата служела за побожно поклонение.

Не постои сомневање дека преку чудесното обновување на светата икона „Троеручица“, Господ ја открива Својата семоќна чудотворна сила. Оттогаш, речиси секоја недела пред оваа чудотворна самообновувачка икона во соборниот храм се служи Молебен.

 Пресвета Богородице спаси нè!

На 11 август 2011 година, Митрополитот Иларион, поглавар на Руската Задгранична Православна Црква, служеше на Преображение, а по повод 50-годишнината од чудотворното самообновување на иконата на Мајката Божја „Троеручица“, во катедралната црква на Светото Преображение во Лос Анџелес.

westsrbdio.org

 +++

Чудо на самообновување на фреските во црквата на свети Никола во Твер, Русија (10.04.2012)


На територијата на Николо-Теребинската пустина, во Тверската област во Русија има два храма. Богослуженија засега се одржуваат само во црквата на Благовештение на Пресвета Богородица. Постепено возродува од запуштеност и храмот на Свети Никола (1838 г.), во којшто сами по себе се обновуваат фрески; се појавуваат и таму, каде никогаш ги немало. Во почеток се појавувале само одделни фрагменти, а сега може да се видат и цели сцени.

Според мислењето на специјалисти, овие ѕидови ги има сликано познат живописец Алексеј Венецианов (1780-1847). Штом се прочула веста за самообновување на Венециановите фрески во Николо-Тeребинската пустина веднаш дошле реставратори. Овдешниот феномен тие го објасниле со укажување дека за време на одамнешното реновирање врз стариот малтер бил нанесен нов слој којшто сега паѓа и под него се појавуваат старите насликани фрески. Нивната прецизност и силните бои ги протолкувале со зголемената влажност. Кога реставраторите заминале фреските почнале да се јавуваат не само на малтерот туку и на голите тули. Кога матушка Олга пак ги повикала и побарала објаснување, тие само се насмевнале и ништо не можеле да одговорат.

+++

 

Свето-Троицки Александро-Свирски манастир: Фрески што сами се обновуваат (10.04.2012)

Овие фрески во Свето Троицкиот манастир во Русија никој не ги реставрира. Но секоја година тие стануваат сè посветли и разнобојни. Ова го забележуваат сите поклоници кои во манастирот не доаѓаат за прв пат. Но и на новите поклоници фреските им оставаат неизбришлив впечаток.

Овде, во Троицкиот соборен храм се случува чудото на обновување коешто ние го видовме со сопствени очи: фреските во црквата почнаа сами од себе да се обновуваат добивајќи посветли небесни бои иако човечката рака не ги допрела. Светителите кои се изобразени на фреските нè гледаат како да се живи.

Чудата во Свето-Троицкиот машки манастир се случваат постојано. На некој неверојатен начин се обновуваат фреските на ѕидовите на црквата. На фасадата појасно од другите блескаат боите на приказот на Света Троица.

„Многумина мислат дека фреските ние ги реставриравме, ама тие се обновија сами, станаа поконтрастни“ вели раководителот на иконописната работилница Аркадиј Холопов.

Фрeските кои ја украсуваат куполата и ѕидовите на црквата во последните десет години се обновуваат сами од себе. Боите поразуваат со својата осветленост и полнота – тоа е дело на „небесниот реставратор“.


 


 



Преземено од: МПЦ