Богојавление (19.01.2012)


На празникот Богојавление, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи бдение со Божествена Литургија во соборната црква на светите Методиј и Кирил во Струмица. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

 

   Carig.Bogorodica.jpg

Богојавление, во меѓуцрковните односи

 

            И сведочеше Јован, велејќи: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него. Јас не Го познавав, но Оној што ме прати да крштевам со вода, ми рече: ‘Врз Кого видиш да слегува Духот и да останува над Него, Тој е Кој ќе крштева со Дух Свети’“ (Јован 1, 32-33).

            Веќе имам кажано дека секогаш кога ќе успееме начинот на нашиот живот и подвиг, во Црквата на Светиот Дух Господ, да го восогласиме со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, ние стануваме соодветни маченици или сведоци Христови. Значи, без оглед на степенот. Го имам кажано и ова, дека мачеништвото е исто така духовен подвиг чија вистинитост може да се провери според плодовите на Светиот Дух што ги носи, односно не се станува маченик единствено со самиот факт на поднесување на некакво страдање – тоа треба да е заради Христос и да е потврдено од Него. И искушенијата или предизвиците со коишто се соочуваме при духовната борба зависат од степенот на нашиот духовен развој. Оној што ќе пострада маченички на првиот степен, во внатрешната борба со своите непреобразени страсти и демоните поврзани со нив, ќе се стекне со плодот на дарот Божји на аскетската умносрдечна молитва. Оној, пак, кој веќе се наоѓа на степенот на просветлување на умот, а којшто ќе пострада маченички во надворешниот напад од страна на луѓето – демонските слуги, ќе се стекне со плодот на дарот Божји на непрестајната умносрдечна молитва и гледањето на Божествената Светлина. Ама, кому кажувам? И да беше само мое кажаното, во ред. Ама од светите Отци е.

            Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован, за да се крсти од Него. А Јован Го запираше, говорејќи: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти кај мене ли идеш?“ Но Исус му одговори и рече: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“. Тогаш го остави (Матеј 3, 13-15).

            Постојат два главни критериума кои се претпоставка за плодоносна заедница со Бог. Еден е надворешниот, видливиот, а тоа е евхаристиската заедница со Епископите на Православната Црква. Друг е внатрешниот и невидливиот – за очите на неопитните, а тоа е, најдиректно речено, дарот на умносрдечната молитва или, поопшто речено – плодовите на Светиот Дух. Понекогаш, се случува, и првиот критериум да е невидлив (поправо, не толку јавен) или привремено неостварлив заради негативно делување на човечкиот фактор. Ги почитувам и двата критериума, и сите треба да ги почитуваме, односно и двата треба да постојат, но црковната историја, како многупати досега така и денес, како поважен го истакнала вториот критериум – внатрешниот. Тоа го потврдува и Самиот Господ – Богочовекот Исус Христос во Својот Нов Завет: „…по нивните плодови ќе ги познаете. Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови; не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови“ (Матеј 7, 16-18). Вториот критериум може, и треба, успешно да го надополни, и го надополнувал, првиот во случај да се појават одредени канонско-организациски недоразбирања, со кои изобилува – сите сме сведоци, како и постарата така и современата црковна историја. Каде што постои вториот критериум, евентуалниот црковен проблем со време се решава. Каде што не постои вториот критериум, и таму каде што постои првиот критериум, настанува проблем. Впрочем, сведоци сме.

             Зборот ми е, кога е веќе така, зошто во современите црковни случувања се превидува вториот критериум? Јас разбирам дека треба да се разговара за начинот на исполнување на првиот критериум, но збор да не се изусти за вториот, дури ни кога ќе се побара тоа експлицитно, тоа ми е тешко да го разберам во разговор, барем, меѓу чесни луѓе. Зошто? Затоа што, од една страна, таа пракса дефинитивно не може да се оправда теоретски, откако видовме дека Самиот Господ го поставува ‘критериумот на плодовите’. Инаку, Црквите заличуваат на световни организации кои своите проблеми ги решаваат на световен начин. Од друга страна, пак, по сè изгледа, објаснувањето ќе биде доста понижувачко или смирувачко – со оглед на функциите што се држат во Црквата: луѓето немаат доволен духовен опит, немаат плодови на Светиот Дух, немаат дар на умносрдечна молитва, односно немаат венец. И нормално не се подготвени да разговараат за тоа што го немаат. Најлесен начин да го сокријат недостатокот е да премолчат, а истовремено да инсистираат на некаква гола јуридичка завршница на црковниот проблем – позади која најчесто се крие само суета и барање на човечка правда и власт.

            А ако пак, некој војува, сепак венец не добива, бидејќи не се борел според правилата (2. Тим. 2, 5). Нормално, оној што нема да го восогласи начинот на својот живот и подвиг согласно степенот на духовниот развој на кој се наоѓа, нема ни да ги види плодовите на Светиот Дух, ниту пак може да се смета за маченик, односно сведок. На пример, доколку некој тврди дека е маченик само врз основа на тоа дека луѓето го гонат, а ги нема соодветните дарови на Светиот Дух  ̶  како што е умносрдечната молитва, таквиот подобро да се запраша каков непромислен потег направил, на очиглед на заедницата или општеството, за тоа да му се случи, отколку таква идеја да негува за самиот себе или да се самопромовира како таков; или пак неговите следбеници да се занимаваат со таков вид реклама, наместо со недостатоците во својот духовен развој. Или, друг сличен пример, доколку некој се фали со тоа дека се наоѓа во единство со Православната Црква, и освен таа самопофалба нема пофалба и сведоштво од Горе (и после толку години) во вид на аскетска умносрдечна молитва, таквиот подобро да си го преиспита духовниот развој отколку да се самозадоволува со простиот факт на видливото заедништво – со исполнување на погоре споменатиот видлив критериум. За жал, најчесто прелеста не дозволува да им се отворат духовните очи на луѓето и им го попречува покајанието. Затоа повеќето христијани скоро до крајот на својот живот остануваат на првиот степен од духовниот развој, без да ги почувствуваат радоста, мирот и светлината, односно љубовта и слободата на восогласувањето, односно, дарот на умносрдечната молитва. Без да Го видат Бог во својот живот.

            Многу пати до сега сум ве опоменал: деца, не се сметајте самите себе за некаков исклучок. Ако веќе се сметате, покажете кој исклучителен Божји дар го имате, на дело. И уште, запамтете, друго е кога некој е свесен носител на одреден Божји план или промисла, односно домострој, а друго е кога некој несвесно (непросветлено) учествува или статира во него. Свесниот носител  обично е позитивен и послушен, а несвесниот учесник обично е негативен и непослушен. По што уште го познаваме несвесниот (непросветлениот), но амбициозен учесник кој е носител и на функција? По тоа што, не разбирајќи го (или разбирајќи го на свој начин – согласно своите страсти) процесот во кој учествува, тој веќе си крои и свои сопствени планови за првенство (спроведува процес во процес); притоа, од една страна, се однесува многу полтронски кон надредениот, а, од друга страна, кон сите други се користи со начелото ‘целта ги оправдува средствата’. Значи, таквиот нека не спроведува свој процес, внатре во веќе постоечки главен процес – кој не го разбира, за да не се случи ем да го комплицира главниот процес, ем, на крајот, да се најде надвор од сите процеси. Особено ако очигледно е прочитан, од барем две одлучувачки страни на главниот процес. Има уште многу, на оваа една адреса да се каже, ама тука ќе ја затворам устата моја. Кој има уши да чуе, нека чуе.

            Позади секоја неправилност во нашиот лично-соборен црковен живот се крие некоја ерес. Црквата Христова е Богочовечки организам и затоа сѐ што се случува во Неа се случува на Богочовечки начин. Значи, ниту само на Божји, ниту само на човечки. Секое отклонување од ова Богочовечко начело во само еден правец води или кон несторијанизам или кон монофизитизам. На пример, обидот за решавање на проблемите во Црквата само на човечки начин, превидувајќи го Божествениот аспект, е несторијанизам, а обидот за решавање на проблемите од само некаков Божествен аспект, превидувајќи ја човечката димензија, е монофизитизам. Затоа инсистирањето, одредено црковно прашање – во делот на црковната организација, да се реши само согласно каноните кои го регулираат територијалното организирање на Црквата – особено ако тие канони се појавиле во одреден историски контекст, а притоа крајно да се превидува вечниот Божествен аспект во решавањето на проблемот, односно ‘критериумот за даровите или плодовите на Светиот Дух’ – во случајов, е своевиден несторијанизам! На пример, греши многу секој што мисли дека возобновувањето на плодоносниот монашки живот во одредена Православна Црква е случајност. Особено оној кој, негирајќи ја плодноста на „отсечената гранка“ – теоретски, сепак истовремено, во пракса, искористува (или злоупотребува) некои од нејзините паднати плодови.

            Да заклучиме, ништо само Бог и ништо само човек во Црквата, туку сѐ во заедничка соработка меѓу Бог и човек. Оваа Богочовечка синергија е и мера на спасителната теологија и пракса. Отклонувањето од оваа синергија, во пракса и теорија, во правец на само Бог или во правец на само човек, е причина за појавата на сите ереси досега, кои додуша и денес постојат само под друг вид.

            Ајде да се обидам и вака. Ако говориме за ипостасното соединување на Божествената и на човечката природа, очигледна е асиметричноста и соодветниот однос на зависност, затоа што никогаш не постоела човечка природа на Исус надвор и независно од ипостаста на Словото, а самото обожение е дело на Божествената природа, која со своите енергии ја проникнува човечката природа. Треба да се нагласи и тоа дека, иако велиме дека Христовите природи заемно се проникнуваат, ние сепак знаеме дека проникнувањето бива од страна на Божествената природа (енергија), зашто таа поминува низ сè. Да направиме сега една проекција. Слично е и со Духот и словото на законот. Светите Отци рекле словото убива, а Духот (што го проникнува) оживува. Со други зборови, треба да се знае и Духот на словото на светите Канони на Црквата, а не само формата на словото, за да можат истите успешно да се спроведат во живот. А, како ќе Го знаеме Духот ако не се потрудиме да станеме носители на даровите на Духот? Затоа и Богочовекот Христос нè повикува и да сме носители на Духот и да се познаваме (препознаваме) по плодовите на Духот. Господ Христос не рекол по големината на гранките и на лисјата да се познаваме, односно по јурисдикциите и соодветните канони, затоа што знае дека човечката незаситност за власт си ги толкува како ѝ одговараат, а тоа носи само поделби во Црквата. Или некои кои имаат исти световни цели и така си се препознаваат? Не знам веќе од кој аспект да го објаснам проблемот, за да бидам сфатен? А Небесата стојат отворени и го чекаат нашето покајание.

            И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата и Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е според Мојата волја“ (Матеј 3, 16-17).

            Митрополит Струмички Наум

 

Лето Господово 2012