Издаваштвото на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ ја издаде книгата „Црквата – Тело Христово и полнота во Светиот Дух“ од авторот М-р. Дарко Милев.
Вовед

Овој труд е посветен на тајната на Црквата (како Тело Христово и полнота на и во Светиот Дух) која што е евхаристиска според нејзината природа. Додека работев по оваа тема, не си ја поставив задачата да ги опфанам сите богословски проблеми во нивната полнота, бидејќи тоа е невозможно, а пред сè сум пробал да ја раскријам широчината на различните позиции на некои од светите отци по однос на Православната еклисиологија од еден догматски и литургиски аспект, видени преку призмата на некои од современите православни богослови (догматичари, патролози и еклисиолози), користејќи го при тоа компаративниот метод, и методите на анализата и синтезата. Самото истражување се базира пред сè на изворен материјал – пред сè патролошки текстови.
Проблемите, кои што сум пробал да ги разработам во овој труд, произлегуваат од критиката од страна на православните богослови во врска со еклисиологијата на Вториот ватикански собор, која што се однесува до местото, кое што Соборот и го дава на Пневматологијата во својата еклисиологија. Во целина, се чувствува, дека Пневматологијата, во споредба со Христологијата, нема толку важна улога во учењето за Црквата, колку што формулира самиот Собор. Основниот проблем се состои во тоа, што тие (римокатолоците) не го ставаат Светиот Дух во темелите на Црквата, за да кажеме, дека Тој ја изградува Црквата, а Тој всушност е во темелите на Црквата – во нејзината суштина. На тој начин западното богословие постојано се одстранува во насока кон Христологијата, а понекогаш и кон Христомонизам, кое што значи да придаваме значење  само на Христос и да го подценуваме дејството на Светиот Дух.
Христос Го победи светот. Таа победа се потенцира со тоа што Тој ја создава Својата Црква. Црквата е Христово дело на земјата; таа е образ и дом на Неговото осветувачко присуство во светот. Установена од Христос на Тајната вечера, Црквата е актуализирана на денот на Педесетница, кога учениците ја извршуваат првата Евхаристија. Во соодветност на првото Божјо создание во Синот и преку Синот, се појавува новото творение во Христос – во Духот и преку Духот. На Педесетница Светиот Дух слегува врз Црквата, која што тогаш ја сочинуваат дванаесетте апостоли и и оние, кои што се со нив. Духот веќе дејствува и затоа Царството не само што ќе настапи, но веќе настапило, затоа што Тој е залог за тоа Царство. Црквата го започнува своето постоење во Духот и преку Духот. Во денот на Педесетница учениците се напоени со Светиот Дух во „едно тело“ (1 Кор. 12, 13), какви што стануваат во Евхаристијата, извршена во Духот и преку Духот. Евхаристијат е „духовната жртва“, која што се принесува во „духовен дом“ (1 Петр. 2, 5) – духовна (πνευματική) , затоа што самата Црква припаѓа на новиот еон (век).
Светиот Дух слегува еднаш и засекогаш. Тоа е огромна и недостижна тајна. Тој живее и постојано пребива во Црквата, каде што ние го примаме Духот на осинувањето: „Оти вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче!“ (Рим. 8, 15). Преку нашето примање и стремеж  кон Светиот Дух, ние стануваме Божји за вечноста. Во Црквата нашето спасение е совршено; во неа се достига осветувањето и преобразувањето, обожувањето (θέωσις)  на човечкиот род.
 Extra Ecclesiam nulla salus (Надвор од Црквата нема спасение), затоа што спасението е Црквата; затоа што спасението е раскривање на патот за секој, кој што верува во Христово име. Тоа раскривање се реализира само и единствено во Црквата. Св. Иринеј пишува: „Затоа што Сонот Божји стана Син Човечки, та по тој начин човекот да постане син Божји“.  Човечкото предопределување ја достигнува својата цел и одсега па и понатаму човечкиот живот според зборовите на апостолот, „е сокриен со Христа во Бога“ (Кол. 3, 3). Во таа смисла Христос е „последниот Адам“ (1 Кор. 15, 45), вистински човек. Неговата слава е славата на целото човечко постоење. Христос влезе во предвечната слава; Тој влезе во неа како човек и Го повика целото човештво да пребива со Него и во Него. „Но Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нè засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нé оживе со Христа и нé  воскресна со Него и постави на небесата во Христа Исуса“ (Ефес. 2, 4-6). Во тоа се крие тајната на Црквата као Тело Христово. Црквата е полнота (το πλήρωμα), т.е. исполнување, завршување. Таа е полнота на Христос во Светиот Дух, затоа што полнотата на главата е телото, и полнотата на телото е главата. 
 Црквата е самата полнота; таа е продолжување и остварување на богочовешкото единство. Нејзиниот живот е единство и заедница. Телото е „поддржано . . . и расте“ (Кол. 2, 19) во единството на Духот, во единството на љубовта – Царството на Црквата и, се разбрира, тоа единство не е надворешно, а внатрешно, сакраментално, органско. Тоа е единството на живото тело, единството на организмот. Во Црквата човештвото премнува во друга димензија, започнува нов начина на постоење. Еден нов живот станува возможен, еден вистински, целосен и заршен живот, еден соборен живот во „единството на Духот преку врските на мирот“ (Ефес. 4, 3). „За да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил. И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние“ (Јован. 17, 21-22).
Тоа е тајната на последното возсоединување според образот на единството на Светата Троица. Таа се реализира во животот и изградувањето на Црквата; таа е тајна на соборноста, тајна на католичноста.  
М-р. Дарко Милев е роден на 04. 01. 1985 година во Кавадарци, од родители Сане и Нада Милеви. Основно образование завршил во ОУ „Гоце Делцев“ – Кавадарци, а во 1999 година, со благослов на тогашниот администратор на Повардарската епархија, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј се запишува во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Драчево, која со успех ја завршува во 2004 година.
Во 2004 година со благослов, и по препорака на тогашниот администратор на Повардарската епархија и митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј се запишува на студии на Богословскиот факултет при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“- во Софија, Р. Бугарија, каде што со одличен успех дипломира во 2008 година.
Во 2008 со благослов на митрополитот Повардарски г. Агатангел се запишува на магистарски студии (на истиот факултет), на магистерска програма „Вера и живот“ - Систематско и практично богословие, каде што под раководството на ментор доц. д-р
Љубомир Тенекеџиев магистрира на тема „ЦРКВАТА-ТЕЛО ХРИСТОВО И ПОЛНОТА НА СВЕТИОТ ДУХ“ во 2009 година, како првенец на генерацијата.
Во 2009, со благослов на митрополитот Повардарски г. Агатангел, ги запишува докторските студии (на истиот факултет) каде сеуште е докторант по Догматско богословие, а предава догматика и патрологија со хагиографија на Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Драчево.
http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe/index.php?option=com_content&task=view&id=1105&Itemid=68