Спортисти и уметници со Манифест во одбрана на македонскиот јазик

Скопје, 9 ноември 2011 (МИА) - Група македонски спортисти и уметници денеска  презентираа Манифест за сопирање на негирањето на македонскиот јазик и реагираа на изоставување на придавката „македонски“ во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.

Тие упатија апел до нивните колеги од сите фели кои живеат во земјата и странство да се потпишат на документот наречен „Манифест на Македониумот“ од кој примероци ќе бидат оставени во Домот на АРМ, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ и во Друштвото на писателите на Македонија. Откако ќе се соберат одреден број потписи, Манифестот ќе биде доставен до Делегацијата на Европската унија во Скопје и лично до еврокомесарот Штефан Филе.

Во иницијативниот одбор се Марин Докузовски, Индира Кастратовиќ, Венко Андоновски, Калиопи Букле, Симон Трпчески, Есма Реџепова, Дарко Митревски, Борис Трајанов и Гоце Смилевски. Станува збор за целосно неформална група која нема да продолжи да дејствува како тело што постојано ќе заседава.

- Манифестот е апел за сопирање на негирањето и премолчувањето на македонското име, јазик и култура. Реагираме на бришењето на македонското име и придавката „македонски“ за нашиот јазик. Иницијативата за овој текст доаѓа од спортистите, односно од оние луѓе кои најмногу се грижат за јазикот на телото. Така дојде до идеја спонтано да се собереме  од што произлезе овој Манифест, рече на денешната прес-конференција професорот и писател Венко Андоновски.

Негирањата и премолчувањата, истакна, се дел од документација која има европско и историско значење.

- Ако не се реагира на ваков начин, тие документи стануваат дел од европската и македонската историја. Нападите доаѓале и ќе доаѓаат од различни страни. Лично јас ова го сфаќам како продолжување на борбата што ја водеа Гане Тодоровски, Петре М.Андреевски и сега дојде на ред друга генерација да се соочи со премолчување на македонскиот јазик и идентите, додаде Андоновски.

Во Манифестот се вели дека Македонците се шокирани од актот на бришење на придавката „македонски“ и оти денес Македонците се рамо до рамо, ако не во економијата, тогаш во уметноста, науката и спортот со европските народи.

- Бришењето е чин кој како што покажува светската историја, никогаш не успеал, дури ни како картографски метод. Може да избришење и цела територија на некоја мапа, цела држава, но никогаш не ќе можете да избришете цел народ. И бидејќи ние Македонците сме народ, а никој никогаш не избришал народ, може некој таму да „избрише“ поединец-Македонец, но народот во целина не може. Апелираме да влијаете врз сите оние политички сили кои на Република Македонија и пристапуваат со гумичка за бришење и ве молиме да ги потсетите дека Македонија е реална, но и мистична земја. Зошто инаку би била спомената 28 пати во Библијата, стои во Манифестот.

Ние сме македонски спортисти и уметници, се вели во Манифестот и секој наш збор е македонски, секоја наша нота и ритам се македонски, секој наш погодок, пораз или победа се македонски, ние говориме македонски, ние свириме и пееме македонски.

Тренерот на македонската кошаркарска репрезнетација Марин Докузовски и главен иницијатор на Манифестот, рече дека на Европското првенство во Литванија неколку илјадници пати без проблеми се споменало името Македонија.

- Бевме горди што сме Македонци и сите со голема почит гледаа на нас. Кога дојдовме тука се случи негирањето кое ми беше неприфатливо и разочарувачки, потенцираше Докузовски.

Есма Реџепова посочи оти настапувала низ многу земји во светот и секаде со гордост кажувала оти доаѓа од Македонија, иако немала проблем на пее и на други јазици.

- Со години наназад и низ историјата се покажало дека навистина треба 100 пати нешто да ни се случи за да го кренеме својот глас и овој мирољубив народ токму од таа причина не го заслужува овој момент, а од друга страна моментот ме радува од причина што мора ова мало парче земја да е многу вредно штом толку многу се полемизира за нас. Нема да дозволиме да не уништат, ниту името и јазикот, а ако молчиме одобруваме, подвлече Калиопи Букле. лѓ/са/13:09