† СТЕФАН

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ИЛИН ДЕНС
КИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА


 
Возљубени наши чеда,
Денес го чествуваме големиот христијански празик Илинден, празникот кој, покрај своето црковно, има и историско значење за македонскиот слободољубив народ. Не случајно нашите предци го избраа овој ден да биде почеток на борбата за слобода, а светиот пророк Илија да биде заштитник на востанието. Како што тој се удостоил да не умре со природна смрт, така и идеалите на нашите илинденци живеат денес .

Возљубени празникољупци,
Поминавме три Илиндени - 1903, 1944 и 1991, со кои се потврдивме како народ кој ја сака слободата и правдата. Со борба и со жртви се изборивме за слободата на ова парче земја. А праведниот Бог нè одбра како народ и земја и нè запиша во Светата Библија. Својата милост кон нас Тој ја пројави со повикот на светиот апостол Павле да дојде и да го проповеда Евангелието меѓу нашиот народ. Таа Своја промисла кон нашиот народ Бог ја покажа и преку испраќањето на рамноапостолните браќа - светите Кирил и Методиј. Божја милост беше и што ни се вратија светите Климент и Наум, нивните најпознати ученици кои, врз темелите на некогашната Јустинијана Прима, ја организираа нашата Охридската архиепископија.

Како што Илинденците и сите наши борци, се бореа за слобода на нашата Татковина, така и нашата Света Црква постојано се бори за духовната слобода на својот народ. Затоа Илинден, за нас Македонците, е светол ден и симбол на нашиот непокор, на нашата љубов кон Татковината, слободата и еднаквоста меѓу сите народи. На сите наши илиндени, како и во сите наши борби, потврдивме дека го бараме само она што е наше, она што од Бога ни е дадено како на народ и земја. Со тоа покажуваме дека сме народ Божји, дека сме правдољубив и човекољубив народ. Низ нашата историја имаме многу примери дека Бог нè чува како народ. Што друго ќе нè зачуваше пред налетот на поробителите, ако не раката на Милостивиот?! Колку голготи претрпевме од Самоила до Карпоша, од Разловци и Кресна па до Крушево? Колку распетија поминавме за да дојдеме до слобода барем на дел од македонската земја? Господ нè чува како Свој народ, зашто го знае и нашето богољубие и човекољубие. Бог постојано нè поучува - љубете се еден со друг како што ве возљубив Јас. Почитувајте ги Моите заповеди и јас ќе бидам со вас до свршетокот на светот. Послушност од љубов, смирение од љубов, единство и еднодушие од љубов, тоа е она што го бара Бог од нас.

Возљубени чеда на
Македонската православна црква,
На Илинден, 1903 година, во Крушево, нашите дедовци беа сплотени како еден, дејствуваа како едно, се сакаа како браќа и сите посакуваа само едно – слобода! Слобода за овој напатен народ, слобода за овој вистинољубив народ кој, како и секогаш, кога нешто посакува - најнапред се моли на Бога, за Бог да го благослови неговото дело.

Во 1944 г., со одржувањето на АСНОМ, како и со формирањето на Свештеничкиот иницијативен одбор во селото Врановци, како народ успеавме да создадеме услови за возобновување на нашата држава и поставивме темели за возобнова и на нашата Света Црква – Охридската архиепископија, што и се случи во 1958 година. Така, веќе на Вториот црковнонароден собор беше обновена Охридската архиепископија како Македонска православна црква, на чие чело застана блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј. Со Одлуката на Светиот архиерејски синод, прифатена еднодушно и од членовите на Третиот црковнонароден собор, одржан во Охрид, на 17 и 18 јули 1967 година, конечно беше возобновена древната автокефалност на нашата Света Црква. Со тој чин се исправи една историска неправда, нанесена на македонскиот народ со неканонското укинување на Охридската архиепископија во 1767 година.

Во 1991 г. – на третиот Илинден, се роди независна и слободна Република Македонија - држава на македонскиот народ. Независноста на нашата држава, ни даде можност да се возобнови Охридската архиепископија како автокефална Македонска православна црква. Бог не ги оттргна очите Свои од нас и благоволи да имаме наша суверена држава и да имаме наша самостојна Црква.

Да Му се молиме на Бога да ни дава сили за да ги зачуваме и зацврстиме овие дарови. Да ја чуваме нашата света православна вера и да ги чуваме придобивките на независната држава. Љубовта е најсилното оружје со кое можеме да им се спротивставиме на сите кои сè уште не ја разбрале или не сакаат да ја разберат вистината за нашето историско име, за нашата култура, за нашиот јазик, за нашата древна Црква и за сè што е македонско.

Возљубени,
Оваа година нашата Македонска православна црква прославува значајна годишнина – 40 лета возобновен автокефален живот. Во овие децении на наше самостојно растење како Црква, сведоци сме на плодовите на нашиот духовен живот. Живееме и растеме преку благодатта од Бога, која секојдневно и изобилно ни се дава, како сила во нашата борба со злото и гревот. Со таа сила ќе успееме да ја победиме и неправдата од овој свет, која ни се нанесува од страна на некои од нашите соседи и, за жал, браќа по вера. Но, кога Бог е со нас, тогаш кој ќе може да е против нас?!

Во оваа историска година за нас, се потсетуваме и им оддаваме почит на сите оние коишто во овие четири децении се вградија себеси како живи камења во најсилниот бедем за опстој на Македонија и на македонскиот народ – се вградија во историјата на нашата Света Црква, давајќи придонес во нашето минато, како и во нашата сегашност и иднина. Врз нивните темели ние продолжуваме да го надградуваме нашето македонско, црковно и национално дело. Чувајќи ја верата и споменот на нашите славни илинденци, бранители и за сите оние кои низ вековите ги даруваа своите животи за слободата на нашиот народ и за доброто и напредокот на Македонија, - да се помолиме Бог да ги прими нивните души и да ги вброи меѓу праведниците. Амин!

Нека ни е честит и вековит Илинден!

АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
† СТЕФАН

ЧЛЕНОВИ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД:
КИРИЛ, Митрополит Полошко-кумановски
ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиско-новозеландски
ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски
НАУМ, Митрополит Струмички
АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
ПИМЕН, Митрополит Европски
ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
ГОРАЗД, Поранешен Митрополит Европски
КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски


На Илинден, 2007 Лето Господово