На Прочка, во црквата на светите Методиј и Кирил во Струмица, беше отслужена Вечерна богослужба. Митрополитот Струмички г. Наум одржа беседа и побара прошка од секој од присутните верни како и тие од него. Верните исто така си побараа прошка еден од друг. Потоа, Владиката ги посети манастирите во Струмичката епархија.

 

 

        

        

Несвесно и свесно

 Денеска е Прочка, ден одреден од Црквата кога треба да побараме простување од нашите ближни, од оние на кои свесно или несвесно сме им згрешиле, и да им простиме на оние кои свесно или несвесно нам ни згрешиле. Но, за вистински да побараме простување и вистински да простиме, неопходно е да станеме свесни во што се состои нашиот грев и каде е нашата вина. Знам дека и другпат сме зборувале за ова, но денешниот ден е добар повод да се потсетиме, за правилно да го искористиме периодот на светата Четириесетница и да поставиме нов почеток на покајание.

Ние кои сме Христови, повикани сме да бидеме сведоци Негови во овој свет. Повикани сме да Го сведочиме со мисла, со збор и со дело, во сила. Со еден збор, повикани сме да ја бараме Божјата правда во својот живот, а не човечката. Што е барање на Божја правда, а што е барање на човечка правда?  

Барање на Божја правда е кога во секој момент од нашиот живот се трудиме да живееме како што Богочовекот Христос живеел и како што Он ни заповедал да живееме. На пример, ја бараме Божјата правда кога во моментот на некое искушение, кога некој со нешто нè повредува, после нашата прва реакција, застануваме, се погледнуваме себеси и си велиме: „Колку сум јас сега различен од Христос. Дали Христос во мојата ситуација би ги имал тие чувства, тие мисли, дали би ги кажал тие зборови, дали би го направил тоа што јас сега го правам..?“ На тој начин секогаш ја наоѓаме вината во нас – во нашата несличност со Христос.

Барање на човечката правда е кога критериум на нашиот живот станува човекот – неговиот живот, неговите морални вредности, неговите закони и неговата правда. На пример, ја бараме човечката правда кога во моментот на некое искушение, кога некој со нешто нè повредува, си велиме: „Гледај што ми прави, а јас ништо лошо не му направив? Зошто ми враќа со зло на сите мои добрини кон него. Сега, ќе види он, како јас ќе му вратам за тоа зло!“ И кога според тоа постапуваме. На тој начин секогаш вината ја лоцираме во другиот – во неговото непостапување според нашето очекување и нашиот критериум за добро. 

Наједноставно можам да го објаснам сето ова ако речам: Секогаш кога постапуваме според заповедта на љубовта, нашиот ближен ќе го оправдаме, а вината ќе ја најдеме во себе. Кога, пак, не постапуваме според заповедта на љубовта, секогаш ќе се оправдаме себеси, а вината ќе ја најдеме кај нашиот ближен. Човечката правда е во суштина враќање со зло на зло, одрекување на Христос и богоборство. Божјата правда е кога на злото му враќаме со добро и сведочење на Христос. Богочовекот дојде да ги спаси оние што за себе мислат дека се грешни, а не оние што за себе мислат дека се праведни (види Лука 5, 32). Што има со Христос оној што за себе мисли дека е праведен и зошто нему би му бил потребен воплотен Бог?

Многу полесно ќе побараме простување од нашиот ближен ако опитно осознаеме во што се состои нашиот грев и зошто сме ние во секој случај виновни, и многу полесно ќе простиме.

Спомнав пред малку како треба да постапуваме ние кои се нарекуваме Христови после нашата прва реакција, која вообичаено е несвесна. Значи, постои прва реакција во моментот на искушението и постои момент кога можеме да запреме и да освестиме или размислиме што точно се случува, и со нас самите и воопшто. Разликувањето на овие две состојби е многу важен момент од нашиот православен духовен живот кој сакам да ви го посочам.

Првата наша реакција е секогаш несвесна и согласна е со нашата заробеност од страстите. Секогаш на првата дразба ќе реагираме или според страста на славољубието или според страста на среброљубието или според страста на сластољубието. Или ќе се почуствуваме како да ни е загрозенo егото (суетата, високото мислење за самите себе), или како да ни се во опасност парите и имотот, или како да ни се ускратени телесните наслади, и ќе возвратиме со контранапад за да се заштитиме. Ќе вратиме со зло за злото што мислиме дека ни е направено. Најсигурно е дека веднаш ќе ни се променат чувствата на лошо, а дали ќе вратиме и со лош збор или и со лошо дело, тоа зависи од околностите – јасно ви е, да не навлегувам во подробности. Ваквата реакција не треба да нѐ плаши и таа е очекувана, заради нашата заробеност од страстите. Она што треба да нѐ исплаши е ако после првата реакција не застанеме и не ги восогласиме нашите постапки со Христовиот живот и Христовите заповеди. Она што треба да нѐ исплаши и ужасне е ако и после првата несвесна и гревовна реакција свесно продолжиме со истата – свесно продолжиме да бараме човечка правда, а не Божја.

Задача на нас, кои се нарекуваме Христови, е: после првата наша реакција – која на првиот степен од нашиот духовен развој е секогаш според заробеноста од страстите – да го запреме нашето дејствие во таквата погрешна насока и со свесен и волев напор да ја пренасочиме нашата енергија во творење добро, во враќање на злото со добро, во барање на Божјата правда – притоа секогаш пронаоѓајќи ја вината за слученото во себе, во нашата неподобност со Христос.

Еве и со други зборови, накратко, како би требало – како Христијани – да реагираме во која било ситуација, а посебно лоша: Најпрвин сѐ што се случува во нашиот живот треба да го прифатиме како дар Божји, потоа треба да Му заблагодариме на Бог за дарот и, на крај, благодарењето треба да го претвориме во молитва. На тој начин ќе влеземе во процес на исцеление на нашите страсти, а демонот нема да може да се допре до нас заради квалитетот на нашата молитва. Ако не го прифатиме тоа што ни се случува како дар Божји, потребен според Божјата љубов и промисла за наше спасение и восовршување, и ако не Му заблагодариме на Бог за Неговиот дар, тогаш, ако и случајно по некоја навика – во такви ситуации – и се помолиме, нашата молитва нема да има никаква сила, а ние ќе останеме заробеници на нашите страсти и на демонот поврзан со нив.

Љубовта е секогаш слободна, а слободата е секогаш љубовна. Одземете ѝ ја слободата на љубовта и одземете ѝ ја љубовноста на слободата, и од нив нема да остане ништо. Затоа деца, љубете и не барајте да ви возвратат со љубов. Бидете слободни и љубовни. Барањето да ви возвратат со љубов веќе ја ограничува вашата љубов и таа паѓа. Барањето да ви возвратат со љубов не е љубов, и вие не сте слободни, туку сте робови на своето самољубие. Љубовта која не бара е слободна љубов, таа е неограничена и не зависи од ништо. Љубовта која не бара е вечна, таа нема крај, таа никогаш не завршува. Тоа е Божествена љубов. Слободната љубов на крајот и ќе победи, затоа што ќе му остави доволно простор и време на љубениот слободно да ѝ одговори со љубов.

                                                                                                                                

Митрополит Струмички Наум

(според записот на сестрите)