ЧЕТВРТА КНИГА

bogorodica.k.dol.jpg

ПСАЛМ 104
Возвеличување на Бога поради
Неговите добрини кон Израил

1 Славете Го Господа; повикувајте го Неговото име; разгласувајте ги меѓу
народите делата Негови.
2 Славете Го и пејте Му; кажувајте ги сите Негови чудеса.
3 Фалете се со Неговото свето име: нека се весели срцето на оние, кои Го
бараат Господа.
4 Барајте Го Господа и утврдувајте се, барајте го секогаш лицето Негово.
5 Спомнувајте ги чудесата Негови, што ги направи, чудесата Негови и судовите
од устата Негова,
6 вие, семе Авраамово, слуги Негови, синови Јаковови, избраници Негови.
7 Тој е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја.
8 Тој вечно го помни заветот Свој, зборот што го заповедал во илјада родови,
9 Што му го ветил на Авраам, и заклетвата Своја на Исак;
10 и му го поставил тоа како закон на Јаков и како вечен завет на Израил,
11 велејќи: „Тебе ќе ти ја дадам хананската земја во ваше наследство.”
12 Тогаш тие беа уште малку на број, многу малку, и беа придојдени во неа,
13 па одеа од народ во народ, од едно царство кон друг народ;
14 никому не му дозволуваше Тој да ги угнетува и цареви за нив караше:
15 „Не допирајте се до Моите помазани, на Моите пророци не правете им
зло!”
16 И пушти глад во таа земја и секој лебен клас го сотре.
17 Испрати пред нив човек: како роб беше продаден Јосиф.
18 Ги стегнаа во окови нозете негови, железо околу вратот негов,
19 додека се исполни зборот негов: зборот Господов го потврди.
20 Царот прати по него, го одврзаа, кнезот над народите го ослободи.
21 Го постави за домаќин над домот свој и управител над сиот имот свој,
22 за да ги поучува кнезовите според својата волја и старешините негови да
ги учи на мудрост.
23 Тогаш дојде Израил во Египет, и Јаков се всели во Хамовата земја.
24 Го умножи Бог многу Својот народ и го направи посилен од непријателите
негови.
25 Се преврте срцето нивно и тие го замразија народот Негов, и почнаа да
им пакостат на слугите Негови.
26 Го испрати Мојсеј, слугата Свој, и Арон, кого го избра.
27 Тие ги покажаа меѓу нив Неговите знаци и чудесата Негови во Хамовата
земја.
28 Испрати темнина и се смрачи, и тие не се спротивставија на зборот Негов.
29 Ја претвори водата нивна во крв и ја уништи рибата нивна.
30 Се исполни земјата нивна со жаби, дури и собите на царот нивен.
31 Тој заповеда: и нападнаа рој муви и мушички по сите нивни предели.
32 Наместо дожд, испрати врз нив град, оган што ја гореше земјата нивна,
33 и ги уништи лозјата нивни и смоквите нивни, ги сотре сите дрвја во нивните
предели.
34 Рече и нападнаа скакулци и гасеници безброј;
35 и ја изедоа сета трева по земјата нивна, ги испојадоа сите плодови на нивите нивни.
36 И го погуби секое првородено во земјата нивна, првините од сиот нивен
труд.
37 Ги изведе Израилците со сребро и злато, и немаше болен во племињата
нивни.
38 Се зарадува Египет поради нивното излегување, бидејќи го беше обзел
страв од нив.
39 Тој им простре облак како покрив и оган, за да им свети ноќе.
40 Бараа, и Тој им прати потполошки и со леб небесен ги наситуваше.
41 Расцепи камен и потекоа води, потекоа како река по безводната земја,
42 зашто се сети на Својот свет збор кон Авраам, Својот слуга.
43 Па го изведе Својот народ со радост, Своите избрани - со веселба,
44 и им даде незнабожечки земји, и така наследија плодови од други народи,
45 за да ги чуваат наредбите Негови и да ги исполнуваат законите Негови.

 

Aleksand.Lit.jpg

„Ќе му пеам на Господа се додека постојам.  “


Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.


Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила  Божја. 
Господ наш  Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!

о. Горан Тасески

vinjeta.m.jpg

 ПСАЛМИ

Вовед

Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.

Извор: БИБЛИЈА

Друго:

bogorodica.k.dol.jpg

„НА РЕКИТЕ ВАВИЛОНСКИ“

 Ново издание од Повардарската епархија (18.02.2010)