Sample Image

Sample Image

Sample Image

Деновиве се навршија три години од отпочнувањето на функционирањето на црковно-народната кујна во Велес.  Кујната во Велес е само еден сегмент од хуманитаната дејност „Ѓаконија“ која работи под духовно водство на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, бидејќи во склоп на оваа дејност веќе 12 години работат и две кујни во Скопје, во црквите „Св. Петка“ во Пржино и „Св. Петар и Павле“ во Ѓорче Петров. Кујната во Велес, како и двете во Скопје во целост ја исполнија и ја исполнуваат зададената цел, да обезбедат по еден топол оброк во денот за сите оние наши браќа и сестри кои живеат во супстандардни услови на работ на егзистенцијата, а кои за жал ги има многу.  Опстојувањето на црковната кујна е вистински пример, како што Библијата нè учи, како треба во неволја и тешкотија да му помагаме на човекот, и токму во тешкотија и несреќата  да ја покажеме нашата вистинска подготвеност за љубов кон ближните. Токму оваа евангелска доктрина ќе биде патеводителка, вдахновение и инспирација за Митрополитот Агатангел, за во 1998 година, со благослов на Архиепископот Михаил, да ја создаде мисионерско-хуманитарната дејност „Ѓаконија”, која низ сите овие години духовно ќе ги просветува, облекува и нахранува прво најсиромашните, а потоа и останатите наши ближни, не прашувајќи ги за нивната вера, народност или убедување. И покрај реалните тешкотии со кои се соочува „Ѓаконија”, кои пред сè се од финансиска природа, сепак, со огромни инсистирања и напори на г. Агатангел, таа и ден-денеска ги принесува своите благочестиви плодови.

По повод одбележувањето од годишнината на овој настан, Повардарската епархија изразува бескрајна благодарност на сите жени, кои волонтерски, несебично и пожртвувано секојдневно работат и се грижат за беспрекорното функционирање на кујните, како и на сите добронамерни луѓе кои вистински си ја сакаат својата вера и кои во духот на верата многупати ги потврдиле евангелските начела на љубов и грижа со несебичното донирање на производи за потребите на кујните.

 Сите оние наши браќа и сестри кои сакаат со свои средства да го помогнат функционирањето на црковните кујни тоа можат да го сторат тоа на ж-сметка: 200000098791388 или со намирници кои можете да ги донесете во Повардарската епархија, а за секоја информација поврзана со кујните можете да се обратите кај координаторот, отец Анѓел Станчев на моб. 071 915 608.

Sample Image

Извор: Повардарска епархија