HRISTOS.Nerakotvorenub.jpg

Во средата од Страсната седмица светите отци одредиле да се врши сеќавање на жената која со миро го помазала Христа и така го подготвила за погреб; и на Јуда предавникот, кој одлучи да го предаде својот Учител за 30 сребреници.
Синаксар

 Додека жената грешница донесе миро, ученикот се договараше со беззакониците. Таа се радуваше да излее скапоцено, а тој побрза да го продаде Оној Кој е непроценлив. Таа Го призна Христа како Господ, а тој се одлачи од Владиката. Таа стана слободна, а Јуда роб на непријателот. Тежок беше неговиот недостиг на љубовта! Големо беше нејзиното покајание! Дај ми и мене такво покајание, Спасителу, кој заради нас страдаше и спаси нè!
Утрена, Велика среда

Молитва на Великото Елеосветување:
 Господи, Кој со милоста и милосрдието свое ги исцелуваш страданијата на нашите души и тела, Ти сам, Владико, освети го овој елеј, за на оние кои се помазуваат со него да им биде за исцеление и одстранување на секоја страст и нечистотија на телото и духот и секое зло, за и во ова да се прослави Твоето пресвето Име на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.

 Во Великата среда се прави Велико Елеосветување.

 Подготви: А.Л.


Преподобен Тит Чудотворец     15/04/2009

Од младоста Го возљуби Христа и го замрази овој суетен свет. Заради ова го остави светот, отиде во манастир и прими ангелски образ. Не жалејќи се себеси се предаде на скрбен и тесен монашки пат. Преку големо трпение ги стекна двете основни добродетели: послушанието и смирението и со нив ги надмина „не само браќата туку и сите луѓе“. Од младоста ја зачува чистотата на душата и телото. Во времето на иконоборната ерес се покажа како непоколеблив столб на Божјата Црква. Заради неговото големо смирение и чистота, Бог му даде дар на чудотворство и за време на животот и по смртта. А кога се пресели кај Господ, остави многубројни ученици зад себе. Се престави во 9 век.

Светите маченици Амфијан и Едесија     15/04/2009

Две момчиња, браќа по тело. Од градот Патара, од родители угледни но незнабожци. Кога во градот Вирит ги изучуваа светските науки некако се просветија со Духот Божји и ја познаа лажноста на незнабожието, а ја наѕреа вистината на христијанството. Па кога се вратија дома не можеа повеќе да живеат со своите родители и роднини незнабожци, туку тајно побегнаа во Кесарија Палестинска кај презвитерот Памфил, којшто беше познат по светоста и духовната ученост. Кај Памфил дење и ноќе се поучуваа на законот Божји и ги практикуваа христијанските подвизи. За Амфијан велат дека по тело бил стар дваесет години, а според разумот и великодушноста стогодишен. Кога настана гонењето во времето на Максимин, мнозина христијани побегнаа од градот и се сокрија, додека другите драговолно и радосно се предадоа во рацете на мачителите за да пострадаат во името на Оној Кој Самиот прв за нив пострада. Амфијан беше меѓу овие христијани. Дојде во незнабожечкиот храм бестрашно, а овде кнезот Урбан им принесуваше жртви на идолите. Амфијан го фати за раката со која кнезот ја држеше жртвата и му викна да отстапи од служење и жртвопринесување на мртвите идоли, а да Го познае вистинскиот Бог. Некои што ги слушнаа овие зборови и ја видоа оваа храброст на Амфијан се покајаа и ја примија Христовата вера. Но кнезот се разлути и го подложи Амфијан на маки. Меѓу другото му ги обвиткаа нозете со памук и го запалија. Но кога остана жив, го фрлија во морето со камен на вратот. Морето се возмути и го исфрли телото на Светиот маченик. Едесиј најпрво беше испратен во бакарните рудници во Палестина, а потоа го одведоа во Мисир. Во Александрија се исполни со света ревност против еден кнез Ероклеј, којшто ги имаше собрано христијанските монахињи, девојки и чесни жени на плоштадот и за подбив им ги раздаваше на најбесрамните развратници. Едесиј се исполни со света ревност и на бесчесниот кнез му удри шлаканица. За ова тој, како и неговиот брат Амфијан, беше мачен и потопен во морето. Се жртвуваа за Христа како две невини јагниња околу 306 година.