Hristos.voSila.jpg

 Очистени со душата и духот, носејќи гранчиња на верата, како дечиња да пееме пофални песни на Христа, громогласно воскликнувајќи на Владиката: Благословен си, Спасителе, Кој си дошол да го спасиш Адама од древната клетва и Кој со човекољубието Твое благоизволи духовно да станеш нов Адам, Слово, устројувајќи сè за наше добро, слава Ти.
Утрена, Лазарева сабота

 Поуки од светите отци: Дали ти е направена неправда, дали си ограбен и оклеветен и повреден во работите кои за тебе се од најголемо значење; сакаш да го видиш својот непријател казнет? Но, дури и за тоа, подобро за тебе е да му простиш.
Свети Јован Златоуст

Молитва:
 Нашите денови се во Твои раце, Боже. Помогни ни да ја вложиме сета своја сила, своето срце и ум помагајќи им на ближните. Помогни ни, најпрвин, сами себе да си помогнеме, а потоа едни со други да ја делиме Твојата љубов во сите наши дела, секогаш славејќи Го и фалејќи го Твоето свето Име. Амин.

 Читање од Светото Писмо:
 Исаија 65, 8-16
 Битие 46, 1-7
 Соломонови Изреки 23, 15-35; 24, 1-5
 
  Созерцание: На некого - ах, на некого - ох, на некого - кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи?
Соломонови Изреки 23, 29

Подготви: А.Л.

Hristos.voSila.jpg


 Од Верскиот календар на МПЦ

Светата маченичка Матрона

Како сиромашна девојка беше слугинка во куќата на еден Евреин во Солун. Жената на Евреинот постојано ѝ се потсмеваше за нејзината вера во Христа и ја наговараше да се одрече од Него, а да оди во синагогата. Но кротката Матрона ништо не ѝ одговараше на својата госпоѓа, а тајно Му се молеше на Господ Христос. Еднаш Еврејката дозна дека кришум од неа Матрона отишла в црква, па сета во гнев ја запраша зошто не отишла во синагогата туку в црква. Матрона ѝ одговори: „Затоа што во христијанската црква живее Бог, а од еврејската синагога Он отстапи“. Бесна заради овој мажествен одговор Еврејката ја натепа и ја затвори во една темна одаја, а уште и ја врза. Но утредента ја најде одврзана со Божјата сила како клечи на молитва и Го фали Бога. По ова уште на двапати Еврејката ја затвараше и ја мореше со глад додека слугинката не ја испушти душата. Тогаш нечестивата жена го зеде телото на Светата девојка и од високо од нејзината куќа го фрли на земја. Христијаните го зедоа телото и чесно го погребаа, а кога епископот Александар ги дозна многубројните чуда на Светата маченичка, на нејзиниот гроб подигна црква. Злобната Еврејка наскоро ја постигна праведна казна: од истото место на куќата од коешто го фрли долу телото на Св. Матрона, таа се лизна, падна на калдрмата и намртво се разби.

Преподобен Јован Проѕорлив

До неговата дваесет и петта година беше дрводелец, а потоа гонет од неодоллива желба за постојана молитва се оддалечи во пустина и таму поживеа до својата смрт, т.е. до деведесеттата година. Телесен но како бестелесен. Проѕираше во срцето на секој човек што ќе му се приближеше и можеше да му го погоди и името и неговата желба и мисла. На царот Теодосиј му го прорекуваше исходот на битките; им прорекуваше на војводите, монасите и на секого којшто имаше потреба да дознае што се крие во темнината на идните денови за него. Еден кнез го молеше да ја прими неговата жена, која особено сакаше да го види. Светителот не сакаше да ѝ удоволи на празната љубопитност, туку во сон ѝ се јави на кнегињата таков каков што е. Кога жената му го опиша на мажот нејзиното видение, тој ѝ потврди дека ликот на Светителот е навистина таков. Своите посетители ги поучуваше за смирението како за основна добродетел, секогаш наведувајќи примери од животот  како многубројни возвишени карактери гордоста ги урнала во прав, а ги навела на тешки гревови. Самиот издржа големи напади од демоните. Еднаш му се јави сатаната со множество демони во вид на сјајни ангели. Тие го гонеа да му се поклони на сатаната, мамејќи дека тоа е Христос. А светителот мудро им одговори: „На Царот мој Исус Христос јас Му се поклонувам секој ден; да беше ова Тој немаше од мене особено да бара токму сега да Му се поклонам“. По овие зборови целата зла сила исчезна како чад. Св. Јован Проѕорлив се упокои мирно коленичејќи на молитва, во неговата деведесетта година.

Преподобен Пафнутиј

Ученик на Св. Антониј Велики. Со светоста на животот многумина ги обрати на патот на покајанието. Една од нив е и Св. Таиса (под 8 октомври). Повеќе личеше на бестелесен ангел одошто на телесен човек. Се упокои на крајот од 4 век.