Borislav1.jpg

29. 03. 2009 - храм на св. Јован Крстител во населбата Капиштец, во  Скопје


Borislav1.jpgЧЕТВРТА НЕДЕЛА ОД ВЕЛИКИОТ ПОСТ

*Овој род со ништо не може да се истера освен со молитва и пост*

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин! Благочестиви христијани, драги браќа и сестри, денес ја славиме Четвртата недела од Великиот пост, посветена на свети Јован Лествичник, кој живеел во шестиот век. Неговиот живот бил исполнет со молитва и безгранична љубов кон Бога. На триесетото скалило - степенот на совршенството, тој ја докажал својата воздржливост како принц на сите страсти. Свети Јован Лествичник дал и дефиниција за христијанинот: "Христијанин е оној кој го слави Христа и во мислите, со зборови и со дела, колку е тоа можно за човечкото битие, беспрекорно верувајќи во Светата Троица".
Свети Јован Лествичник бил монах и затоа неговите совети биле прочуени низ монаштвото. Еднаш кога го прашале за совет на брачни другари, за луѓе кои се соочуваат со големи земски грижи и социјални проблеми, тој вака им одговорил: правите што повеќе добри дела; не зборувајте лошо за никого; не мразите никого; одете редовно во црква, бидете милостиви спрема сиромасите, никого не навредувајте, не ја уништувајте домашната среќа на другиот човек - куќната хармонија и расположение, бидете задоволни со она што го имате. Ако вака се однесуваш, брате христијанине, не си далеку од Небесното Царство.
Најголем број од поуките на свети Јован Лествичник се однесуваат на верата, надежта и љубовта, кои тој ги нарекува Света Тријада на христијанската душа. За верата ни говори и денешното Евангелие во расказот за исцелувањето на момчето "во кого има нем дух; и секогаш каде и да го фати,го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите и се здрвува." ( Мк. 9, 17-18 ) . Христовите ученици не можеле да го ослободат од оваа напаст и да го излечат. Христос тоа го протолкувал како резултат на неверувањето на родителите на момчето во силата Божја, зашто погледај "Се е можно за оној што верува!" ( Мк. 9, 23).
Подоцна, кога биле насамо, апостолите го прашале Христа, зошто тие не можеле да го излечат, а Христос им одговорил: "Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост. "Тоа е лекот, браќа и сестри, со кој ова момче може да се излекува, друг лек не постои за болеста од која ова момче боледува - присуство на лошиот дух, кој се труди конечно, во недостаток на вера и надеж во Бога, да го упропасти телото и душата човечка.
Благочестиви христијани, во оваа четврта средопосна недела на Великот пост, и нам ни се поставува прашањето: дали и ние постиме правилно? Во никој случај постот не треба да се состои само од промена на храната, главно е да не допуштаме да грешеме. Постот не е цел самиот по себе, туку е средство за достигнување на посовршен духовен живот. Ако сме постеле правилно, значи сме ја зајакнале верата во нашиот Бог, а со тоа зајакнување на верата треба да покажеме поголема љубов како спрема Бога така и спрема своите ближни. Да не се колебаме во нашата вера. Да бидеме приврзани, одани и предани на Христа.
Постот е воздржување. Но најважно е душата да се воздржи од гревови. Постот, како откажување од храната и гревовите, навистина претставува испит на нашата озбилност во Великиот велигденски пост. Посебно ние, кои живееме во земја на големо материјално изобилие, во овие денови не смееме да им завртеме грб на светата Црква и црквената дисциплина во погледот на постот и постојаните молитви. И на крај, покрај постот и молитвата, исповедувањето на гревовите и светато Причестување би требало да бидат круна на нашиот пат низ овој Велики пост. Навистина Христос јасно и гласно го објаснил своето барање со свие зборови: "Ако не примите света Причест, вие немате живот, вие немате страв Господов, вие немате вера и љубов кон Бога.
Затоа, браќа и сестри, да се помолиме сите заедно на Исуса Христа, да ни даде сила докрај доследно да го издржеме Великиот пост и тоа онака како доликува на вистински христијани:
О, Исусе благ, лекаре наш и помошник во сите беди, закрепи не со силата на твојот Свет Дух, за да можеме да се придржувеме според твоето спасоносно правило за постот и молитвата, заради наше спасение и спасение на нашите ближни. Тебе слава и благодарност во сите векови. Амин!

29. 03. 2009, во храм на св. Јован Крстител, Скопје

 протоереј Борислав Лазов

Borislav1.jpg

Посети: {moshits}